Македонија
Судот ги одби мерките за претпазливост за Јанкулоска
За поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, не е одредена мерка на претпазливост, како што бараше Специјалното јавно обвинителство, одлучи скопскиот кривичен суд.
Предлогот на Специјалното јавно обвинитество судот го отфрли како неоснован, а во соопштението се додава дека за другите лица опфатени со овој предмет испратени се покани дополнително да се јават кај судијата на претходна постапка за да се произнесат за предложените мерки.„Во врска со поднесениот предлог за определување мерки на претпазловост, судијата на претходна постапка ги испита странките во постапката и бранителот, па притоа осомничената наведе дека предлогот за определување мерки на претпазливост е неоснован со оглед дека го нема сторено кривичното дело за кое се товарела, а предметот и бил познат на јавноста подолго време и објавен јавно од страна на обвинителството пред речиси три месеци па доколку имала намера да ја напушти земјата тоа можела до сега да го стори, дека на сите покани на судот уредно се јавува а од страна на обвинителството не бил направен обид да ја повикаат, дека за водењето на постапки против неа дознава од медиумите, дека има и понатаму намера уредно да се јавува на поканите на судот како и до сега, дека по однос на една друга постапка иницирана од СЈО за која дознала од медиумите во моментот кога го презентирале случајот на нивните прес- конференции била надвор од државата и кога слушнала дека е отворена постапка се вратила назад пред рокот кој и бил предвиден за враќање заради што ја променила авионската карта, дека во нејзин интерес било да биде присутна во текот на постапката и дека предложените мерки се непотребни“, се вели во образложението.Поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска е третоосомничена, во случајот „Тврдина“, во кој првоосомничен е Горан Грујевски, кој е разрешен од функцијата началник во Петтата управа во Министерство за внатрешни работи. Тие се осомничени за уништување на опремата за прислушување./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мециновиќ: Владата води историски најопасна надворешна политика по државните интереси
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ даде критички осврт на надворешната политика која ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ. Мециновиќ на почетокот се осврна на тоа зошто министерот Муцунски не е присутен на пратеничките прашања и праша дали можеби неговото отсуство е поврзано со градењето на новиот објект на покривот на Министерството за надворешни работи.
„Јас и претходно реагирав за едно многу контроверзно гласање во Генералното собрание на Обединетите Нации. Тоа е гласањето против обидот за носење на резолуција за прекин на огнот во Газа. Тогаш вие гласавте против, надвор од очекувањата на македонското општество и надвор од традицијата дипломатска која Македонија ја има”, истакна Мециновиќ.
Пратеникот од Левица дополни дека ова е првиот владин кабинет за надворешна политика кој гласал против кревањето на ембаргото на Куба. Ваквиот чекор според Мециновиќ претставува најгруб дисконтинуитет во традицијата на македонската дипломатија.
Тој се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст на продлабочена криза во трансатлантските односи. Ја обвини Владата дека во момент кога САД стануваат сè понепредвидлив партнер, таа ја врзува Македонија исклучиво за американската линија, занемарувајќи ја европската траекторија.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија. Вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од Европската унија. Моето пратеничко прашање е: каде оди овој брод?” – праша пратеникот од Левица.
Македонија
Министерство за правда: Собранието ја изгласа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет
Со мнозинство гласови пратениците ја изгласаа потребата од носење на Предлог законот за Судски совет. Законот се проследува на второ читање, информираат од Министерството за правда.
Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање рече дека со овој закон во министерството е започната нова ера на работа и функционирање, во којашто секој битен и суштински закон за граѓаните на Република Македонија ќе се изготвува низ отворен, јавен и транспарентен процес.
,, Клучни новини кои се предвидени со Законот се:
Јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет,
За прв пат прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа при избор на кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност,
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите,
Јасно прецизирање на постапката за дисциплинска одговорност на судиите, но и на членовите на судскиот совет,
Воспоставување обврска Судскиот совет да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите,
Утврдување на рокови за преземање дејствија за дисциплинска одговорност на судиите, како и прецизирање на основите и постапката за жалба против одлуката на Судскиот совет, како и
бројни други решенија за унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ”, рече Филков.
Тој изрази жалење што дел од опозицијата не беше присутна на седницата за носење на, како што оценува, исклучително важен закон кој е дел од Реформската агенда.
Македонија
Утре, во утринските часови наместа со појава на магла, во текот на денот сончево со умерена облачност
Утре во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.

