Култура
Министерката Канческа-Милевска на „Денови на македонската култура“ во Лондон
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска од сабота до понеделник ќе престојува во Лондон, Велика Британија каде што ќе присуствува на дел од настаните во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“.
На 13 мај, министерката за култура во Глоуб театарот во Лондон ќе присуствува на премиерата на претставата „Хенри Шести“, во изведба на актерите на Битолскиот театар.
Претставата која е во режија на познатиот театарски режисер Џон Блондел, ќе биде изведена во рамките на театарскиот фестивал „Светот за Глоуб“, на кој учествуваат 37 меѓународни театарски компании што ќе ги изведат сите 37 драми од Шекспир, на исто толку јазици.
Во рамките на манифестацијата, ќе биде претставена и македонската изворна култура преку настапот на Стефче Стојкоски и неговиот ансамбл.
На 14 мај, на Катедрата за славистика на „University College London“, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ќе ја промовира едицијата „130 тома македонска книжевност“ превод на англиски јазик. На промоцијата ќе се обратат и Горан Стефановски, македонски амбасадор на културата во Лондон, писателот Венко Андоновски и големиот македонист Греам Рид.
Манифестацијата „Денови на македонската култура во Лондон“ започна на 3-ти мај со концертот на македонскиот пијанист Симон Трпчески и лондонскиот Филхармонија Оркестар во Ројал фестивал хол. Трпчески кој со својот настап ја воодушеви публиката, на бис ја изведе и „Играорната фантазија“ прикажувајки ја на тој начин убавината на македонскиот фолклор и ритам.
Во престижната галерија „Пал Мал“ пак во центарот на британската престолнина, голем интерес предизвика изложбата „Made in Macedonia“ на Музејот на современата уметност, на која беа претставени делата од современата македонска ликовна сцена. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

