Македонија
Вaнхауте шокиран од актуелните состојби во Македонија
Олеснувачот во преговорите за спроведување на договореното во Пржино, Питер Ванхауте, во петок го има последниот работен ден во Македонија, но вели дека по одморот, веднаш ќе се врати и ќе делува преку граѓанскиот сектор.
Ванхауте е шокиран од актуелните состојби во Македонија, особено од атмосферата на страв, потиснувањето на слободата, од големиот број луѓе кои се во притвор само поради тоа што и се спротивставиле на владата или одбиле да ги прифатат нејзините правила.„Шокиран сум од големиот број луѓе, вклучително и судии, кои беа отпуштени последниве години. Шокиран сум од високото ниво на корупција, каде купувањето диплома и универзитетски звања е прифатена пракса, додека низ целата земја се вработуваат некомпетентни луѓе, пракса што ќе резултира во целосен крах на нормалното функционирање на земјата. И шокиран сум од слабиот квалитет на образованието, каде децата се учат дека некои луѓе, како банкари или политичари се подобри од луѓето од ‘пониските слоеви,’ и притоа мораат да учат фалсификувана историја“, вели Ванхауте за „Дојче веле“.Тој смета дека Македонија не е подготвена за предвремени парламентарни избори на 5 јуни.„Невозможно е во оваа временска рамка да се решат големиот број проблеми или проблемите со избирачките списоци. Со вештачко намалување на бројот на проблемите, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да избега од својата одговорност по обвинувањата за организирана изборна измама на претходните избори и отфрла секаква одговорност за злоупотребите на изборните листи. Дополнително, повеќе медиуми се под целосна контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Преговорите за медиумските реформи пропаднаа затоа што партијата одбива да предаде било каква контрола врз медиумите и врз Агенцијата за регулација на медиумите“, вели ВанхаутеТој додава дека не бил изненаден од актуелните проблеми, но изненаден е од апсолутниот недостаток на одговорност, како никој од јавните функционери да не е одговорен за ништо. Сепак, за решавање на политичката криза во земјава смета дека најголемата пречка за позитивен исход е недостатокот на одлучност на меѓународната заедница. „Речиси е невозможно за локалните граѓани да го вратат општеството во нормала. Промена на режимот преку избори повеќе не е опција. Меѓународната поддршка е единствена алтернатива, а итно е потребно дејствување. Тоа дејствување треба да резултира во создавање на ад хок техничка влада за најмалку 2-3 години, време кое е неопходно за решавање на бројните проблеми, во финансискиот менаџмент, судството, образованието и медиумите, со кои се соочува земјата“, вели тој.Смета дека за да се подобрат состојбите со медиумите потребно е да се пресечат сите врски меѓу политиката и медиумите.„Тоа вклучува и прекин на владиното рекламирање во медиумите, соодветен независен надзор над медиумите, силен и независен јавен сервис, немешање во програмата на телевизиите и радијата, исклучување на медиумите од директното влијание на сопствениците на медиумите и силен меѓународен мониторинг“, додава Ванхауте.За тоа што некои сметаат дека неговите мемиња со мачки на Твитер се навредливи и понижувачки за владејачката партија и за државата, Ванхауте вели дека тоа било спин, затоа што таквите тврдења излегле на денот кога имал разговори со Државниот ревизор за злоупотребата на државни средства од страна на Агенцијата за електронски комуникации и сериозните нерегуларности во официјалните сметки на владејачката партија.„Хуморот и иронијата досега се покажаа како ефективни средства за спротивставување на авторитарни тенденции“, вели Ванхауте./крај/дв/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

