Економија
Новиот албански буџет предвидува раст од три отсто, но и зголемени даноци
Пратениците во албанското Собрание го прифатија во вторник буџетот за 2015 година, со кој се предвидува раст на економијата од три отсто и вклучува зголемување на даноците со цел намалување на буџетскиот дефицит и исполнување на условите што ги поставија меѓународните кредитори.
Социјалистичката влада има намера да го намали дефицитот на четири отсто од БДП-то, со очекуваните 6,6 отсто во 2014 година, а државниот долг на 70,6 отсто во 2015 година, на околу 73 отсто од БДП-то оваа година.
Предлог буџетот е прифатен откако претставници на Меѓународниот монетарен фонд(ММФ) стигнаа во оваа земја за да разговараат за исплатата на третата транша од тригодишниот заем од вкупно 330,9 милиони евра, договорен во февруари.
Инспекцијата на ММФ во септември беше прекината со апсењето на албанскиот гувернер на централната банка заради кражба на 713 милиони албански леки(6,6 милиони американски долари) од страна на вработените во банката.
ММФ и албанската влада, пак, се во судир околу реформите на тамошниот енергетски сектор оптоварен со долгови.
Со Буџетот за 2015 година предвидено е покачување на данокот на дизел горивото, бензинот, тутунот и данокот што го плаќаат физичките лица од 10 на 15 отсто, вклучувајќи го и данокот на промет со недвижности, коцка, каматите на депозитите и интелектуачната сопственост. Данокот на платите останува непроменет. Владата се надева дека со овие промени ќе обезбеди дополнителни 160 милиони долари во буџетот.
Албанските бизнисмени го критикуваа зголемувањето на даноците, истакнувајќи дека тоа ќе ја намали конкурентската предност на Албанија во однос на останатите балкански земји, ќе им наштети на инвестициите и отворањето на нови работни места. Владата рече дека ќе намали или укине 15 други даноци, на пример данокот за увоз на сурова нафта наменет за домашните рафинерии. /крај/хн/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.