Македонија
Предметите за Верушевски и неговиот син, Маџар телеком, Поткуп, Шпион и Надеж не се во надлежност на СЈО
Предметите за коишто се спореше во чија надлежност се,за пиштолот на поранешниот разузнавач, Зоран Верушевски, предметот за порнографија против неговиот син, „Маџар телеком“, предметот „Поткуп“ во којшто е осомничен лидерот на опозицијата Зоран Заев, „Шпион“, „Надеж“ во кој се споменува поранешниот претседател, Бранко Црвенковски и предметот „Маџар телеком“ кој се отвори по сведочењето во Вашингтон на поранешниот разузнавач, Слободан Богоевски ќе ги работат Скопското јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Вака одлучил Советот на јавните обвинители кој решаваше во чија надлежност ќе бидат предметите откако Специјалното јавно обвинителство ги побара, но Републичкото јавно обвинителство не му ги предаде со образложение дека не се во нивна надлежност, иако од СЈО тврдеа дека единствено тие можат да одлучат дали одреден предмет е во нивна надлежност.Овие одлуки на Советот се доставени до Основниот суд Скопје 1. „Надеж“ и вториот случај за „Маџар телеком“ сé уште не се во судска процедура. „Во образложението на одлуката стои дека за преземање на предметите од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) односно за воспоставување на надлежност на предметите не е доволно јавниот обвинител кој раководи со тоа обвинителство само декларативно да се произнесе дека е надлежен, туку треба да го стори веројатен фактот дека предметите како што е наведено произлегуваат и се поврзани со незаконито следење на комуникации. Во одлуката стои дека јавниот обвинител за да ги преземе предметите треба да наведе на што ја темели својата надлежност во сите предмети што се побарани односно да наведе од кои разговори тоа произлегува, кога се водени тие разговори, помеѓу кои лица и да даде опис на содржината на разговорот. Советот на Јавни обвинители наведува и дека доколку тоа не е така во спротивно би можеле да настапи хаотична состојба, каде што повеќе обвинителства би претендирале дека се надлежни за постапување по ист предмет, а тоа може да доведе до несогледливи штетни последици и по самата институција, а исто така и во постапката за гонење на сторителите на кривичните дела“, соопштуваат од Основниот суд Скопје 1.Овие одлуки ќе бидат припоени кон соодветните кривични предмети на судот за понатамошно надлежно постапување на судиите во судот, при што надлежниот судија ќе ја има предвид надлежноста на конкретното обвинителство, додаваат од Судот./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

