Македонија
Одбраната на дел од осомничените барало СЈО да ги запре постапките по аболицијата
По одлуката на шефот на државата Ѓорге Иванов да ги повлече аболициите за 22 лица од вкупно 56 помилувани, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го повика македонскиот претседател да ги повлече аболициите за сите лица, бидејќи оваа одлука Специјалното обвинителство ја смета за „селективна правда“.
„Рокот за поништување на одлуките кои Законот го препиша, сé уште не е истечен. Очекуваме и веруваме дека претседателот ќе го почитува Уставот и ќе ги повлече аболициите. Не смее да има селективен пристап и да се затскрива вистината“, изјави портпаролката на СЈО, Ленче Ристоска.Истрагите и предистражните постапки продолжуваат за лицата за кои Претседателот ја поништи одлуката за аболиција, меѓу кои се и највисоките државни функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Одбраната на дел од осомничените по аболицијата на Претседателот барала да бидат запрени постапките, но Обвинителството, според Ристоска, не ги запрело бидејќи законски нема рок за запирање на постапките.На списокот на аболирани лица имаше осомничени лица, неколку лица за кои воопшто не се воделе никакви постапки, но и еден сведок.Животот на едниот сведок од овој список, заврши трагично, имено Коста Крпач беше најден мртов во неговиот стан во центарот на Скопје. Од Јавното обвинителство во четвртокот соопштија дека се работи за самоубиство, но сомнежите кај дел од јавноста останаа, бидејќи Крпач пред да биде најден мртов наводно се соочувал со притисоци и закани, без разлика дали станува збор од поединци или од страна на обвинителството. Специјалното јавно обвинителство доставило до Јавното обвинителство изјава од Крпач дека има закани и притисоци по неговиот живот, но случајот не го пријавиле во Министерството за внатрешни работи за да го зачуваат неговиот идентитет.Измените на Законот за заштита на сведоците сé уште е во процедура и, како што беше коментирано, постојат многу недоречности во заштита на сведоците. Други детали од Специјалното јавно обвинителство за овој случај не соопштија бидејќи нивните колеги од Јавното обвинителство водат предистражна постапка за овој случај која сé уште е во тек и е тајна.СЈО соопшти дека води седум истражни постапки, во кои има 60 осомничени лица и сведоци, а од помилуваните во „Титаник“ не се повлечени аболициите за петмина, во „Тврдина“ за тројца, во „Тортура“ за шестмина, во „ТНТ“ за две лица, како и за две лица во случајот „Пуч“. Бројот на предистражните постапки постојано се зголемува, но како што изјави Ристоска најголем број од предистражните постапки се финансиски истраги коишто бараат повеќе време за да се соберат факти.
„Криминалот не е активност која се исплати, така што лицата кои се бават со криминал, освен кривична одговорност, ќе сносат и материјална одговорност, односно материјалната корист, која ја прибавиле незакоски, ќе им биде одземена“, порача Ристоска.
Таа упати забелешка до Основниот суд Скопје 1 за случајот „Пуч“ бидејќи и натаму одбива да им ги предаде доказите за овој случај.„Едноставно не ни е овозможен увид во овој случај и покрај тоа што Апелацискиот суд донесе решение Основниот суд да ни ги предаде доказите. Но ние копии од доказите не добивме. Апелацискиот суд утврди дека Основниот суд Скопје 1 ги крши законските одредби, но и понатаму не ни ги даваат“, изјави Ристовска.
Истрагите се засноваат на прислушуваните телефонски разговори коишто ги достави опозицијата до ова обвинителство. Доставени се 540.646 аудио записи, а обвинителите пресметале дека само за преслушување на разговорите ќе им треба околу една и пол година. Поради обемноста на доказниот материјал Специјалното јавно обвинителство не може да предвиди кога ќе биде покрената првото Обвинение и против кого. Освен за материјалите коишто ги предаде опозицијата Обвинителството води предистражни постапки и за приватните разговори коишто беа објавени. Проверува дали овие материјали се автентични и кој ги објавил. Обвинителите од новото обвинителство не знаат од каде му се информациите на Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, дека освен материјалите што ги предаде опозицијата во компјутерот на сега веќе обвинетиот Захир Бекири Чаушот најдени се е и други прислушувани разговори. Досега до Специјалното обвинителство ниту Јавното обвинителство ниту друго лице не ги доставило материјалите. Ристоска потврди дека обвинителите од СЈО добиваат плати од 2.000 до 3.000 евра, но платите и додатоците не ја надминуваат законската рамка и буџетот на Обвинителството. Тие ангажирале и експерти, меѓу кои е и адвокатот Александар Тортевски и професорот Светимир Шкариќ. За јавноста спорно е ангажирањето на архитектот Мирослав Грчев да го прави вештачењето за уривањето на станбено – деловниот објект „Космос“, бидејќи токму овој архитекот го ангажираше Фијат Цаноски при уривањето на неговиот објект. Од обвинителството велат дека тие се обратиле до Архитектонскиот факултет и Грчев бил случајно избран за да го врши вештачењето. Доколку се сомнева одбраната на осомничените во стручноста на вештакот, Ристоска објаснува дека може да бараат негово изземање. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.
„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.
„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.
„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.
СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.
„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.
По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.
Македонија
Македонското небо се врзува со Сингапур: потпишан стратешки меморандум
Во рамките на престижниот глобален авијациски самит „Changi Aviation Summit 2026“, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски и генералниот директор на Управата за цивилно воздухопловство на Сингапур, Хан Кок Јуан, официјализираа нов, сеопфатен Меморандум за разбирање.
Овој чин, реализиран за време на посетата на Стојаноски како висок делегат на специјална покана од сингапурските власти, означува суштинско унапредување на билатералните односи и директно поврзување на македонскиот воздухопловен сектор со еден од водечките светски авијациски центри.
„Потпишувањето на овој стратешки документ, претставува директна валоризација на новите политики на менаџментот на АЦВ како за меѓународно етаблирање на институцијата така и за забрзување на темпото за што побрза примена на најновите безбедносни стандарди. Со овој чекор се отвора широка рамка за институционален развој преку напредна едукација и специјализирани програми за обука во Сингапурската воздухопловна академија (SAA), која важи за една од најреномираните во светот“, соопшти Министерството за транспорт.
Договорот предвидува директна размена на експертиза и примена на најдобри практики во делот на регулативата, безбедносниот надзор и лиценцирањето, со што македонските воздухопловни власти ќе ги хармонизираат своите капацитети со најстрогите глобални стандарди. Покрај едукативната компонента, Меморандумот има силен регионален и технолошки фокус. Соработката подразбира заедничка реализација на проекти кои не само што ќе го зајакнат домашниот сектор, туку имаат потенцијал да ја позиционираат Македонија како регионален лидер во примената на иновативни решенија во воздушниот сообраќај.
Ова партнерство, како што велат од Министерството, е јасен показател за решителноста на Агенцијата да ги следи и имплементира најсовремените технолошки трендови во меѓународното цивилно воздухопловство.
Во својата изјава, директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, истакна дека овој меморандум ја потврдува посветеноста кон примената на највисоките меѓународни стандарди на ICAO. Тој нагласи дека соработката со глобален лидер како Сингапур овозможува пристап до врвна експертиза со која дополнително ќе се подигне нивото на безбедност и ефикасност на македонското небо.
Македонија
Владата најави вонредни контроли на фирмите за медицински канабис
Владата на 149-тата седница одлучи да ги задолжи надлежните институции да спроведат вонредни контроли на сите фирми што имаат одобрение за одгледување и производство на канабис за медицински цели и во рок од 45 дена да достават извештај. Како што појаснуваат, контролите се со цел да се спречи индустриско нелегално производство и пласман на домашниот и меѓународниот пазар.
Воедно, ќе бидат именувани членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Од Владата посочуваат дека комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и немала резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
На истата седница е донесена и одлука за конечно решавање на проблемот со паркирањето во Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“. Со одлуката се создава правна основа за потпишување договор меѓу Министерството за здравство и Градот Скопје.
Министерството за здравство во рок од три месеци го завршило процесот на регистрација на парцелите во Катастар и изработка на соодветни елаборати, со што се отвора можност за изградба на модерен и функционален паркинг, вклучително и катни гаражи, како и воведување софтверско решение за управување. Според Владата, проектот треба да обезбеди подобри услови за пациентите, здравствените работници и граѓаните што ги користат услугите на кампусот.
Владата го усвои и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, кој заедно со Предлог-законот за Јавно обвинителство добил позитивно мислење од Венецијанската комисија. Според информацијата, усвојувањето на овие закони во Собранието ќе значи исполнување на чекор од Реформската агенда.
„Нашата цел како Влада е да воспоставиме неселективност во постапувањето и да преземаме политики во интерес на граѓаните“, порачаа од Владата, додавајќи дека продолжуваат со реализација на програмата за обезбедување подобар, поквалитетен и побезбеден живот за сите.

