Култура
Свечено отворање на „Стариот театар“
Со изведба на фрагменти од повеќе претстави на Македонскиот народен театар, во петок, министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, ќе ја отвори новата театарска зграда на објектот „Стар театар“, кој свечено ќе биде примопредаден на Националната установа Македонски народен театар.
Отворањето на новиот објект ќе биде одбележано со изведба на фрагменти од повеќе претстави на Македонскиот народен театар, со изведба на фрагменти од претставата „Вечната куќа“, по текст на Јордан Плевнеш, со која во септември свечено ќе биде отворена новата театарска сезона, но и со отворање на еден навистина значаен сегмент од дејствувањето на новиот театар, односно промоција на Музејот на МНТ, кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.
Новиот театар, кој е лоциран на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7200 квадратни метри, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со дупло дно. Во системите на сценските технологии е вградена опрема од најпознати врвни светски производители за ваков тип опрема и објекти, која овозможува големи технички перформанси.
Покрај основната функција на објектот, театарот сам по себе претставува и музеј со оглед дека преку темите на орнаментиката која ги краси ложите во внатрешноста е претставен дел од богатото македонско културно наследство, а посетителите можат да се запознаат со историјата на театарот на овие простори. Однадвор театарот го задржува својот автентичен изглед, а има и посебно осветлување (илуминација) на партерот, како и на целиот објект со што се истакнуваат неговите визури.
Со изградбата на „Стариот театар“, Република Македонија за првпат добива современ театарски простор во кој ќе се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси.
Отворањето на театарот требаше да се случи најдоцна до 27 март, Денот на театарот, но поради недозавршени градежни работи, неговото отворање беше одложено и конечно ќе се случи во петок./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Сашко Коцев ја доби наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност
Советот на фестивалот Денови на комедија Куманово во состав Сашо Тодоровски, Александра Михајловска Величковски, Владанка Крстевски, Крсто Богојевски, Сефедин Шабани и Цоки Ристовски одлучија наградата „Васил Иљоски“ која се доделува за особен придонес во театарската уметност, посебно во делот на комедиографијата да му припадне на актерот Сашко Коцев.
Култура
Биста на Томас Транстромер во седиштето на Струшките вечери на поезијата
Во спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, во седиштето на Струшките вечери на поезијата, вчера била откриена биста на Томас Транстромер, добитникот на Златниот венец во 2003 година.
Националната установа Струшки вечери на поезијата денеска информира дека автор на делото е академскиот вајар Сокол Цфарку, а е донација од македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен.
Монографијата со избрани песни од Томас Транстромер, според директорот на СВП, Тодорче Тасевски, е мостот што ги зближува двете култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот.
„Од денес, имаме уште еден споменик отелотворен во ова прекрасно дело од нашиот истакнат акедемски вајар Сокол Цфарку, кој исто така мајсторски го долови ликот на Томас Транстромер“, истакнал Тасевески.
На настанот, како што е наведено, биле прочитани песни од Томас Транстромер на македонски и на шведски јазик, а меѓу присутните биле гости од Шведска, под водство на Антонијо Трпeвски и покровителство на Дан Олофсон, познат шведски бизнисмен и филантроп. Присуствувал и Миодраг Станковски, преведувачот на Томас Транстромер од шведски на македонски јазик и неговата сопруга Мариан Станковски.
Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година.
Култура
Македонската изворна музичка ризница претставена во Рим на манифестацијата „Ден на Светите Кирил и Методиј“
Со концерт на Националната установа Камерен оркестар на Битола и солистката Нада Талевска-Спасовска, во салата „Балдини“ во Рим, вчеравечер, се одржа културната програма во рамки на традиционалната манифестација „Ден на Светите Кирил и Методиј“.
На концертот на нашите уметници на кој присуствуваа и членовите на државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, беа исполнети македонски изворни песни, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.
Пред концертот, присутните во салата ги поздрави заменик-министерот за култура Онур Али кој говореше за духовната врска меѓу Ватикан и нашата земја воспоставена со мисијата на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, кои со своето дело го поврзаа Истокот и Западот и оставија богато наследство за човештвото.
-За Кирил и Методиј е запишано дека биле векови пред своето време. Затоа и чествувањето на нивната мисија треба да биде достојно, достоинствено и далекугледо. Тие не создадоа писмо, азбука, збор за поделби. Тие се дадоа себе за да создадат универзално добро. Не случајно Ватикан ги прогласи за Патрони, Заштитници на Европа, а нивните дела за цивилизациска вредност, рече заменик-министерот Али.
Тој додаде дека во духот на мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, Северна Македонија, преку културата и уметноста, културно наследство кое го поседува, политиките кои ги води за толеранција, дијалог за различностите, развој на интеркултурализмот, создавање услови за европеизација на културниот контекст, подготвено се соочува со предизвиците на новото време и забрзано се доближува до модерна Европа.
По повод чествувањето на сесловенските просветители денеска ќе се одржи молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, а програмата на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“ ќе биде заокружена со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика „Санта Марија Маџоре“.