Култура
Московски ансамбл за крај на 34-тите ДММ
Московскиот ансамбл за современа музика ќе настапи на затворањето на 34-тите Денови на македонска музика.
Московскиот ансамбл за современа музика ќе настапи на затворањето на 34-тите Денови на македонска музика.Ансамблот е формиран во 1990 година по иницијатива и силна поддршка на Едисон Денисов, руски композитор кој во времето на Советска Русија бил познат како припадник на андерграундот, односно алтернативната, антиколективистичката и антиконформистичката струја во руската музика. Основач на ансамблот е композиторот Јури Каспаров.Во Скопје пристигнаа пет музичари од Московскиот ансамбл за современа музика предводени од менаџерката Викторија Коршунова.Програмата на концертот, што ќе се одржи вечерва во Музејот на град Скопје, содржи дела на македонските композитори Гоце Коларовски, Михаило Трендафиловски, Јана Андреевска и Сони Петровски, и руските композитори Олег Пајбердин, Алексеј Сјумак, Сергеј Невски и Дмитриј Курљандски.Пред концертот ќе бидат промовирани два компакт-диска во издание СОКОМ со музика од современи македонски композитори изведена на ДММ 2009 и ДММ 2010.Пред синоќешниот Камерен концерт на ДММ беше промовиран компакт-дискот на македонската пијанистка Марија Вршкова.„Марија Вршкова е еден од ретките македонски музичари коишто уште од најрани денови јасно го изрази својот интерес за современата музика, а особено кон македонската музика напишана за пијано. Објавувањето на компакт-дискот на Вршкова ми причинува големо задоволство, бидејќи се појавува во период кога секој уметник веќе треба да има свое цеде. Тоа е периодот кога уметникот е во своите најубави и најплодни години и возраст кога е во полна сила. Огромно задоволство ми причинува фактот што Вршкова избра да се претстави како врвен уметник само со дела од македонски автори. Мислам дека тоа е голем комплимент за сите композитори чии дела се објавени на компакт-дискот на Марија Вршкова“ – изјави композиторката Јана Андреевска во својство промотер на изданието.Компакт-дискот е издание на СОКОМ во соработка со Македонската радиотелевизија. На цедето се застапени композиции од македонските автори Томислав Зографски, Гоце Коларовски, Драган Стојковски, Властимир Николовски, Сони Петровски и Јана Андреевска.„Пијанистката Марија Вршкова искажува особен творечки интерес кон новосоздадената музика, вклучувајќи ги делата од македонските композитори. Тоа е професионален ангажман за кој е потребно големо љубопитство, творечки инстинкт, истражувачка храброст и фантазија, и пред сè, врвен пијанизам. Такво пијанистичко умеење кое го оживотворува изведеното дело, зашто сепак, станува збор за дела кои во најголем број случаи сè уште ја бараат својата афирмација и пат“ – нагласи музикологот Снежана Анастасова-Чадиковска во текстот „Музичар со сопствена ѕвезда“ подготвен за промоцијата на дискот на Марија Вршкова.„На компакт-дискот Вршкова ни открива сопствена лиричност и обоеност во често изведуваната Суита на Томислав Зографски, доминантно ја гради кулминацијата на Тешкото за виолончело и пијано на Властимир Николовски, ги обојува со специфичен хумор не лесните виртуозни дела на Јана Андреевска, покажува извонреден усет за заедништво и динамичност во делото за пијано и оркестар на Сони Петровски, со особена страст и посветеност им приоѓа на делата на Гоце Коларовски, наоѓа љубов и внимание за делото на младиот композитор Драган Стојковски“ – нагласи Снежана Анастасова-Чадиковска со прецизно нијансирање на делата објавени на компакт-дискот.На синоќешниот Камерен концерт во рамките на 34-тите Денови на македонска музика беа изведени дека од македонските композитори Драган Стојковски, Теа Богатинова, Борис Светиев, Ана Пандевска, Фатос Љумани, Валентина Велковска-Трајановска, Михаило Трендафиловски и Елизабета Илиевска-Бете./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



