Македонија
Полициите од регионот со заеднички напори за справување со миграцискиот бран
Во вторникот во Министерството за внатрешни работи – Бирото за Јавна Безбедност се одржа состанок на директорите на полициите и шефовите на граничните служби на Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија, на кој се разговараше околу формирањето на заеднички координиран и усогласен пристап за справување со мигрантската криза.
Директорите на полициите од регионот ја претставија состојбата во нивните земји во однос на справувањето со мигрантската криза и во насока на унапредувањето на добрата постоечка соработка разговараа за можните начини за натамошното продлабочување на соработката во управувањето со миграциските текови.
Во заклучоците од состанокот се вели дека соработката помеѓу полициските служби на земјите учеснички е добра и ќе се продолжи да се работи на нејзино натамошно продлабочување. Навремената размена на информации за случувањата долж миграциската рута, како и воведувањето на нови мерки и процедури со соодветен рок за имплементација, е клучна за избегнување на тензични ситуации на границите долж мигрантската рута и ефикасно управување со миграциските текови како и справувањето со криумчарењето на мигрантите, стои во заклучоците.
Директорите на полициите од регионот исто така се согласиле за правење на напори за стандардизација на регистрација на мигрантите и воспоставување јасни заеднички критериуми, кои мигрантите треба да ги исполнуваат за нивно транзитирање низ рутата.
„За таа цел неопходно е да се согласиме за стандардите за регистрациските методи и постапки. Тоа вклучува подготовка на стандардни документи кои треба да се издаваат од сите засегнати страни, внесување на личните податоци добиени преку регистрацијата во националната база на податоци и размената на тие податоци со сите засегнати страни“, се вели во соопштението од страна на МВР.
Во заклучоците исто така стои дека на лицата кои немаат патни документи а со себе носат фалсификувани патни документи или кои имаат погрешни изјави за нивната националност или идентите, нема да им се дозволи влез на границата. Според директорите на полициите ова ќе придонесе кон подобра контрола на границите и превенција на злоупотреба на рутата од мигранти на кои не им треба меѓународна заштита и кои сакаат влез во Европа за други цели.
Во заклучоците се додава дека распоредувањето на странски полициски службеници на македонско – грчката граница дава позитивни резултати и претставува силна порака дека засегнатите земјите се одлучни заеднички да се справат со миграциската криза, односно дека горенаведената соработка ќе биде отворена за пристапување од страна на други држави кои се засегнати од моменталната миграциска криза./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

