Култура
Три ексклузивни гостувања на МОТ
Три ексклузивни театарски гостувања, три македонски продукции и уште три интересни претстави ќе ја исполнат годинешната главна програма на 37-от петдневен Млад Отворен Театар, што ќе почне на 21 септември во МКЦ.
Во шестте театарски денови на МОТ ќе се случат многу предавања, работилници, тренинзи, презентации и промоции, а целиот фестивал ќе се одржува под мотото „Нешто е гнило“.
„На наше особено задоволство годинава МОТ бр.37 се отвора со ‘Пред ваши очи’ на Гоб Сквод, трупа составена од англиски и од германски уметници, со претстава во којашто играат деца од 8 до 14 години, наменета за возрасна публика. Како ексклузива на фестивалот е гостувањето на компанијата на Јо Стромгрен од Норвешка со една танцова претстава насловена како ‘Граница’, а на овој МОТ не помалку важно е и гостувањето на Андреј Жолдак од Украина и неговото режисерско дело ‘Војцек’ во продукција на Слобода Жолдак Театар“, рече директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски.
Фестивалската програма ќе ја збогатат и „Хипермнезија“ на режисерката Селма Спахиќ, „Мефисто“ на Словенско младинско гледалиште во режија на Едвард Милер и „Недопирливите“ на Петар Бохаќ во продукција на Спитфајр Компани од Чешка.
„Дел од програмските единици на фестивалот ќе се одржуваат во Универзалната сала, дел во Драмски театар, дел во Градското кино Милениум, а најголемиот дел во МКЦ, со што ќе можеме и официјално да ја промовираме целосно реновираната и технички модерно опремена Денсинг сала“, додаде Стевковски.
Трите македонски продукции што годинава беа селектирани за главната програма на фестивалот МОТ се „Змејовата невеста“ на прилепскиот театар „Марко Цепенков“ во режија на Нела Витошевиќ, „Питачка опера“ на Албанскиот театар од Скопје во режија на Дино Мустафиќ и „Конфузија“ во режија на Биљана Радиновска, а во продукција на Универзитетот Евро Балкан и Локомотива.
Во рамки на фестивалот ќе се одржат и неколку работилници меѓу кои: „Кратки резови“ на хрватската професорка Аида Буквиќ, од чиишто работилници се очекува да произлезе и завршна презентација на резултатите од работилницата во вид на претстава; предавања на Јо Стромген на тема „Гостување во странство“, што овојпат ќе биде наменето за продуцентите што се занимаваат со независен театар, а сите заинтересирани ќе имаат можност да ги чујат советите и на Андреј Жолдак.
Во офф програмата на 37-от МОТ првпат ќе се одржат филмски проекции на театарски продукции што ќе бидат емитувани во рамки на Кино-театар програмата, секојдневно ќе се одржуваат специјални сесии насловени како „На појадок со…“ со гостите од фестивалот, а Љубиша Никодиновски – Биш, основоположникот на МОТ ќе говори за тоа како се раѓаше МОТ во 1976-та и низ кои се премрежја поминал неговиот живот, а работилницата е симболично наречена „ МОТ, ЗОШТО, КОГА, КОЈ, КАКО – Ние одиме понатаму”.
Европската унија ќе одржи и видео промоција на успешни проекти од програмата „Култура 2007-2013та“, а ќе биде одржана и една дебата на тема: „Независниот театар во Македонија и во регионот“.
Советот на фестивалот МОТ 2012 година е во состав: Зоја Бузалковска, Жанина Мирчевска, Нина Николиќ, Билге Емин, Никола Ристановски, Љубиша Никодиновски-Биш, Златко Стевковски, Ванчо Богоев и Русе Арсов.
Град Скопје од Буџетот за одржување на фестивалот МОТ одвои 1,5 милиони денари.
Цената на билетот за претставите поединечно чини 300 денари, а цената на фестивалскиот билет за сите претстави чини 1.200 денари, а ќе бидат во продажба на билетарата на МКЦ од понеделник 17 септември./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Једен ансамбл“ од Турција в недела во КИЦ
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје информира дека во рамките на јубилејното 25-то издание на фестивалот „Есенски музички свечености“ ќе се одржи концерт на „Једен ансамбл“ од Турција на 9.11. 2025 г. (недела), со почеток во 20 часот, во Салон 19.19 (Културно-информативен центар).
На концертот ќе учествуваат: Руи Азиз – каманча, Халил Ибрахим Доѓан – неј, Реџеп Белен – тамбура, Наваф Хамед – канун и Бураг Месробјан – перкусија.
Једен Ансамбл е основан во Виена во 2018 година и организира концерти во различни делови на Европа, специјализирајќи се за класична турска и турска суфиска музика. Групата е единствена во Австрија и една од ретките во Европа со ваков фокус. Репертоарот обединува дела од 10 век до денес, во разни форми и структури, изведени на акустични инструменти како неј, танбура, уд, канун, кеменче и бендир, а понекогаш настапуваат и гостински уметници. Ансамблот изведува инструментални, побожни и вокални форми со соодветни инструменти, а бројот на изведувачи се прилагодува според проектот. Настапуваат во Австрија и низ Европа, вклучувајќи Германија, Унгарија, Чешка и Полска, учествувале на многу меѓународни фестивали, а нивните настапи биле прикажани и на значајни телевизиски канали како ТРТ.
Публиката во Скопје ќе има ретка можност да ужива во извонреден музички спој на историја, духовност и уметничка прецизност, кои го одразуваат богатството на ориенталната музичка традиција, вели организаторот.
Настанот е поддржан од Турскиот културен центар – Институтот „Јунус Емре“ во Скопје.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворено првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност
Пред бројна публика во македонскиот КИЦ во Загреб беше отворено првото издание на Фестивалот на современа македонска книжевност којшто македонскиот КИЦ го реализира во соработка со реномираната македонска издавачка куќа ,,Македоника литера“ .
Фестивалот го отвори директорката на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска која истакна дека, целта на Фестивалот е да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог. Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат.
Пред присутната публика се обрати македонскиот амбасадор во Хрватска Н.Е. Драган Ѓурчевски кој ја истакна важноста на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.
Директорот на издавачката куќа “Македоника литера” , Нове Цветаноски, ги претстави изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обрати Драго Гламузина, писател и уредник.
Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски.
Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста.
Во рамките на годинашната фестивалска програма беше отворена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од Друштвото за издавачка дејност ,,Македоника литера“, која досега има публикувано близу 50 наслови од хрватската книжевност.
На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска.
Вториот ден од Фестивалот продолжува со трибина ,,Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод и промоции на академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на ,,Бели мугри” од Кочо Рацин.
Култура
Триесет години музика и љубов: „Фолтин“ со концерт во Македонската филхармонија
На 22 Ноемвриво салата на Македонска Филхармонија во оваа за нив јубилејна година 30 години постоење ќе настапи групата Фолтин.
Концертот е во организација на МГ Мјузик Продукција.
Билетите се во продажба на мрежата на Karti.com.mk
Групата “Фолтин” е основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот изворен јазик е повеќе уметнички и експериментален, а текстовите се фонетска имитација на неколку природни јазици од медитеранскиот регион, што тие самите го нарекуваат “спонтан есперанто”. “Псевдо-емигрантско кабаре” е нивниот карактеристичен звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Подоцна, со текстовите на македонски јазик, Фолтин отвора ново поглавје, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од алтернативниот рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре.
Групата има десетина студиски изданија. Потпишува музика на триесетина театарски претстави и неколку филмови (“Плати и жени”, “Со љубов”, “Исцелител”, “Медена земја” и др.)
Фолтин се:
Пеце Николовски – кларинет, каос-пад, усна хармоника
Пеце Трајковски – електронски акордеон, електрична гитара
Гоце Јованоски – бас
Славчо Јовев – тапани
Бранислав Николов – вокал

