Македонија
Иванов повика на максимална посветеност за заштита на државната граница

Претседателот Ѓорге Иванов побара од Управувачкиот комитет и од сите вклучени институции во справувањето со мигрантската и бегалската криза, и понатаму со максимална посветеност да продолжат со своите мерки и активности, со цел заштита на државната граница, контрола врз мигрантите и намалување на безбедносните ризици.
Имено, тој, во сабота одржа состанок со членовите на Управувачкиот комитет, тело на Владата за координација и управување со системот за управување со кризи, и со припадници на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, во врска со справувањето со бегалската и мигрантската криза. Состанокот се одржа со цел претседателот Иванов да ги запознае членовите на комитетот за неодамнешната средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, комесарот за проширување, Јоханес Хан, извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Легери и со претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, на која беа разменети информации за моменталните состојби, за нашите предлози и за мерките и активностите на ЕУ за менаџирање на мигрантската и бегалската криза. Претседателот Иванов искажа задоволство од одговорниот пристап кон кризата од страна на претседателот Туск, како и задоволство што предлозите, кои се однесуваат на намалување на безбедносните ризици кои македонскиот претседател ги изнесе на состанокот, беа прифатени и влегоа во заклучоците на Европскиот совет, со акцент на помош од ЕУ за Македонија во вршење на регистрација на мигрантите и бегалците, во согласност со стандардите на Европската унија, соопштија од неговиот кабинет./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Николовски: За првпат во историјата со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците

Ребалансот на буџетот што го предлага власта претставува сериозен удар врз македонското земјоделство. За првпат во историјата, со ребалансот се намалуваат субвенциите за земјоделците, што директно ја намалува финансиската поддршка која тие ја добиваат. Ова е целосен преседан, бидејќи досега секогаш со ребалансот се додаваа дополнителни средства, а сега, напротив, се кратат, рече пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Тој потенцираше дека податоците јасно покажуваат дека во 2023 година финансиската поддршка изнесувала 8,3 милијарди денари, додека во 2024 година таа е намалена на 6,7 милијарди денари, што претставува над 30 милиони евра помалку за земјоделците.
-Ова е штетно не само за земјоделците, туку и за целата економија, бидејќи земјоделството е клучен сектор за државата. Покрај намалувањето на субвенциите, сеуште не се исплатени дополнителните поддршки од претходните години, како што се оние за овчарите, козарите и градинарите во Струмичко и Преспа, како и поддршката за предадено јаболко, која е минимална и недоволна, рече Николовски.
Дополнително, Владата укина неколку важни програми, меѓу кои се програмата за мали земјоделци, новиот модел на субвенционирање којшто овозможуваше авансна исплата од 30% до крајот на годината, како и програмите за поддршка на млади и жени земјоделци.
-Намален е и буџетот за програмата за рурален развој, која треба да ги поддржува инвестициите во механизација, системи за наводнување и други инвестициски мерки. Исто така, укинат е лимитот од 18 милиони денари за директни плаќања, кој беше воведен во 2018 година за да се осигура правична распределба на субвенциите и да се поддржат малите земјоделци. Со оваа уредба, големите компании повторно ќе добиваат милиони денари, додека малите производители ќе останат со помалку средства, потенцираше Николовски.
-Оваа политика на Владата не само што ги укинува реформите и ја намалува поддршката за земјоделците, туку и ги фаворизира големите компании на штета на малите производители, рече Николовски.
Македонија
Николова: Со ребалансот, власта крати пари од најсиромашните, за таа да се луксузира со скапи возила и мебел

Ребалансот на Буџетот што го предложи Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е јасен доказ за економската неспособност, недалекувидост и отсуство на визија. Наместо економска стратегија, овој ребаланс е политичко признавање на економскиот пораз на владата, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната седница за ребаланс на буџетот.
Таа потенцираше дека со овој ребаланс гледаме продолжување на политиките на неодговорно трошење, зголемување на јавниот долг и кратење токму таму каде што граѓаните најмногу имаат потреба – кај субвенциите, социјалната поддршка и капиталните инвестиции.
– Во буџетот се зголемуваат ставките за луксуз, мебел, возила и непродуктивни расходи, додека се кратат средства за најранливите категории. Тоа е срамно и опасно за стабилноста на државата, рече Николова.
Таа потсети дека јавниот долг веќе го надмина прагот од 62% од БДП, а државата нема јасен план како ќе се справи со зголемениот дефицит.
– Имаме ребаланс кој се базира врз неостварени приходи, сомнителни заеми и фискално неодговорно однесување. Единствена цел – да се покријат краткорочни политички интереси на власта, на сметка на долгорочниот економски развој, потенцираше Николова.
Таа додаде дека додека се кратат средства за сиромашните, се зголемуваат трошоците за стоки и услуги.
– Со инфлација од 3,7%, со намалена приватна потрошувачка и со стагнирана минимална плата, граѓаните се принудени да преживуваат, а не да живеат. Овој буџет не гради иднина, го одржува партискиот апарат на власт. Наместо визија и економски сигнал, добивме кратења, долгови и политички маркетинг. Сето ова е спротивно на тоа што им беше ветено на граѓаните само пред една година, нагласи Николова.
Особено трагично, рече Николова, е што власта ги одби амандманите на СДСМ за поддршка на настраданите и повредените од трагедијата на 16 март, како и амандманите за справување со пожари.
– Во моменти кога семејства преживуваат болка и загуба, власта одбира молк и рамнодушност. Ова е морално неприфатливо и човечки пораз на една владејачка структура, потенцираше пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.
Македонија
Брза железница, нови болници, подобри патишта, крајната цел е младите да останат во земјата, Муцунски за договорот со Обединетото Кралство

Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура, порачува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој во видео објавено на социјалните мрежи зборува за конкретните придобивки од Договорот.
„Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот“, истакнува Муцунски.
Тој потенцира дека со овој договор се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура.
„Не ветуваме – испорачуваме“, додава министерот, посочувајќи дека крајната цел е младите да останат во земјата, да се отворат нови можности за инвеститорите, а граѓаните да добијат подобар квалитет на живот.
„Ова не е политика – ова е работа за иднината“, порача Муцунски.
Во рамки на минатонеделната посета на Лондон, Муцунски и неговиот британски колега, државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами, ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Овој документ, како што појаснуваат од кабинетот на Муцунски има за цел да ги зајакне стратешките билатерални односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната – особено во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст.