Култура
Бурно поздравени настапите на „Танец“ и триото „Интерарт“ во Турција

Со бројни овации и аплаузи во понеделник вечер во реномираниот Mузеј на слики и скулптури во Анкара, Република Турција беа поздравени настапите на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и триото „Интерарт“
Настапите се во рамките на отворањето на дводневната манифестација Денови на културата на Република Македонија во Анкара.
Во присуство на бројни гости од дипломатскиот кор, амбасадорот на Република Македонија во Анкара, Горан Тасковски, првиот секретар на Министерството за култура на Турција, Озгур Аслан, градончалникот на општината Кечиорен, Мустафа Ак, заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ во своето обраќање истакна дека презентацијата на македонската култура во престолината на Турција ќе биде значаен придонес во зацврстувањето на македонско-турското пријателство.
„Владата на Република Македонија и Министерството за култура досега реализираа низа активности насочени кон продлабочување на меѓукултурниот дијалог со Република Турција“, подвлече Недељковиќ и додаде дека македонскиот и турскиот народ ги поврзуваат многу заеднички нишки, меѓу кои е и името на големиот политичар и лидер Мустафа Кемал Ататурк, чија родителска куќа наскоро ќе биде реконструирана село Коџаџик, Центар Жупа.
Во надворешниот дел на Музејот на слики и скулптури со особен интерес беше проследена и изложбата на фотографии од Република Македонија, на кои се претставени природните и културно-историските убавини на нашата земја.
Во ракмите на „Деновите на културата на Република Македонија во Анкара“ во вторник во општината Кечиорен во Анкара, се одржа и панел-дискусија по повод дваесет години дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција. На панел-дискусијата, заменик-министерот Недељковиќ истакна дека претстојат уште низа проекти преку кои ќе ја потврдиме и ќе ја продолжиме долговечноста на македонско-турското пријателство. На тркалезната маса учествуваа и академикот Луан Старова, како и историчарот и директор на Музејот на македонската борба Бранислав Светозаревиќ кои ја потенцираа стратешката важност и долгогодишната плодна соработка меѓу двете земји.
„Деновите на културата на Република Македонија во Анкара“ се одржаа во целосна организација на Министерството за култура на Република Турција, Амбасадата на РМ во Анкара, општината Кeчиорен, како и со поддршка на Турската интернационална агенција за соработка и развој -ТИКА. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Вино, платно и инспирација: Скопје доби нов урбан простор, каде што секој може да биде уметник

Во Скопје официјално беше отворен простор за цртање на платно и дегустација на вино, сместен кај „Едера руфтоп“.
Зад овој свеж и инспиративен проект стои млад ентузијаст – тој има 25 години и со поддршка од семејството и од девојката создаде нешто што ѝ недостигаше на уметничката и на социјалната сцена во градот.
„Сакавме да создадеме простор, каде што луѓето ќе може да се опуштат, да го променат своето секојдневие и да ја изразат својата креативност без притисок, сето тоа со чаша квалитетно вино во рака“, вели тимот на Art Room.
Идејата е едноставна, но моќна: резервираш термин, доаѓаш без потреба да знаеш да црташ, а професионален уметник те води низ процесот додека се опушташ со вино и музика. Секоја сесија трае 2 и пол часа, а темите се менуваат месечно и се најавуваат однапред.
Вината се внимателно избрани – од македонското на „Тиквеш“, Special Selection, па сè до етикети од Италија, Франција и од Шпанија.
Она што го издвојува овој концепт е неговата мултифункционалност: покрај редовните термини, просторот може да се изнајми за родендени, team buildings и за приватни забави, a за време на викендите просторот ќе може да се резервира дури и за најмладите: нудат детски креативни сесии со времетраење од 2 часа, сокчиња наместо вино и многу бои. Родителите може да бидат присутни за време на овие сесии доколку сакаат или, едноставно, може да ги остават децата да уживаат во уметноста.
„Имаме и креативен ѕид, каде што секој може да напише како се чувствува тој ден, има и мало катче за одмор и шанк за оние што сакаат да наздрават со уште една чаша вино“.
Свеченото отворање на Art Room беше проследено со позитивна енергија, насмевки, музика и инспирација.
Култура
Меѓународна поетска награда за Никола Маџиров

Никола Маџиров е лауреат на 17-тата меѓународна награда за поезија „Поезија и луѓе“ (Poetry and People – International Poetry Award) која викендот му беше доделена во кинескиот град Гуангџоу. Оваа независна поетска награда е востановена од книжевното списание „Поезија и луѓе“ и се доделува од 2005 година за посебен придонес во современата светска поезија.
Досегашни лауреати се добитниците на Нобеловата награда за литература Дерек Волкот и Томас Транстромер, кој беше лауреат и на Струшките вечери на поезијата. Меѓу останатите добитници се и неколкумина други лауреати на Златниот венец на СВП како Адонис, Адам Загајевски, Томаж Шаламун и Ханс Магнус Енценсбергер, а исто така на листата добитници на оваа награда се и Ен Карсон, Лез Мари, Гери Снајдер, Рита Дав, Еуженио де Андраде како и минатогодишниот добитник на британскиот кралски златен медал за поезија и добитникот на наградата „Т.С. Елиот“, Џорџ Сиртеш.
Наградата, која се состои од скулптура изработена од академскиот скулптор Жанг Јапинг, објавена книга на кинески јазик и паричен износ, му беше доделена на Никола Маџиров на свечена церемонија во Центарот за уметности во Гуангџоу. Скулптурата е инспирирана од стих на Маџиров од песната „Од секоја лузна на моето тело“, а на церемонијата премиерно беше изведена композиција според стиховите на песната „Оној што пишува“, како и кратка драмска изведба според песната „Совршеноста се раѓа“. Маџиров на церемонијата го прочита говорот на благодарност, како и три песни на македонски јазик. Никола Маџиров е најмлад досегашен странски добитник на оваа престижна награда за современа поезија.
Во образложението на жирито со кое претседаваше поетот и критичар Хуан Лихаи и кое беше прочитано од поетот Јан Ке, претседателот на Друштвото на писателите на Гуангџоу, се вели:
„Поезијата на Никола Маџиров е длабоко вкоренета во плодната почва на балканската меморија. Надминувајќи ја неизбежната судбина, преминувајќи ги урнатините на историјата и јазовите во културата, тој изнедрува од маглата на времето за да понуди нов светилник преку кој можеме да ги разбереме болката, надежта и човечноста.
Почитувајќи ја традицијата на критички медитации од негови претходници-поети кон историското наследство, тој води дијалог со големите умови, ја воочува вистината со непоколеблива храброст и чекори осамено кон зрелоста. Маџиров зрачи со светлечки хуманизам на една нова генерација поети. Исполнето со свеж спектар од слики, неговото пишување продира во заборавените одаи на животот, а забрзувачката фреквенција на сликите предизвикува моќна емпатија кај слушателите, дозволувајќи им на читателите постојано да ја препознаваат интимноста на зборовите.
Блиската сосредоточеност на Маџиров кон непосредното и неговата далекусежна визија кон светот му овозможуваат неотуѓиво сетилно искуство, дури и кога му се дарува себеси целосно на универзумот. Неговото пишување е двоен акт меѓу присуството на животот и крикот на духовното, штитејќи ја светлината меѓу луѓето, таму каде што, длабоко во пепелта, останува незгаснатата искра на поезијата.
Сместен помеѓу замисленото минато и посакуваната иднина, Маџиров пишува со немилосрдна искреност. Ослободен од земните ограничувања, преку безграничната имагинација тој му дава глас на скриениот јазик што раскошно цути од внатрешниот копнеж. Во него, креативноста добива слободна волја; преку него, светот започнува одново — чиниш нови видови поезија се раѓаат од сопствените урнатини.“
Ова е трето меѓународно признание за Никола Маџиров годинава, по европската награда за поезија „Н.К. Казер“ во Италија во мај и признанието „Почесен гостин“ на меѓународниот фестивал „Денови на поезија и вино“ во Словенија, во август.
Култура
75 години ДФРМ: од 3 септември филмска ревија со македонски филмови во Кинотеката

По јулските проекции, филмската ревија во Кинотека во чест на јубилејот – 75 години од основањето на Друштвото на филмски работници (ДФРМ) ќе продолжи во септември, по завршувањето на летните одмори.
На 3 септември програмата ќе биде отворена со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, а во деновите што следуваат публиката ќе има можност да ја проследи јубилејната филмска ревија од избрани македонски филмови кои оставиле длабока трага во нашата кинематографија.
4 септември: „Денес треба нешто да се случи“ (1978); „Ругање со Христос“ (2018)
5 септември: „Северен пол“ (2012); „Соба со пијано“
10 септември: „Види ја ти неа“ (2017); „Домаќинство за почетници“ (2023)
12 септември: „Вирово“ (1968) документарен филм; „Сестри“ (2021)
-Јубилејната филмска ревија претставува потсетување на 75 години активна работа на Друштвото на филмски работници на Македонија и истовремено – почит кон сите генерации визионери, филмски автори, актери, филмски работници и соработници кои низ сите овие години ја граделе и сѐ уште ја градат македонската кинематографија. Ревијата отвора простор за средби, дијалози и нови идеи за иднината на седмата уметност во нашата држава. Во време кога вниманието е фрагментирано, јубилејната ревија нѐ потсетува дека добриот филм останува моќна сила – да нѐ трогне, инспирира и обедини, вели Игор Иванов – Изи, претседател на ДФРМ.
Сите проекции се бесплатни.