Култура
Македонска бура во „Животот на Пи”

Новото кино Cineplexx се отвора со ‟Животот на Пи”, филм кој ги помести границите во 3Д технологијата, во чија изработка учествуваше и тимот на ФХ3Х, работејќи на сцените од бурата.
Филмот е адаптација на мегахит романот на Јан Мартел со истоимениот наслов, изводлива единствено во изведба на режисерот Анг Ли кој досега двапати е наградуван со Оскар.
Според фaбулата на романот, во раните 70ти години, младиот Пи Пател и неговото семејство ја напуштаат Индија и заминуваат за Канада во потрага по нов почеток. Таткото на Пи е чувар во зоолошката градина, па тие патуваат со животните кои планираат да ги продадат за да створат капитал за својот нов почеток. Но по една страшна бура, бродот потонува и Пи одеднаш се наоѓа сам опколен со вода со раздразливиот тигар Ричард Паркер.
”Во поглед на технологијата употребена за визуелни ефекти, ‟Животот на Пи” е во врвот, бар од филмовите кои ќе излезат оваа година”, вели Кристијан Даниловски, извршен продуцент во ФХ3Х. ”Визуелно филмот е извонреден и претставува мало ремек дело во поглед на 3Д сликата. Во изработката на визуелните ефекти на овој филм, ФХ3Х учествуваше како дел од тимот на Technicolor MPC од Лондон со кои соработува од минатата година (Прометеј, Гневот на Титаните, Шерлок Холмс 2). Тимот на ФХ3Х работеше на овој проект кон крајот на 2011 и почетокот на 2012”, изјави Даниловски.
”Нашиот тим работеше на сцените кои што беа снимени во базен за бранови”, изјави Александар Вишемирски, супервизор на тимот кој работеше на овој проект. ”Интересно е да се напомене дека сите сцени на разбуркано море се снимани во затворено студио и нашиот тим работеше на отстранување и подготовка за додавање на елементи во кадрите, како би се постигнала максимална веродостојност. На сцените со бурата работеа 12 визуелни артисти од нашето студио, но сите со нетрпение чекаме да го видиме финалниот резултат бидејќи од она што се зборува во медиумите од нашата индустрија, станува збор за визуелен спектакл”, изјави Вишемирски.
Специфично за овој филм е самиот визуелен израз. Режисерот Анг Ли ни овозможува вистинско филмско доживување, во буквален смисол на зборот. Режисерот ја однел екипата на патување со брод сред бура каде имале прилика да доживеат од прва рака како изгледа бура со бранови над 3 метри. Ова искуство придонесува кон најголемиот квалитет на режисерот Ли: автентичност. Филмот ги поместува границите на 3Д технологијата, што е единствената причина што бил воопшто снимен. Филмовите кои се снимаат на вода се озлогласени дека секогаш го пробиваат рокот и буџетот. Згора не се, филмот немал ниедна звезда. Но откако Ли покажал предвизуелизација на сцените од бродоломот и аудицијата со Сурај, избран за ликот на Пи, менаџментот на Fox 2000 решиле да продолжат со проектот. Се надеваме ќе уживате во финалниот резултат. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љутков: Нашата цел е јасна, да го заштитиме и обновиме „Македониумот“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со стручните екипи од НУ Завод и Музеј – Прилеп, денес оствари теренска посета на споменикот „Македониум“ во Крушево – еден од најзначајните културни симболи на македонската историја.
Реконструкцијата на споменикот започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности – санација на потпорни ѕидови, обнова на фасади, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонски елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања. Но, во 2017 година, сите активности беа прекинати, скелето беше симнато, а објектот остана незаштитен, со што последиците од таа негрижа се очигледни и денес, истакнуваат од министерството.
Минатата година, како што информираат, Министерството, во координација со Заводот и Музеј – Прилеп, подготви проект за интервентна заштита на објектот во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација ќе започне во текот на оваа година. Паралелно се работи и на подготовка на сеопфатен проект за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс, кој се очекува да биде финализиран до средината на 2026 година. По изработката на документацијата и обезбедувањето на сите потребни дозволи, ќе отпочне реализацијата на овој капитален зафат.
„Нашата цел е јасна – да го заштитиме и обновиме ‘Македониумот’. Тој не е само архитектонски објект, туку симбол на македонскиот идентитет, историја и борба. Како Влада и како Министерство за култура и туризам, остануваме цврсто посветени на заштитата и унапредувањето на културното наследство, кое е наш стратешки приоритет,“ изјави Љутков.
Култура
(Видео) Oмилените филмови на Стивен Кинг

Мајсторот на хоророт, Стивен Кинг, е познат по своите темни романи и адаптации што го обележаа светското кино, но и по фактот дека редовно ги споделува своите омилени серии и филмови со публиката.
Стивен Кинг, познатиот мајстор на трилери и хорор, сподели листа од своите 10 омилени филмови на платформата X. Оваа листа, која ги исклучува филмовите адаптирани од неговите дела, дава увид во кинематографскиот вкус на авторот кој го обликувал хорор жанрот.
Избраните филмови вклучуваат класици од различни жанрови, од трилери и драми до комедија и научна фантастика. Кинг истакна дека листата не е по одреден редослед, нагласувајќи го богатството на квалитетни филмови достапни за публиката.
“Sorcerer”
“Godfather 2”
“The Getaway”
“Groundhog Day”
“Casablanca”
“Treasure of the Sierra Madre”
“Jaws”
“Mean Streets”
“Close Encounters of the 3rd Kind”
“Double Indemnity”
Култура
Македонскиот народен театар со „Жива досада“ гостуваа на фестивалот во Штип

На 11 септември, на 13. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип, Македонскиот народен театар ќе гостува со претставата „Жива досада“.
Гостувањето на МНТ е во организација на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, кој веќе традиционално обединува значајни детски театарски продукции од земјата и регионот.
Претставата, наменета за деца над пет години, се занимава со современа, но често игнорирана тема, досадата кај децата, и како може таа да биде врата кон креативноста, играта и самоистражувањето, наместо нешто од што треба да се бега. Иновативен и топол авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.
„Досадата не е непријател, туку креативен простор, кој им овозможува на децата да се поврзат со себе и со светот околу себе“, вели актерката Изабела Јакимова, која е и една од авторките на текстот.
Во претставата настапуваат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска (алтернација).
Преку духовита и интерактивна форма, „Жива досада“ ги охрабрува децата да ги откријат магичноста на досадата и вредноста на паузата – простор во кој настануваат најубавите игри, разговори и идеи. Истовремено, испраќа важна порака и до родителите да не го исполнуваат секој момент на детето со активности, туку да остават простор за самостојно растење.
Со ваквите репертоарски претстави ‒ МНТ продолжува да гради едукативен и инспиративен театар, а „Жива досада“ е пример за тоа дека детскиот театар може да биде уметнички сериозен, длабоко комуникативен и актуелен.