Македонија
Министерот Спасовски положи цвеќе пред споменикот на бранителите во СВР Битола
Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од министерот Оливер Спасовски, во четврток во Битола положи цвеќе на споменикот на бранителите пред СВР Битола и на споменикот „Ангел“ во паркот кај градскиот часовник и им оддаде почит на храбрите луѓе кои загинаа на денешен ден пред 15 години во Вејце.
„Ова е ден на сеќавање и ден на опомена. Ден на сеќавање на бранителите кои што го дадоа животот за Република Македонија и ден на опомена за тоа што треба да направиме ние за да оставиме нешто на идните генерации. Недозволиво е дел од семејствата на бранителите да не бидат воопшто обештетени од Република Македонија. Таа неправда ќе мора да се исправи. Опомена е заради тоа што Република Македонија денеска се наоѓа во сериозна политичка, морална и економска криза со страшна поделеност и токму денешниот ден и сеќавањето на овие храбри луѓе кои го дадоа животот за Македонија треба да биде опомена за сите, за тоа што треба да се прави во овој момент. Особено треба да биде опомена за Министерството за внатрешни работи. Да се сочува стабилноста и единството. МВР да биде столб на безбедноста на Република Македонија. Опомена дека не смее да има политикантство кое ја доведува под знак прашалник безбедноста и стабилноста на државата“, рече министерот Спасовски. Бранителот Сашо Гилевски, истакна дека храброста и пожртвуваноста на бранителите, на оние кои загинаа во 2001 и оние кои останаа живи, нивниот однос кон државата треба да биде водилка за решавањето на проблемите во државата. Но, Гилевски го потенцира и разочарувањето на семејствата на загинатите бранители, како и на бранителите кои беа ранети, а останале заборавени од државата. „15 години овие луѓе се манипулирани , заборавени од државата, од институциите, од оние на кои фотељите им значат повеќе од сѐ. Но, денеска не е така. Пред нас стои министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и тој е првиот министер кој се поклони пред споменикот на загинатите бранители. Претседателот на Република Македонија кој го одработува својот втор мандат не најде време да се поклони пред споменикот на овие наши бранители, ниту тој ниту било кој друг висок функционер од оваа власт. Напротив, единствена нивна задача беше да ги поделат живите бранители, да ги разделат на две здруженија мислејќи дека така ќе можат полесно да манипулираат со нив“, рече Гилевски.На 28 април 2001 од заседа беа убиени осум бранители, припадници на посебната единица на СВР Битола и Полкот за специјални операции „Волци“. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

