Забава
Дубаи ќе гради кула повисока од Бурџ Калифа
Компанијата за градежни работи и управување со недвижнини „Emaar“ од Дубаи, планира во овој емират да изгради нова кула којашто со височината ќе ја надмине Бурџ Калифа, во моментов највисоката зграда на светот, изјави во неделата претседателот на компанијата Мохамед Алабар.
Алабар изјави дека новата зграда, чиешто градење ќе чини околу милијарда американски долари, ќе биде малку повисока од колата Бурџ Калифа, односно од 828 метри. Додаде дека прецизна информација за височината на новиот облакодер ќе даде при крајот на работите, и истакна дека кулата ќе претставува своевиден подарок од компанијата на Дубаи пред 2020 година, кога ќе се одржи Светската изложба Експо.
Новата зграда, која ја осмислил шпанско-швајцарскиот архитект Сантјаго Калатрава Валс, ќе има видиковец, а во неа ќе се наоѓаат станови, ресторани и хотели, рече Алабар. Изгледот на кулата го опиша како „елегантен“, велејќи дека со својата структура ќе потсетува на минаре.
Во трката за изградба на најголемата зграда на светот и е компанијата „Kingdom Holding“ на саудискиот принц и милијардер Ал Валид бен Талал, кој работи на изградба на облакодер во Џеда, кој исто така, треба да биде завршен до 2020 година.
Почетокот на работите на зданието наречено „Кулата на кралството“ беа најавени уште во април 2014 година. Овој облакодер во Џеда би требало да биде висок илјада метри, а градењето би требало да чини најмалку 1,23 до 2 милијарди американски долари. Според најавите, во неговото градење ќе бидат потрошени милион кубни метри бетон и околу 80 илјади тони челик.
Кога ќе биде завршена, зградата ќе има вкупна површина од повеќе од 500 илјади квадратни метри и 200 ката. Ќе има и 59 лифтови, од кои пет ќе бидат двојни. Оние лифтови коишто ќе бидат наменети за посетителите коишто ќе сакаат да „фрлат” поглед од видиковецот ќе се движат со брзина од 10 метри во секунда.
„Кулата на кралството” ќе биде всушност централниот дел од Кралскиот град кој би требало да чини околу 15 милијарди евра, непосредно северно од Џеда во насока кон Црвеното Море.
Новата населба/град ќе опфаќа површина од неколку милиони квадратни метри урбан простор, вклучително станбени и комерцијални недвижности, хотели, канцеларии, продавници, образовни и трговски центар, во што ќе учествува и компанијата „Jeddah Economic Company”./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

