Македонија
Владата усвои заклучоци за фер и демократски избори
Владата усвои повеќе оперативни заклучоци кои произлегле од првата работна координативна средба на владиниот кабинет и членовите на Државната изборна комисија (ДИК), кои се во насока на организација на фер, кредибилни и демократски избори.
Владата се обврзала на секоја седница на Владата, како прва точка на дневниот ред, да се разгледуваат отворените прашања поврзани со тековното работење на Државната изборна комисија во функција на задоволување на нејзините потреби и барања, како и разгледување на конкретни активности што Владата и другите државни органи треба да ги реализираат во функција на непречено одвивање на претстојните избори на пратеници во Собранието, со оперативни предлог–заклучоци.Со цел да се обезбедат соодветни просторни услови на ДИК, Владата го задолжила Генералниот секретаријат, да обезбеди три простории за потребите на Државната изборна комисија, на првиот кат во административната зграда (објект на поранешното НИП Нова Македонија), а истовремено е задолжена и Службата за општи и заеднички работи, да изврши целосно техничко и безбедносно опремување на просториите на Државната изборна комисија со цел обезбедување на висок степен на безбедносна заштита во овие простории во кои ќе се чуваат сите материјали поврзани со претстојните избори на пратеници во Собранието.За обезбедување поголема функционалност и динамизирање на процесот за утврдување на избирачкиот список, Владата, исто така, ги задолжила Фондот за здравствено осигурување, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Агенцијата за вработување, Управата за водење на матична евиденција, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар, Управата за јавни приходи, како и министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ѝ препорача на Народната банка на Република Македонија, да потпишат договори и меморандуми за соработка со Државната изборна комисија, во насока на пренос и мигрирање на податоците од регистрите, базите на податоци со кои располагаат овие институции, во функција на ажурирање на Избирачкиот список.Исто така, Владата донела одлука за отстапување и времено користење на вкупно 50 автомобили кои ќе бидат на располагање на Државната изборна комисија, согласно нејзините потреби.Воедно Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи, да ги покрие финансиските трошоци на Државната изборна комисија кои се поврзани со печатењето и копирањето на документацијата за потребите на Државната изборна комисија. Владата изразува подготвеност за намирување на трошоците за спроведување на теренските активности на ДИК.Владата ѝ препорача на Државната изборна комисија да достави писмен допис до Дирекцијата за заштита на лични податоци, во кое ќе побара појаснување во однос на тоа кои податоци на граѓаните можат да бидат јавно достапни и објавени при законската обврска на Комисијата за јавно објавување на Избирачкиот список, согласно одредбите од Изборниот законик, а Дирекцијата за заштита на лични податоци веднаш да одговори на дописот од ДИК.Истовремено, Владата ѝ препорача на Државната изборна комисија да склучи меморандум за разбирање и соработка со Државниот завод за статистика, во кој ќе бидат уредени и опфатени сите прашања помеѓу овие две институции, за време на траењето на овој период.На Државната изборна комисија, исто така, препорачано и е во најкраток можен рок, до Државниот завод за статистика да ја достави на увид и мислење методологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список, а го задолжи Државниот завод за статистика, во најкраток можен рок да достави мислење и одговор по истата до Државната изборна комисија. Во таа смисла, Владата го задолжи Државниот завод за статистика, во најкус можен рок, да достави список на лица – анкетари и контролори до Државната изборна комисија.Владата и препорача на Државната изборна комисија, во соработка со Државниот завод за статистика, согласно утврдената методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список, да извршат обуки на лицата – анкетари и контролори, со цел успешно имплементирање на методологијата.Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Државната изборна комисија, во најкус можен рок, да идентификуваат групи на административни службеници кои ќе бидат избрани за членови во општинските изборни комисии и избирачки одбори./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

