Македонија
Во средата издадени потврди на 3.291 мигрант
Во средата од страна на МВР биле издадени потврди за влез во земјата на вкупно 3.291 странски државјани, од кои 1.397 се од машки пол, 712 се од женски, 1.153 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 29 дете кои патува без родител. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-1.451, Авганистан–962 и Ирак-878.
Во периодот од 19-ти јуни до 16-ти декември издадени се потврди на вкупно 345.211 странски државјани, од кои, 191.528 се од машки пол, 56.680 се од женски, 79.057 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 17.946 деца кои патуваат без родител.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-197.067 потоа Авганистан-84.460, Ирак-42.243, Иран-6.231, Пакистан-5.416, Палестина-2.158, Сомалија-1.276, Бангладеш-1.253, Мароко-1.317, Конго-514, Алжир-453, Либан-434, Нигерија-279, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 16-ти декември, до Секторот за азил се поднесени 83 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 55 барања се од државјани на Сирија, со нив се и 23 деца кои го придружуваат родителот, потоа 13 барања од државјани на Авганистан со нив се и 14 деца кои го придружуваат родителот, три барања од државјани од Пакистан и Ирак , по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина и Алжир (четири се деца кои го придружуваат родителот) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 16-ти декември евидентирани се вкупно 20 баратели на азил од кои девет мажи, две жени, осум деца со придружба на старател и еден малолетник без придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, четири баратели на азил ( две малолетни лица без придружба на старател и два мажи ) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

