Македонија
Центар за трансплантација ќе се отвори во Градската болница во Скопје
Наскоро во Македонија ќе се отвори центар за трансплантација, кој ќе биде сместен во Градската општа болница „8-ми Септември“ и таму ќе се вршат најсложени трансплантации на органи и ткива, како и најсложени хируршки зафати.
Клиниката за трансплантација ќе има хируршки оддел, оддел за анестезија, лабараторија, хоспитален дел и одел за радиологија, најави, во петок, премиерот Никола Груевски.На последната седница на Владата бил прифатен законот за формирање Центар за трансплантација, а предлогот е испратен до Собранието. Исто така, усвоена е и програмата за трансплантација на бубрег, срце и црн дроб.„Законот предвидува да се формира Центар за трансплантации во кој ќе влезат најдобрите научници, академици од МАНУ, врвни лекари, но и млад кадар кој ќе се обучува и каде ќе се врши трансплантација на бубрег, срце и на црн дроб“, изјави Груевски, одговарајќи на прашање по увидот во градежните активности на патарината Романовце за реализација на проектот за инсталација на опрема за електронска наплата на патарините.Груевски потенцира дека во некои од околните држави нема вакви центри за трансплантација, така што овој центар ќe има потенцијал да привлече пациенти од некои од соседните земји од регионот.За оваа намена предвиден е буџет за почеток на потребните работи од околу милион евра. Ваков тип клиники постојат во повеќе земји, како Англија, Франција, Израел и други, а клиниката во Македонија ќе изведува врвна медицина и со неа ќе може да раководат членови на МАНУ, врвни искусни експерти, доктори и научници, каде ќе биде ангажиран и млад кадар кој ќе соработува со афирмирани експерти од странски центри, појасни Груевски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

