Македонија
Иванов прогласен за почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан

На претседателот, д-р Ѓорге Иванов, во петок, во Баку му беше доделено признанието Почесен доктор на науки на Академијата за јавна администрација на Азербејџан, највисоката образовна и научна институција за образување на кадри и раководители во државната и јавната администрација.
По тој повод, претседателот Иванов пред присутните професори и студенти одржа предавање за Балканот, Кавказот и Блискиот Исток, предизвиците со кои овие региони се соочуваат, и нивните односи со Европската унија. Посочувајќи на македонскиот модел на почитување на различноста како пример, претседателот Иванов преку приказ на историскиот развој на државата како концепт, се до денешницата, го објасни концептот на „интеграција без асимилација“. Почесниот докторат за претседателот Иванов на Академијата за јавна администрација на Азербејџан е дел од низата признанија што македонскиот претседател ги има добиено од бројни високообразовни институции во светот. Претседателот Иванов претходно е прогласен за Почесен професор на Московскиот универзитет „Ломоносов” и на „Југозападниот универзитет за финансии и економија” во Ченгду, НР Кина, а почесни докторати има добиено на Истанбулскиот Универзитет, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели” во Невшехир, на „ТОББ Универзитетот за економија и технологија” во Анкара, Република Турција, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир” во Букурешт, Романија и е прогласен за член во Светската академија на науките и уметностите и за Почесен протектор на „Европската академија на науките и уметностите” во Салцбург, Република Австрија./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.