Култура
Стеван Цигаридов изложува во Прилеп

Во Центарот за култура „Марко Цепенков” во Прилеп во петок во вечерниот термин ќе биде отворена изложба на слики на авторот Стеван Цигаридов
Ова е прва самостојно претставување на Стеван Цигаридов изложба пред прилепската публика. Уметникот ќе се претстави со 25 слики кои се ретроспектива на неговата повеќегодишна плодна творечка работа.Во сликите Цигаридов ја користи човечката фигура за трансформација во апстрактни форми, а потоа создава нова фигура, компонирана од тие форми со нова содржина и своја симболика.Роден е во Битола, но живее и работи во Скопје. Досега имал самостојни изложби во Скопје, Битола И Охрид, а учествувал И на групни изложби во Париз, Белград, Врање, Љубљана, Краљево и Охрид. Редовен член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Септемвриска филмска магија во Кинотеката на Македонија

Кинотеката на Македонија ја најавува септемвриската програма, која ќе донесе вистински филмски празник за љубителите на седмата уметност.
Овој месец е посветен на антологиските филмови од историјата на светската кинематографија, како и на значајни македонски играни и краткометражни остварувања. На репертоарот ќе се најдат ремек-дела што го обележале златното време на филмот.
Посебно место во програмата ќе имаат и македонските краткометражни филмови, кои на најдобар начин ја претставуваат енергијата и креативноста на неколку генерации автори. Кратката форма ќе биде претставена преку избор на значајни остварувања, кои ги истражуваат интимните приказни, урбаните пејзажи и социјалните предизвици. Овие проекции се можност публиката да се сретне со зрели авторски визии, а истовремено и да ја почувствува пулсацијата на современиот македонски филм.
Со оваа програма, Кинотеката ја претвора септемвриската филмска сцена во мост меѓу светската класика и македонското авторско творештво.
Публиката ќе има ретка можност да ги доживее најсветлите моменти на филмската историја и истовремено да се потсети на значењето на македонскиот филм како органски дел од европската културна мапа.
Целосна програма
Култура
Со средбата „Продуценти со продуценти“ почна „МакеКоПроДокс форум“

Со целодневна програма што се отвора со средбата „Продуценти со продуценти“, на која учествуваат филмски продуценти од Франција, Балканот и Вишеградскиот регион, на 25 август во Младинскиот културен центар почна седмиот МакеКоПроДокс форум.
Во текот на првиот ден од работата на форумот ќе се одржи презентација на ИДФА и ИДФА Берта фонд, како и презентација и промоција на интернационалните копродукции поддржани од францускиот CNC, Чешкиот филмски центар и Хрватскиот аудиовизуелен центар, додека активностите на Агенцијата за филм на Северна Македонија ќе ги претстави в.д. директорот Сашко Мицевски.
МакеКоПроДокс форумот е единствена платформа посветена на зајакнување на копродукцијата во областа на креативниот документарец низ целиот Балкан. Од своето основање во 2019 година, во рамките на 10-тото издание на „МакеДокс“, Форумот прерасна во витално место за средби на филмски режисери, продуценти, професионалци од индустријата и претставници од филмските центри во регионот.
– Седмото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 25-ти до 27-ти август 2025 година во МКЦ, обединувајќи филмски автори, продуценти и експерти од Балканот и Европа, со цел зајакнување на соработката во областа на креативната документаристика. Годинашното издание го поставува прашањето „Кому му е гајле за реалноста?“, истражувајќи ги креативните и етичките предизвици на раскажувањето во денешниот медиумски заситен свет – истакнува Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
На вториот ден на форумот ќе се одржат низа пичинг-сесии, како и средби „еден-на-еден“ помеѓу филмски автори и продуценти, а на крајот од денот ќе бидат доделени награди за најдобрите проекти во развој. Форумот ќе заврши на 27 август со презентација на проекти во развој што учествувале со Мини-слејт апликации на програмата „Креативна Европа“.
МакеКоПроДокс форумот е организиран и поддржан од „МакеДокс“, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Француската амбасада и Францускиот институт во Скопје – Фонд Екип Франција при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Институтот за документарен филм, Интернационалниот Вишеград фонд, Гете институт Скопје, Грчкиот филмски центар, Документарната асоцијација на Европа, фестивалската мрежа „Док араунд Јуроп“, „Сани сајд оф д’док“, МК Деск на „Креативна Европа“ и Младинскиот културен центар во Скопје.
Култура
Врачени највисоките фестивалски признанија на Струшките вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга заврши 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска и ја врачи претседателот на жири-комисијата Санде Стојчевски.
На 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација е глаголицата. Фестивалот почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.
Манифестацијата се одржа под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.