Култура
Почна фолклорниот фестивал „Оро без граници 2012“
На платото пред црквата Св.Климент Охридски во Скопје, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски официјално го прогласи за отворен Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ 2012.
„Добрo дојдовте во Скопје, главниот град на Република Македонија, кој заедно со Детскиот културен центар „ Карпош“ повеќе од две децении го организира овој фестивал којшто со своето долгогодишно постоење зазема значајно место во културниот мозаик на нашиот град“, посака Трајановски.
Тој рече дека е чест да се биде меѓу млади луѓе кои приврзаноста и љубовта спрема својата татковина ја искажуваат преку негување и афирмирање на фолклорот и културната традиција на својот народ.
„Граѓаните на Скопје, овие неколку дена, ќе имаат привилегија да уживаат во народните песни, музиката, танцот и раскошните носии што пред нив ќе ги презентираат децата од Словачка, Украина, Хрватска, Србија, Полска, како и од домаќинот Македонија. Овие млади луѓе ни упатуваат благородни и хумани пораки за градење мостови на пријателство, разбирање и почитување меѓу народите“, рече Трајановски.
Додаде дека тие се пример како треба да градиме свет во којшто творештвото и соработката треба да бидат основните принципи врз коишто мора да почива човештвото.
„Токму овие универзални пораки кои ги испраќа и негува Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ се основната идеа на неговото долгогодишно постоење и успешност“, рече градоначалникот Трајановски. Според него, овој фестивал е уште позначаен што е врсник со самостојна Република Македонија, така што броејќи ги изданијата на Оро без граници се потсетуваме на тоа колку години се поминати од осамостојувањето на нашата татковина.
Диркеторката на ДКЦ „Карпош“, Ружа Ѓорѓеска им посака добредојде на сите гости на фестивалот и потенцираше дека членовите на фолклорната секција на ДКЦ ја посветуваат оваа вечер на прерано починатата Ана Вуковиќ, која што детсвото и младоста ги поминала како активен член оваа културна институција.
Учесниците на „Оро без граници“ во знак на почит пуштија 100-на балони кон небото.
Пред самото официјално отворање на фестивалот, во Соборниот храм се одржа и фолклорна литургија, а потоа од пред црквата Св.Климент Охридски, појде ФОЛКОРНОТО ДЕФИЛЕ, што се движеше во правец на ул. “Македонија“, па помина и под Капијата „Македонија“, а потоа продолжи кон Камениот мост во Скопје, каде што почна Фестивалскиот концерт.
Гости оваа година се групи од: Полска,Србија,Украина,Хрватска,Словачка и од 10 домашни ансамбли. Во досегашново дваесетгодишно одржување на фестивалот градот Скопје и Македонија биле домаќини на повеќе илјади странски и исто толку домашни деца-фолклорци.
На најмасовниот и најстариот Меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ 2012, годинава по 21 пат е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, фолклористите од Европа и Светот, пристигнаа вчера, а фестивалот ќе трае до понеделник. Покровители на фестивалот се Град Скопје и Министерство за култура. /крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.