Култура
Ватикан и Универзитетот Оксфорд ќе објават дигитализирани антички текстови

Ватиканската Апостолска библиотека и библиотеката Бодли на Универзитетот Оксфорд го најавија претставувањето на заедничкиот проект дигитализирање на древни текстови,
Ватиканската Апостолска библиотека и библиотеката Бодли на Универзитетот Оксфорд го најавија претставувањето на заедничкиот проект дигитализирање на древни текстови, што ќе им овозможи на илјадници интернет корисници и истражувачи слободен пристап до 1,5 милиони страници на вредни книги кои се чуваат во архивите на двете меѓу најстарите библиотеки во Европа.
Како што е наведено во соопштението за печатот испратено до агенциите, експертите планираат да станат достапни во електронска форма преведени грчки ракописи и книги издадени во Европа од почетокот на печатарската дејност и до 1501 година, ткн „инкунабули“, како и еврејски ракописи, напишани главно во периодот IX до XVI век.
„Овие книги беа избрани поради нивното значење за науката“, се вели во соопштението.
Така, на пример, збирката грчки книги на Ватиканската Апостолска библиотека, во која има околу пет илјади тома, е една од најбогатите во светот и е од големо значење за истражувачите и за пошироката јавност, особено делата на Хомер, Софокле, Платон и Хипократ.
Се претпоставува дека целосната реализација на овој проект на двете славни библиотеки, кој е возможен со финансиска поддршка од британската фондација The Polonsky Foundation којашто исто така беше инволиврана и во дигитализацијата на делата на Исак Њутн и научните белешки и преписката на Алберт Ајнштајн, ќе трае четири години.
„Двете од најстарите библиотеки во Европа ги здружуваат силите во иновативен пристап да се дигитализираат старите текстови, што се должи на реалната потреба на научниците Со оваа заедничка иницијатива двете библиотеки продолжуваат да ги извршуваат своите мисии во полза на науката и културата“, изјавил префектот на Ватиканската Апостолска библиотека, монсињор Чезаре Пазини, пренесува РИА Новости до која исто така е исрпатено соопштението на библиотеките.
Библиотеката на Ватикан, основана во 1451 година од страна на папата Никола Петти, се смета за една од најважните научни библиотеки во светот. Сега во своите архиви, кои постојано се обновуваат, има повеќе од 180 илјади ракописи, 1,6 милиони печатени книги, а повеќе од 300 илјади монети и медали, како и 150 илјади гравури и географски мапи од различни периоди на историјата.
Бодлианската библиотека на Универзитетот Оксфорд, именувана по познатиот собирач на антички ракописи Сер Томас Бодли (1545 – 1613), е најголемиот универзитетски библиотечен систем во Велика Британија а нејзиниот фонд се состои од повеќе од 11 милиони печатени публикации.
Како година на основање на библиотеката се посочува 1602 година, иако нејзините почетоци датираат од XIV век, кога првпат во Оксфорд е формирана библиотека. Од 1610 година библиотеката Бодли добива задолжителни примероци од сите печатени публикации издадени во Велика Британија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јулијана Величковска со „Рајсфершлус“ ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“

Поетската книга „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, издадена од ПНВ Публикации, е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објави денеска претседателот на жирито, Санде Стојчевски.
Жирито посебно го истакна уникатниот стил на Величковска, која во книгата користи песни во проза и го истражува прашањето за граничните области меѓу жанровите.
„Авторката не ги пишува своите лирски записи, туку ги компонира од разговорни фрази и наслушнување на лексички единици, создавајќи автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект“, нагласи Стојчевски.
Првиот дел од книгата се карактеризира со игра со јазичниот материјал, еуфонија и внимание кон формата, додека вториот дел внесува нов семантички слој, зумирајќи врз природата, историските хероини и современата цивилизација.
„Книгата се издвојува како многу ферментирана поетика и пример за долготрајна творечка посветеност“, додаде Стојчевски.
Величковска наградата ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Многу ме радува што генерациите се доближуваат и се гледаме како заедница и пријатели, а не како конкуренција“, изјави авторката.
Во најтесен избор се најдоа и книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, но жирито едногласно ја избра „Рајсфершлус“ како победник.
Култура
Триумф на „Диџеј Ахмет“ во Сараево, филмот Унковски освои три големи награди

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски се закити со три награди на 31. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа. Дебитантското долгометражно остварување освои „Перспективи на младите“, наградата на порталот „Cineuropa“, како и Уникредит наградата на публиката за најдобар игран филм.
Жирито посочи дека специјалната награда „Перспективи на младите“ се доделува за ведра и хумористична, но и трогателна приказна, која преку шарената кинематографија и изведбите на младите актери носи силна порака.
„Филмот им дава глас на младите од мала заедница, а воедно има потенцијал да допре до публиката ширум светот“, стои во образложението.
Филмот освои и награда од „Cineuropa“, вредна 5.000 евра, која се доделува на филмови со уметнички квалитети што промовираат европски дијалог и интеграција.
Покрај тоа, македонската продукција ќе го има честа да го затвори 46. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (20–26 септември), што ќе биде и официјалната македонска премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа во јануари на фестивалот Санденс во Јута, каде што доби две признанија – наградата од публиката во програмата „Светски филм“ и специјалната награда на жирито за креативна визија.
Филмот е сниман во октомври и ноември минатата година во селата Коџалија и Али Коч кај Радовиш и во Скопје. Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед, а во останатите – Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага и Метин Ибрахим.
Станува збор за копродукција меѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, компании од Чешка и Србија, со продуценти Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Филмот беше поддржан со 23,5 милиони денари од Агенцијата за филм во 2020 година и 160.000 евра од европскиот филмски фонд Еуримаж.
View this post on Instagram
Култура
Претставена тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“ панорама на македонската винска поезија на Струшките вечери на поезијата

Учесниците на 64-тите Струшки вечери на поезијата денеска имаа можност да присуствуваат на поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година и да испијат поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка. Ги проследија и поетските портрети на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик Катица Ќулавкова и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година за најдобра дебитантска книга од млад автор на Матеуш Шимчик од Полска.
Пред присутните беше претставена и тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски. Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.
„Книгата е составена од два клучни дела и еден вовед. Воведниот се две песни едната од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во која се опева дионизискиот ритуал, а другата е од Матеја Матевски, посветена на Свети Трифун. Тие две песни се двата мотиви кои го прават јадрото од кое се развива книгата. Во првиот дел се песни од преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, а вториот е од кодификацијата на македонскиот јазик, односно од 1945 година па навака“, информира Димоски.
Иако замислата му била да направи антологија на македонската боемска поезија, по неколку месечни истражувања заклучил дека нема таква класична боемска поезија, а имало доста песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволставата од пиењето вино, дошол до идеја да ја именува како македонска винска поезија. Содржината е поделена на неколку поглавја кои типично си носат своја тема.
„Вториот дел е поделен на седум кругови тематски групирани, според мотивскиот интерес на авторите кон оваа крупна тема. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската и македонската традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел“, додава Димоски.
Манифестацијата продолжи со поетски читања на поети од платформата Версополис, поетски портрети, мешународното поетско читање „Кругови“ и музичко-поетски перформанс- Ноќ без интерпункција. Вечерва ќе биде врачена и наградата „Млада Струга“ за 2025 година на поетот Андреј Анѓеловиќ.
Во рамките на програмата меѓудругото утре на прес-конференција ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, а традиционално во црквата Света Софија во Охрид ќе има поетски портрет на добитникот на „Златен венец“за 2025 година Иван Штрпка од Словачка.