Македонија
За 24 часа издадени потврди на 1.784 мигранти
Во четвртокот од страна на МВР биле издадени потврди на вкупно 1.784 странски државјани, од кои 751 се од машки пол, 369 се од женски, 660 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште четири деца кои патуваат без родител, на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Авганистан–893, Сирија-642 и Ирак-249.
Од почетокот на годината па до 7-ми јануари, издадени се потврди на вкупно 15.808 странски државјани, од кои, 6.585 се од машки пол, 3.296 се од женски, 5.875 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 52 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-6.685, Авганистан-5.806 и Ирак-3.317.
До Секторот за азил не се поднесени барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Од почетокот на годината пак, до Секторот за азил поднесени се три барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил на четири малолетни лица од Авганистан.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 7-ми јануари евидентирани се вкупно 14 баратели на азил од кои седум мажи, три жени и четири деца со придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, 11 баратели на азил (еден мажи, една жена, три малолетни лица со придружба на старател и шест малолетни лица без придружба на старател) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова он-лајн апликација за увид во статусот на барањата во електронскиот систем на Катастарот
Агенцијата за катастар на недвижности, во согласност со најавите, продолжува со дигитализација и модернизација на услугите, со цел целосна дигитална трансформација на институцијата. Од денес, официјално е пуштена во употреба апликацијата за увид во статусот на барањата поднесени и заведени во електронскиот систем на Катастарот.
Со новата апликација, се зголемува ефикасноста, а граѓаните и професионалните корисници брзо и едноставно ќе можат по електронски пат да го следат статусот на своите предмети. Откако ќе поднесат барање, неговиот статус ќе биде достапен во реално време – не повеќе од 1 час по поднесувањето.
„Ги слушавме вашите повратни информации, ги анализиравме проблемите и се обврзавме да создадеме решение кое не само што ќе ги надмине овие предизвици, туку и ќе нè поттикне напред во дигиталните иновации“, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски. Тој додаде дека граѓаните остануваат главен приоритет, а дигитализацијата е високо на агендата на актуелното раководство.
Станува збор за апликација која подолго време била нефункционална и надвор од употреба. Новата апликација e достапна преку веб-страницата на Агенцијата во делот „Увид во статус на предметот“. За користење, потребно е да се внесе кодот од потврдата за прием на барањето, по што ќе се прикажат основните податоци за типот на барањето и неговиот моментален статус, со ажурирање во рок од најмногу 1 час.
„Ова е ново поглавје во нашата дигитална трансформација. Со оваа апликација не само што сме во чекор со технолошките трендови, туку го забрзуваме темпото кон целосна модернизација на институцијата. Ги охрабрувам сите заинтересирани да ја користат апликацијата и со внесување на кодот од потврдите за барањата да го проверат статусот на предметите.“, додаде директорот Живковски.
Линк до апликацијата: http://status.katastar.gov.mk:8080/status-work/Login.jsp
Македонија
Мицкоски: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски преку објава на социјалните мрежи извести дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.
„На државата и граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и сериозни промени наспроти досегашните пракси на злоупотреби кои имаат пуштено длабоки корени во системот.
Македониjа мора да се бори против своето корумпирано мочуриште кое jа држи заробена и заложник и е причина за неjзино пропаѓање и разочарување кај многу од граѓаните. Затоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, кој според мое длабоко убедување е дел од системот кој останува главното упориште на корупцијата, неправдите и разочарувањата. Македониjа мора да победи!“, напиша Мицкоски.
Македонија
Меџити на Безбедносниот форум во Вашингтон: Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалниот мир
Во рамки на официјалната посета на Вашингтон, првиот потпретседател на Владата Изет Меџити учествуваше на Меѓупарламентарниот безбедносен форум што го организираа конгресмените Пит Сешнс и Роберт Адерхолт.
На овој форум се разговараше за безбедносни прашања за Западен Балкан и за Европската Унија, со фокус на потребата од зајакнување на одбранбените институции и зголемен ангажман на земјите од регионот во НАТО.
Во својот говор пред учесниците на Меѓупарламентарниот безбедносен форум, Меџити истакна дека поддршката на Соединетите Американски Држави за одбранбениот сектор на Западен Балкан, по кризата предизвикана од војната во Украина, била и останува клучна.
„Северна Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалниот мир и безбедност, како одговорен актер и извор на извоз на регионалниот мир“, истакна првиот вицепремиер Изет Меџити.
Инаку, на овој форум учествуваа и претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кои ги споделија своите искуства во безбедносните предизвици.