Македонија
Македонските пруги се безбедни со новите возови
Возовите може да возат до 120 километри на час на железничкиот Коридор 10, додека на останатите пруги, кон Битола, Куманово и Кичево брзината на движење е помала, до 100 километри на час.
Како што појасни директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Ирфан Асани, домашните пруги се безбедни, затоа што на одредени делници каде што постоеја поголеми оштетувања направена е реконструкција. „Рехабилитирани се 55 километри пруга на Коридорот 10, во која немаше вложувања повеќе децении. Истовремено се реконструирани и 30 црни точки на двата коридора, со што максимално е зголемена сигурноста при патување со воз“, вели Асани.Новите возови, од кои еден веќе пристигна, а вториот се очекува да дојде до крајот на годината, ќе можат со максималната брзина да возат по целата траса на Коридорот 10 и тоа да биде безбедно патување. Другите пруги, најави Асани, ќе бидат реконструирани и поради тоа максималната брзина на возење е пониска.„Во моментов имаме прекин на линијата кон Битола, токму поради безбедносни ризици. Работиме на минирање карпа кај Богомила, која е отцепена од лежиштето и виси над пругата. Проблемот ќе биде решен деновиве и очекуваме кон крајот на неделата пругата да биде повторно во употреба“, вели Асани. Македонија од кинеската ЦСР набави шест воза, од кои два се електромоторни и четири на дизел-погон, а инвестицијата за набавката изнесува 25 милиони евра. Електромоторните возови ќе сообраќаат само по Коридорот 10, бидејќи пругата е електрифицирана, додека пак, возовите на дизел-погон ќе можат да возат по двата коридори. „Очекуваме до крајот на идната година да бидат завршени уште два главни и изведбени проекти за изградба на железниците од Кичево кон Албанија и од Битола кон границата со Грција, по што ќе се направат напори да се обезбедат средства за изградба“, нагласи Асани./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Ако градоначалникот Ѓорѓиевски има докази за злоупотреби во јавните претпријатија нека пријави
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија, е надлежен тоа да го пријави во Министерството за внатрешни работи или во Јавното обвинителство.
„Во однос на изјавите на градоначалникот, ќе кажам дека тој како градоначалник, доколку има докази и е надлежен, тоа може да го пријави на надлежните органи – МВР, и да ги достави тие документи евентуално во Јавното обвинителство. И досега Обвинителството така постапувало, што значи дека ќе постапува и натаму. Ако има злоупотреби, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски претходно на социјалните мрежи објави дека во скопските јавни претпријатија се отпуштени 500 лица кои со месеци или години не доаѓале на работа, и дека нема да има толеранција за такви случаи.
Дополнително во телевизиско гостување, Ѓорѓиевски објасни дека до него пристигнале документи кои укажуваат на можни незаконитости во работењето на повеќе претпријатија.
Македонија
Следната недела почнува судењето за пожарот во „Пулс“, обвинителството со тим од 15 обвинители
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави Коцевски, додавајќи дека вчера се одржал координациски состанок во Јавното обвинителство.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
Утре делови од Шуто Оризари без вода за пиење
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( среда ) поради промена на затворач ф-125мм на крстосницата Индира Ганди/Гвадалахара, прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици; Гвадалахара, Индира Ганди, Метохиска, Јован Хаџи Шишко и Гарсија Лорка.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Шуто Оризари)

