Македонија
Протести во понеделник, вчера мирно

Во недела нема да има протести против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги амнестира сите политичари за случаите поврзани со нелегално прислушуваните разговори, но затоа пак, организаторите повикуваат на протест во понеделник.
„Соборци и соборки, изминативе денови беа интензивни и напорни, но и охрабрувачки. Наместо денес, со протести продолжуваме утре (понеделник) во 18 часот: побројни, покоординирани и со нови сили и енергија. Нема правда, нема мир!
На улиците на Скопје, но и во Битола и Струмица, илјадници граѓани во сабота попладне повторно побараа оставка од претседателот Иванов поради одлуката за амнестија. Со извиците „Нема правда, нема мир“ и „Оставки“ илјадници граѓани петти ден по ред го изразија својот револт од одлуката за амнестија што ја донесе претседателот Иванов.
Протестите, освен инцидентот кај Триумфалната порта, кога човек, од страна на демонстрантите оценет како провокатор, удри девојка која сакаше да направи графит, минаа мирно.
Приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, во саботата, не организираа контрапротести. Протести против амнестијата на Иванов #протестирам денеска ќе се одржат и пред македонската амбасада во Вашингтон, САД. Иселениците на овој начин сакаат да им изразат поддршка на своите сограѓани во Македонија, јавува Дојче Веле.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во сабота беше заедно со демонстрантите, и рече дека во една работа сигурно верува, а тоа е нашиот народ.
„Денеска сме овде, јас, дел од раководството на СДСМ, како и впрочем сите вечери, некој од нас е присутен во поддршка на овие протести коишто ги организираат граѓанските организации. Ова расте и не може да застане. Интензитетот се повеќе и повеќе ќе се зголемува“, рече Заев.
Тој додаде дека му јавиле оти и во неколку други градови се организираат протестите.
„Гневот граѓаните мора да го истурат на улиците. Јас само се надевам дека ќе бидеме внимателни, дека ќе бидеме луѓе пред се, без употреба на насилство и по мирен пат секој ќе го изрази револтот во форма на протест. Се урнисаа сите вредности од Договорот од Прижино, буквално е згазено се. Со одлуките за поништувањето на техничката влада, оваа одлука за аболиција од Иванов и овој државен удар, овој срам за Македонија навистина беа врв, кулминација. Колку и да не сака да се изначуди човек, нема крај. Се повеќе и повеќе влгуваат во глупости“, рече Заев./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевска: СДСМ и Мартин Костовски во очајнички обид да се спасат од агонија, измислуваат физички напад

СДСМ и неговиот кандидат за градоначалник Мартин Костовски денеска се послужија со класична лага и инсинуација во обидот да добијат ситни политички поени, надевајќи се дека тоа нешто ќе им смени на 19 октомври на изборите. Го обвинија нашиот кандидат за советник Самет Салиевски дека, наводно, тој нападнал членови на еден од изборните штабови на Костовски во Куманово. Тоа е целосна лага од Костовски, ја демантираше изјавата на кандидатот за градоначалник на СДСМ – за наводен физички напад врз активисти на социјалдемократите, носеителката на советничка листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Ивана Ѓорѓиевска.
„Вистината е сосема поинаква. Нашиот кандидат за советник Салиевски бил сведок на меѓусебна вербална расправија на активисти на СДСМ во близина на неговиот дом каде што живее. Немало никаков физички контакт што може да се карактеризира како атак од него. Во меѓувреме веќе станал цел на вербални провокации и довикувања на кои реагирал смирено и воздржано.
Ова се очајнички обиди а СДСМ со лаги и манипулации на низок, дрзок и целосно некоректен обид да добијат ситни поени пред кумановци и јавноста. Таквите очајнички чекори се резултат на агонијата во која се наоѓаат како последица на анкетите направени во предизборието кои велат дека ги очекува убедлив пораз. Поточно, убедлива победа на Движењето ЗНАМ и кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски“ потенцираше Ѓорѓиевска.
Ние, рече таа, немаме намера да се занимаваме со ваквите политикантски игри на некои истрошени политичари. „ЗНАМ и Максим Димитриевски во изминатиот период покажаа и докажаа како се сака Куманово, како се води најголемата општина во државата и како со труд, професионалност, посветеност и отчетност се создаваат услови секојдневно да се менува на подобро. А, граѓаните тоа го препознаваат. Затоа на 19 октомври Максим Димитриевски и ЗНАМ ќе освојат голема победа. Победа за Куманово да продолжи да се менува“, посочи Ивана Ѓорѓиевска.
Македонија
Утре претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови

Времето во текот на утрешниот ден, претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до15 степени.
Во Скопје, ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.
Македонија
Мицкоски: Да не дозволиме да се вратат оние што 20 години ја уништуваа Македонија

„Според сите анкети, според јавното мислење, но и според граѓаните и перцепцијата, генерално, јасно е дека на овие локални избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ќе бидат убедливи победници. Тоа сите го знаат“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Сарај во рамки на изборната кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за изборите во недела, на 19 октомври.
Мицкоски испрати порака за масовно излегување на изборите на 19 октомври.
„Затоа што ценам дека на тој начин ќе имаме континуитет во реформите, на тој начин ќе имаме континуитет во испораката и мислам дека на тој начин ќе продолжиме заедно да чекориме. Да не дозволиме да се вратат сите оние структури коишто седум години ја уништуваа, ја ограбуваа Македонија и ја распродаваа Македонија“, рече Мицкоски.
Од Сарај, Мицкоски се осврна и на политичката партија ДУИ за која рече дека 20, 22 години била дел од различни владини структури, која сега се чувствува неприродно во една поинаква позиција кога се во опозиција и која цела кампања, посебно првата недела му ја посветила на него.
„Немаше митинг најмалку по 15 до 20 пати да го спомнат моето име. Сакав едно време да им се јавам да им кажам „аман луѓе дајте кажете што ќе правите четири години. Дај оставете или зборувате за Кристијан или како ќе се вратите на власт, или правите етнички поделби“. Тоа беше целата кампања на ДУИ“, рече Мицкоски.
Мицкоски даде одговор и на повиците од ДУИ за предвремени парламентарни избори.
„Замислете да има предвремени парламентарни избори и замислете на тие предвремени парламентарни избори, еве ДУИ да има добар резултат, бидејќи од другава страна се знае дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, после големата победа на локалните избори, на парламентарни евентуални избори би освоила огромно мнозинство гласови, можеби 61 пратеник. Со кого ќе прават коалиција, како ќе ја гласаат мојата Влада? До пред 5-6 месеци не им чинев, Кристијан ваков, Кристијан таков, како ќе ја гласаат мојата Влада, како ќе бидат мои министри. Еве јас го поставувам тоа прашање, не можат да измислат друг. Еве ние имаме 61, што правиме тогаш? Или ќе заборават? Ќе речат тоа не важи, сега ќе се препакуваме како што тоа го правевме 20 и повеќе години, нашиот личен интерес ќе го ставиме пред сè и ќе си функционираме како да ништо не било. Тоа така не бива“, порача Мицкоски.