Македонија
ДКСК ги остварува сите укажувања од Секретаријатот за европски прашања
Донесување на регистарот за избрани и именувани лица, соодветните акти – правилници и упатства, преку методологија за антикорупциска проценка на легислативата и со донесување на Националната програма 2016-2019 година како национален стратешки документ за превенција и спречување на корупцијата, ДКСК ги исполнува сите укажувања од Секретаријатот за европски прашања.
Во вторник, вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, во рамки на неговите институционални посети во контекст на идните реформски приоритети на Македонија, беше во посета на Државната комисија за спречување корупција.Пред состанокот со претседателот на Државната комисија за спречување корупција Горан Миленков бесими рече дека ќе разговараат за ингеренциите и препораките што произлегуваат во оваа област, која влегува и во Извештајот на Европската комисија.„Целта на средбите е на почетокот од наредната година да имаме пресек на досегашните активности во однос на сите реформски приоритети кои се очекуваат од Република Македонија“, рече Бесими.Според претседателот на ДКСК, Миленков, Комисијата во целост ги има исполнето сите мерки што и биле укажани од Секретаријатот за европски прашања, односно планот за реформски активности.„Почнувајќи од јули со отпочнување на донесување на регистерот за избрани и именувани лица каде дојде до измена и дополнување на законот, потоа донесување на соодветните акти – правилници и упатства, преку методологија за антикорупциска проценка на легислативата и финиширавме во предвидениот рок овој декември, со донесување на Националната програма 2016-2019 година како национален стратешки документ за превенција и спречување на корупцијата“, рече Миленков./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Силјановска: Ќе бидам претседателка на сите граѓани, не е време за поделби и триумфализам
Тврдам дека, од овој момент, ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, партии, оние кои не се во партиите. Нема да заборавам на разноликоста, изјави Гордана Силјановска Давкова во првото обраќање по победата на претседателските избори.
„Не е време за поделби и фалби, триумфализам. Не можете во политиката со емоции, мора рационално. Ќе направам се’ за да ги бранам државните и националните интереси“, рече Давкова.
Силјановска истакна дека за време на кампањата го зборувала она што го мисли, се посветила на целта, а наградата за неа е непроценлива.
„Не сум ги убедувала граѓаните дека сум најдобриот избор, најумна, оставив изборот да го направат тие. Мислам дека направија вистински избор. Има ли поголема инспирација од тоа жена да стане претседател. Со мене, кога ќе се опкружам со жени сличнин на мене, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, тоа е некаков голем исчекор, тоа е за мене реформски чекор“, рече Давкова.
Според неа, да се повика на бојкот на изборите е партиски и политички притисок. Како што рече, немала многу време да го следи говорот на нејзиниот опонент Стево Пендаровски, но фатила неколку инсерти, и смета дека критиката на бојкотот на ДУИ и на обидот да се киднапира избирачкото право, да се одземе нивното избирачко право или да се диригира е добра констатација.
Давкова изјави дека не се согласува со тезата дека гласовите ги добила поради национализам, напротив, вели таа, во тимот имала Албанци, Турци, Роми и ќе ги вклучи во кабинетот. Тоа се луѓе кои зад себе имаат образование и докторати и тоа за неа е суштинскиот елемент, а потоа е припадноста.
Македонија
(Видео) Ковачевски му честита на Мицкоски: Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен тежок удар
Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва на прес-конференција ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски и изборот на Гордана Силјановска Давкова како иден претседател.
Тој се заблагодари на Стево Пендаровски и поддржувачите на СДСМ.
„СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати“, рече Ковачевски.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници, додаде Ковачевски и кажа дека тој и партиското раководство имаат одговорност, сите именувани и избрани функционери, како и сите партиски функционери на локално ниво и на централно ниво.
Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.
Македонија
Пендаровски: Резултатите се јасни, им честитам на победниците
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски на прес-конференција вечерва кажа дека резултатите се јасни и им честита на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги разлагам. Согласно резултатите досега им честитам на победниците, да им посакам успешна работа во следните четири, односно пет години. Мојот концепт за мултиетничка Македонија денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Јас сум уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава. Мојата совест е мирна, но не сум сигурен дека совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од тесно партиски и лични политички интереси, денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.
„Мојот личен рејтинг ми даде за право да имам надеж дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка. Ова што денеска се случи значајно ми ги одзеде шансите да бидам рамноправен натпреварувач. Стотици илјади наши граѓани беа оневозможувани, на систематски, плански, организиран начин да земат второ ливче. Јас сум убеден дека оние 330 илјади гласови од петте кандидати кои отпаднаа од првиот круг се далеку поблиску до мојот политички концепт отколку до концептот кој го заговараше противкандидатката. Направија таква калкулација и на организиран начин ги спречија луѓето да гласаат. Со тие претпоставени гласови трката ќе беше далеку понеизвесна“, додаде Пендаровски.
Тој се заблагодари на сите учесници во изборниот процес и на медиумите за соработката изминатите пет години.