Македонија
Укината забраната за сообраќај на патот Кочани – Делчево

Патниот правец Кочани – Делчево кој беше затворен за сообраќај од превентивни причини, поради можна појава на свлечишта и одрони, поворно е отворен за сообраќај, соопштуваат од АМСМ, но и покрај отстранувањето на забраната се препорачува голема внимателност.
На патниот правец А3 обиколница Битола-Ресен на 70+300 км, поради свлечиште патот е во прекин во двата правци. Како алтернатива, сообраќајот е пренасочен преку градот Битола. Општинскиот пат с. Долни Полог-с.Облешево пред Кочанска река е во прекин поради прекопан коловоз и е направен канал за одводнување на надојдена атмосферска вода од врнежи на дожд. На патниот правец Крива Паланка – гр.премин Деве Баир кај с.Узем поради одрон зафатена е една коловозна лента во должина од 15 – 20 метри. На самото место поставена е соодветна патна сигнализација. Екипите на ЈП Македонијапат работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.На патниот правец Демир Капија – Удово 1,5 км после ресторанот “Белов” поради поголем камен на коловозот сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 2 – 5 метри. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. Екипите на ЈП Македонијапат работат на расчистување на коловозот.На патниот правец Р1106 Марков Манастир – Брезница на 1 км после клучката за Марков Манастир, поради одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 10-15 метри. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. Се препорачува внимателно управување со возилата и почитување на поставената патна сигнализација се до целосно расчистување на коловозот.Според информација од ДЦС МВР од 10.03 од 12:20 часот на регионалниот пат Берово – Виница кај м.в. Обозна поради одрон на камења сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.На патниот правец Удово – Валандово поради излевање на Калковска Река има вода на коловозот која не е голема и се препорачува внимателно управување со возилата. Екипите на ЈП Македонијапат работат на расчистување и оспособување на коловозот. На патниот правец Р1404 Марвинци – Балинци – Брајковци под надвозникот кај клучка Марвинци поради излевање на каналите има вода на коловозот. Се препорачува користење на алтернативен патен правец Удово – Валандово – Гевгелија и обратно. На патниот правец Куманово-Крива Паланка кај месноста усек с.Страцин има континуирано свлечиште од кал и земја кое зафаќа една лента од коловозот. Се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината и следење на поставената сигнализацијаСообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а на повисоките места наместа со остатоци од кашест снег. АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово, Виница – Берово, Кочани-Делчево и Ресен – Буково каде е можна почеста појава на одрони. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
Македонија
„Соопштението кое го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови“, реагира ЗНАМ

„Соопштението кое денеска го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови кои повеќе зборуваат за нивната состојба отколку за Движењето ЗНАМ или за претседателот Максим Димитриевски“, реагира ЗНАМ.
„Прво, нема никаков корупциски скандал поврзан со Димитриевски или со ЗНАМ. Тоа се фабрикувани лаги, пуштени од кујната на партија која очигледно веќе одамна нема допир со реалноста ниту поддршка од народот. Димитриевски останува отворен и доследен борец против корупцијата, без разлика дали таа доаѓа од СДСМ или било која друга партија.
Второ, ЗНАМ не е ничија алатка, ниту нечија продолжена рака. ЗНАМ е граѓанско-политичко движење израснато од незадоволството на народот од токму вакви, арогантни и криминализирани структури како што е актуелното раководство на СДСМ. Вашата потреба да не нарекувате „неавтентични“ само зборува колку ве боли фактот што вистинската поддршка на терен се прелева кај нас.
Трето, тврдењата дека членови се враќале назад во СДСМ се најобична измислица. Никој не сака да се врати во потонат брод, во партија која ја изгуби секоја допирна точка со реалноста и граѓаните. Единствените што ве напуштаат сте вие, господа од СДСМ, бидејќи веќе никој не сака да биде дел од вашата срамна историја.
На крај, да ве потсетиме – токму ваквото ниско ниво на политичка комуникација, полуписменоста што ја споменувате и криминалот против кој се бориме, се синоними за вашето владеење. Народот ве прочита и ви го покажа тоа на изборите“, се вели во реакцијата на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на денешното соопштение на СДСМ.
Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.