Култура
Презентирани заклучоците од седницата на Советот за култура

Неопходност од донесување на Закон за театарска дејност и предлог-проекти за кабаре како театарски израз се само дел од заклучоците кои биле донесени на вчерашната седницата на Советот за култура, а кои денес пред јавноста беа презентирани во Министерството за култура.
Неопходност од донесување на Закон за театарска дејност, предлог-проекти за кабаре како театарски израз, грижа за понатамошно вложување во прогресот на театарската дејност, инвестиции во инфраструктурата во културните институции, поддршка на независната театарска сцена се само дел од заклучоците кои биле донесени на вчерашната седницата на Советот за култура, а кои денес пред јавноста беа презентирани во Министерството за култура.
„За закон за театарска дејност и кабарето како театарски израз треба да бидат доставени предлози од страна на директорите на театрите кои Министерството треба да ги разгледа. Владата и Министерството за култура и понатаму ќе водат грижа за прогресот на театарската дејност што подразбира вложување во инфраструктурата, зголемување на платите во насока на вреднување на трудот на уметниците. До сега се вработени 134 лица од кои 50 нови млади актери.Во насока на поддршка во подобрувањето на театарската дејност имавме 58 прeмиери на Националните театарски установи и 12 независни проекти. Сите реномирани автори го најдоа своето место како на домашната театарска, така и на меѓународната сцена со поддршка од Министерството за учество на многу фестивали. Ќе продолжиме и во насока на дисперзија на културните содржини на целата територија на државата. “ истакна меѓудругото министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
„Законот за театарска дејност има една цел да воведе ред, права и обврски на работата во театарот, како и да го направи неговото работење транспарентно. Исто така театарот треба да отиде пред публиката, а не да чека таа да дојде кај него. Време е во оваа професија да има жанровска и стилска профилација на актерите и режисерите, бидејќи сите се познавачи на Шекспир, а никој не го прочитал.“ истакна режисерот Љубиша Георгиевски.
На прес-конференцијата освен претседателот на Советот за култура Цветан Грозданов беа присутни и директорите на театрите од повеќе Центри за култура од државата. крај/сж
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Врачени највисоките фестивалски признанија на Струшките вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ и меѓународното поетско читање „Мостови“ вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга заврши 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Наградата „Златен венец“ на словачкиот поет Иван Штрпка му ја врачи директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Мите Стефоски на полскиот поет Матеуш Шимчик му го врачи признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант.
Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга на македонски јазик издадена меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на добитничката Јулијана Величковска и ја врачи претседателот на жири-комисијата Санде Стојчевски.
На 64-тото издание на Струшките вечери на поезијата, учествуваа 70 поети од сите меридијани. Фокусот на годинашната манифестација е глаголицата. Фестивалот почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата.
Манифестацијата се одржа под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, а финансирана од Министерството за култура и туризам.
Култура
Јулијана Величковска со „Рајсфершлус“ ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“

Поетската книга „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, издадена од ПНВ Публикации, е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објави денеска претседателот на жирито, Санде Стојчевски.
Жирито посебно го истакна уникатниот стил на Величковска, која во книгата користи песни во проза и го истражува прашањето за граничните области меѓу жанровите.
„Авторката не ги пишува своите лирски записи, туку ги компонира од разговорни фрази и наслушнување на лексички единици, создавајќи автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект“, нагласи Стојчевски.
Првиот дел од книгата се карактеризира со игра со јазичниот материјал, еуфонија и внимание кон формата, додека вториот дел внесува нов семантички слој, зумирајќи врз природата, историските хероини и современата цивилизација.
„Книгата се издвојува како многу ферментирана поетика и пример за долготрајна творечка посветеност“, додаде Стојчевски.
Величковска наградата ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Многу ме радува што генерациите се доближуваат и се гледаме како заедница и пријатели, а не како конкуренција“, изјави авторката.
Во најтесен избор се најдоа и книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, но жирито едногласно ја избра „Рајсфершлус“ како победник.
Култура
Триумф на „Диџеј Ахмет“ во Сараево, филмот Унковски освои три големи награди

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски се закити со три награди на 31. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа. Дебитантското долгометражно остварување освои „Перспективи на младите“, наградата на порталот „Cineuropa“, како и Уникредит наградата на публиката за најдобар игран филм.
Жирито посочи дека специјалната награда „Перспективи на младите“ се доделува за ведра и хумористична, но и трогателна приказна, која преку шарената кинематографија и изведбите на младите актери носи силна порака.
„Филмот им дава глас на младите од мала заедница, а воедно има потенцијал да допре до публиката ширум светот“, стои во образложението.
Филмот освои и награда од „Cineuropa“, вредна 5.000 евра, која се доделува на филмови со уметнички квалитети што промовираат европски дијалог и интеграција.
Покрај тоа, македонската продукција ќе го има честа да го затвори 46. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (20–26 септември), што ќе биде и официјалната македонска премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа во јануари на фестивалот Санденс во Јута, каде што доби две признанија – наградата од публиката во програмата „Светски филм“ и специјалната награда на жирито за креативна визија.
Филмот е сниман во октомври и ноември минатата година во селата Коџалија и Али Коч кај Радовиш и во Скопје. Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед, а во останатите – Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага и Метин Ибрахим.
Станува збор за копродукција меѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, компании од Чешка и Србија, со продуценти Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Филмот беше поддржан со 23,5 милиони денари од Агенцијата за филм во 2020 година и 160.000 евра од европскиот филмски фонд Еуримаж.
View this post on Instagram