Македонија
Разубавувањето на дуќаните во чаршијата ќе го поттикне развојот на економијата
Договор за реализација на Проектот за уредување на излозите и натписите на дуќаните во Старата скопска чаршија, со кој ќе почнат активностите за реализација на проектот за Уредување на излозите во чаршијата, потпишаа во петок, министерот за економија Беким Незири и претседателот на здружението „Еснаф“ Бејтула Морина.
Ова е проект кој Министерството за економија го предвиде во Програмата за развој на туризмот за 2015 година, а чија цел е враќање на автентичноста и зачувување на културните вредности кои ги има Старата скопска чаршија, за кој дуќанџиите од Блокот 3.2. преку здружението „Еснаф“ на Старата скопска чаршија, ќе можат да аплицираат на веќе објавениот повик. „Ќе ја направи чаршијата поатрактивна за туристите“, рече Незири додавајќи дека функциите се минливи, но делата и реализираните проекти остануваат. Министерот Незири истакна дека со овој проект ќе се продолжи и во наредната 2016 година, сè со цел да се опфатат сите дуќани во Старата скопска чаршија, односно сите дуќанџии да добијат можност да го вратат автентичниот изглед на своите дуќани, а со тоа и сјајот на чаршијата. Тој потсети дека Министерството за економија ангажираше проектантска куќа, која изготви техничка документација за конзервација, санација и адаптација на 60 дуќани во Блок 3.2 во Старата скопска чаршија. За секој дуќан е подготвен посебен проект во три фази, и тоа: претходен изглед на дуќанот, фактичка состојба и планиран изглед по интервенцијата за уредување на излогот. Притоа, не е само излогот опфатен во овој проект, туку за секој дуќан ќе се уредува и тендата, називот, односно натписот на дуќанот, околното зеленило, а за оние дуќани кои некогаш имале ќепенци, ќе се разгледа можноста тие повторно да се постават. Притоа, секоја интервенција ќе се координира со самите дуќанџии, по претходно добиена согласност од Министерството за култура и Конзерваторскиот центар.Претседателот Морина нагласи дека ова е првпат занаетчиите да добијат конкретна помош, како и дека проектот ќе се реализира во целосна координација со еснафот. Со потпишување на изјави за овластување на „Еснаф“, ова здружение си превзема обврска да ги застапува интересите за секој дуќан во овој блок, да ги спроведува сите постапки за реализација на проектот, согласно веќе утврдената динамика и да преземе одговорност за уредување на сите дуќани според техничката документација и изработените проекти. Средствата за реализација на проектот ќе бидат префрлани во неколку фази, согласно реализацијата на истиот, а надзорот над изведбата на проектот ќе го врши посебна Комисија, составена од претставници од Министерството за економија, Министерството за култура, Конзерваторскиот центар, Град Скопје и Општина Чаир.Истовремено, 20 занаетчии од Старата скопска чаршија денеска добија по 2 илјади евра неповратна помош за подобрување на имиџот на нивните дуќани. Овие грантови се дел од ИПА проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово, што го реализираат општините Чаир и Гњилане.Претставникот на Европската комисија во земјава Мартин Клаук подвлече дека занаетчиството во Македонија е традиција, но современото живеење кое значително ги смени навиките на потрошувачите, речиси го доведе до работ на егзистенција. „Овој сектор може многу да придонесе за решавање на проблемот со невработеноста“, посочи Клаук.
Според градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити, реновирањето на дуќаните нема да значи само подобрување на нивниот надворешен изглед. Тие ќе бидат и енергетски ефикасни, согласно светските трендови и стандарди./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

