Македонија
ОМ: Власта врши притисок Бошкоски да не излезе од затвор пред изборите
Функционери на ВМРО-ДПМНЕ вршеле притисок лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски да не излезе од затвор пред одржување на предвремените парламентарни избори закажани за на 5 јуни, иако ги исполнил условите, обвинуваат од неговата партија.
„Од високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ е испратена порака до нивниот директор на затворот, Живко Пејковски по никоја цена да не се дозволи излегувањето на Љубе пред одржувањето на изборите. Стравот оди до таму што директорот Пејковски, злоупотребувајќи ја службената положба, му го ускратува законското право на Бошкоски, на скратување на затворската казна од три мeсеца, право што досега го добиле сите осудени лица “, рече Марјан Огњановски од ОМ.Од партијата најавуваат дека ќе излезат на протести идната недела доколку нивниот лидер не биде пуштен на слобода и дека јавно ќе ги соопштат имињата на функционерите кои вршеле притисок. Бошкоски ја одлежува казната за случајот „Кампања“ за кој беше обвинет на пет години затвор за нелегално финансирање на изборна кампања. За овој случај тој даваше исказ во Специјалното јавно обвинителство, кое во петок треба да се изјасни дали ќе го преземе случајот „Ровер“.Судењето за „Ровер“ е закажано за петок во 10 часот, а на Бошкоски по трет пат му се суди за вмешаност во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.