Македонија
Лекари: Пукањето кон белиот мантил е пукање кон целиот свет
По инцидентот во кој пациент рани лекар, лекарите од Универзитетската клиника се револтирани и бараат заштита, но не се собраа како што најавија, во паркчето, во кругот на клиниките.
Првично лекарите од скопската Универзитетстка клиника најавија протестен собир, но откако неколку лекари излегоа, се премислија и влегоа во амфитеатарот на Хируршката клиника. Еден од лекарите таму ги повика и новинарите, но сепак не беа примени, а докторите најавија изјава за подоцна.По неколкуминутен собир во амфитеатарот од каде што можеше да се чуе ракоплескањe, лекарите излегоа и го осудија инцидентот и побараа поголема заштита.Д-р Викторија Вујовиќ, од Клиниката за психијатрија, рече дека пукањето кон „белиот мантил е пукање кон целиот свет“. Таа рече дека со ништо не може да се оправда однесувањето на пациентот кој пукал, дури тоа и да било во афектна состојба.
„Непочитување на белиот мантил, непочитување на човекот кој дава се од себе, пукање со пиштол во него. Тука треба, ако мене некој ме праша, за сторителот на делото висока казна. Не знам, но тука нема оправдување дека нешто се случило по наплив на афект, дека нешто се случило по наплив на вознемирувачка емоција. Сите ние за жал губиме во животот, членови на нашето семејство, драги лица, но тоа не значи дека на тој што помагал, треба во него да пукаме“, изјави Вујовиќ.
Д-р Викторија Чаловска од Клиниката за гастроентерохепатологија, исто така, рече дека пукањето кон „белиот мантил“ е недозволиво, но сепак не го лоцира виновникот за ваквиот еплог.
„Денес беше пукано во нашата професија. Мислам дека е крајно време да се преземе нешто за заштита на нашата безбедност, на нашето достоинство и воопшто за нашиот статус. Загрозено е нашето физичко опстојување. Мислам дека јавноста треба да биде информирана дека ова што се случува е крајно сериозно и не може да води до никакво подобрување на состојбите ако докторите не се заштитени. Во здравството се случуваат пресериозни и преопасни работи, тоа што се случува не е здраво, не е нормално. Постојано сме напаѓани, имаме тензија, имаме закани од пациенти. Ова е епилог на нешто што тлее во здравството“, изјави Чаловска.На клиниката за хирургија дојде и министерот за здравство Никола Тодоров, но ги одбегна новинарите и не даде изјава.Според неофицијални информации, лекарот, Љубомир Огненовиќ се здобил со три прострелни рани во ногата, но во момeнтов се наоѓа надвор од животна опасност. Од полицијата сé уште не излегуваат со информации што точно се случило, освен дека за инцидентот се приведени три лица.Пациентот бил револтиран, бидејќи по операцијата неговата мајка починала и поради тоа пукал кон лекарот, а во исто време им наредил да легнат на сите што во моментот биле таму и им се заканувал.Денеска на хирургија не се извршуваат операции, освен за итни случаи, а другите пациенти се препраќаат низ други клиники./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Акција за чистење и уредување на трим-патеката во Кисела Вода
Во рамките на континуираните активности за одржување на јавните површини и унапредување на животната средина, Општина Кисела Вода од утрово спроведува обемна интервенција за чистење, кастрење, косење и подигнување на кабаст отпад долж трим-патеката, на потегот од објектот на Институтот за јавно здравје до спојката со булевар Србија.
За реализација на овие активности се ангажирани 30 сезонски работници. Со цел ефективно и квалитетно извршување на работите, се користи и целокупната опрема на општината: камиони, тримери и телескопски пили.
Со овие интервенции, Општина Кисела Вода продолжува да работи на одржување чиста и уредна животна средина, обезбедувајќи јавни простори кои се функционални и пријатни за рекреација и слободно време на сите граѓани.
Воедно, локалната самоуправа упатува апел до граѓаните за одговорно и совесно однесување, со правилно одлагање на отпадот, со цел заеднички да ја зачуваме чистотата и редот во нашата општина.
Македонија
Зајкова: Срамно е после 18 месеци чекање нов Кривичен законик да добиеме само козметички интервенции на постоечкиот
На вчерашната седница на Собранието, на која се дискутираше усвојувањето на новите измени на Кривичниот законик, претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка, Моника Зајкова, од собраниската говорница порача дека е срамно после 18 месеци замајување на јавноста и на граѓаните дека ќе добиеме целосно нов кривичен законик, денеска да имаме предлог кој што е само уште една козметичка измена.
„Осумнаесет месеци се ветува целосно нов КЗ, се зборува за реформи, за европски стандарди, за правда, а денес пред нас имаме предлог што воопшто не ја менува суштината и воопшто не е нешто поразличен од она што веќе постои. И ова не е реформа и не може да го нарекуваме реформа, ова е чиста козметичка интервенција врз закон кој што безброј пати досега беше сакатен. Не ми е јасно само на кого му одговараше статус квото сите овие месеци? Дали на оние што имаа што да изгубат ако правдата навистина проработи? Можеби им одговараше на некои поранешни или актуелни функционери, на носители на високи функции кои што со години го злоупотребуваат буџетот и јавните ресурси, но сигурно не беше од јавен интерес“, изјави Зајкова.
Според претседателката, ова статус кво им одговара само на оние кои знаат дека со вистински Кривичен законик би се соочиле со реална кривична одговорност. Секој изминат месец со скратени рокови на застареност, значи само уште еден спасен предмет. Зајкова потсети и на предлогот на ЛДП за зголемување на роковите за застареност на кривичните дела, кој што во минатиот собраниски состав беше чуван во фиока под клуч, во овој беше одбиен молчешкум, без аргументи, а во јавноста се прикажуваше дека истото е направено затоа што се чека нов кривичен законик, кој што е даден на мислење во Венецијанската комисија.
„Мене стварно не ми е јасно луѓе, од што се плашите? Ако чесно и одговорно ги вршите функциите во име на граѓаните, како што говорите, зошто се плашите сите од поголеми рокови за застареност? Со измените кои што сте ги предложиле, можеби личи нешто драстично покачена казната, меѓутоа поставувате повторно многу ниски максимални казни за клучните кривични дела, што повторно дава можност за застареност. Во институтот на застареност воопшто и не се интервенира. Повторно се бришат од одговорност службените лица во органите на државната управа, односно министрите нема да одговараат за местење и посредување на тендери. Јавните набавки иако ги има, ќе продолжат да се договараат легално преку распишан тендер со фаворизирање, бидејќи истото не е инкриминирано, а одговорноста ќе се губи низ правните лавиринти што остануваат отворени, оставајќи законски празнини. И ова не е борба против корупцијата. Ова е само менаџирање како повторно да не бидат допрени најмоќните“, посочува претседателката Зајкова.
За спроведување на вистински реформи, Зајкова понуди да го достави и предлог решението на ЛДП, за да се интегрира во новиот кривичен законик или владејачкото мнозинство да го поднесе како нивен предлог, доколку е болно или срамно да се прифати предлог од ЛДП.
„Граѓаните гледаат, паметат и знаат кому точно му служи ова одолговлекување на измените на КЗ. Тоа сигурно не е на правдата, туку веројатно на оние коишто најмногу се плашат од правдата. За волја на вистината, дел од нив и побегнаа, а тука и вас ве гледам како виновни што тоа го дозволивте, иако кога бевте опозиција со години ни ја триевте на глава кои се најголемите криминалци, истите тие што сега се во бегство“, вели Зајкова, додавајќи дека не поддржала, ниту во иднина ќе поддржи закон кој не носи системски измени, но и дека е подготвена да даде целосна поддршка доколку се донесе навистина квалитетен и системски кривичен законик.
“Знам дека тука седат чесни луѓе кои не се плашат од одговорност и дека можеме да донесеме квалитетен системски закон, наместо благи измени“, им порача Зајкова на присутните пратеници.
Македонија
На 108 години почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка која се спаси од Холокаустот
На 108-годишна возраст почина Рејчел Нахмијас, најстарата битолчанка и најстарата жива Еврејка по потекло од Битола, која го преживеа Холокаустот и до крајот на животот верно го чуваше споменот на битолските Евреи, јави битолската „Тера“.
Рејчел Нахмијас е родена во 1917 година во Битола. Во 1943 година се спасила од депортација во нацистичките концентрациони логори, откако била сокриена во багажникот од автомобилот на тогашниот албански конзул во Битола. Благодарение на овој чин, таа успеала да го спаси животот.
Во тој период имала 26 години, а нејзините спасувачи ја однеле во Албанија, каде што ја поминала Втората светска војна. Со албанското семејство кое ѝ помогнало живеела до 1950 година, по што се преселила во Бостон, Соединетите Американски Држави.
Веста за нејзината смрт ја соопшти нејзината внука, познатата пејачка Сара Ароесте, која често престојувала во Битола и со голема посветеност го негува споменот на своето семејство и на еврејската заедница која некогаш живеела на Широк сокак.
Во објава на Фејсбук, Ароесте напиша:
„Со длабока тага објавувам дека овој викенд почина мојата херојска драга роднина Рејчел, на неверојатни 108 години. Рејчел е родена во 1917 година во Битолско. Таа била сведок на толку многу работи во својот неверојатен живот. Како единствена преживеана од нејзиното семејство по Холокаустот таа беше инспирација за сите што ја познаваа. Оваа фотографија е направена пред само 3 месеци кога таа сè уште беше целосно активна и споделуваше приказни и песни со мене. Има уште многу што да се сподели за мојата Рејчел која беше вистински благослов за овој свет.“
Рејчел Нахмијас останува симбол на преживување, човечка храброст и жив сведок на трагичната судбина на битолските Евреи.

