Култура
Успешна турнеја на Балетот во Италија
На меѓународната турнеја на Македонскиот балет во Италија, која започна на 27 ноември и траеше до 31 јануари, беа изведени 50 изведби на „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“
Нашите солисти настапија во четириесетина градови во познати театри чијашто историја говори за нивното значење во Италија и пошироко.Заедно со нив, на сцената се појавија врвни гости од балетските сцени од Европа меѓу кои Сергеј Сидорски, Игор Бучалев и други.„ Оваа турнеја беше историски момент за Балетот и ќе остави една трага во оваа институција. Имено, се ова што се случуваше во Италија не е случајно, бидејќи е резултат на напорната работа од 2006 година. Успехот е заеднички, бидејќи преку работата се направи една природна селекција на квалитетните уметници чиј што дострел беше ова нивно гостување,“ изјави Киро Павлов уметничкиот директор на Балетот кој го најави своето повлекување од оваа функција во Балетот. Тој се враќа на неговото место истакнат солист, но исто така ќе работи и како репетитор и педагог за мастер- класовите во Академијата од Милано.„Пред четири години започнавме со програмска цел да создадеме репертоар со кој ќе го подигнеме квалитетот балетските уметници во државата, но и ќе можеме да се претставиме надвор. Ние ја исполнивме целта. Направивме одличен репертоар и создадовме уметници кои на најдобар можен начин ја претставија културата. Се претставивме во врвни театарски куќи каде што настапувале многу познати уметници пред нас. Нашите првенци се претставија на највисоко професионално ниво. За тоа говорат аплаузите, овациите и поканите за повторните гостувања. Сите сали беа полни, а најголема потврда за тоа дека сме ја постигнале целта е што публиката во Рим тропаше со нозе од задоволство,“ изјави Тања Вујисиќ-Тодоровска главен педагог, репетитор и менаџер во МОБ.Првенците на Македонскиот балет, Ивана Коцевска, Мими Поп-Алексова, Марија Кичевска, Дмитро Чеботар и Бобан Ковачевски не го криеја своето задоволство од настапите во Италија и за сите нив ова претставува драгоцено искуство кое придонело за подигнување на нивните уметнички квалитети.„Бев пресреќна што настапував со моите колеги со кои неизмерно се поддржувавме и кога ни беше најтешко. Турнејата ни помогна да сфатиме дека можеме да направиме многу и да успееме. Подобро се запознавме меѓусебе што сигурно ќе придонесе за подобрување на квалитетот на играта, но и да го зголемиме нашето сопствено ниво.“ изјави Ивана Коцевска. „Најмногу што ми остана во сеќавање е кога игравме во театарот во Рим, една госпоѓа во првите редови клечеше на колена и не стана се дури не ја погледнав и лично и се поклонив. Овациите и воодушевувањето од публиката не можат да се опишат. Сум настапувала и во други познати театри, но ова го немам доживеано,“ изјави Марија Кичевска која по европската балетска кариера ќе биде дел од тимот на македонскиот Балет. Она што се подготвува во Балетот се априлските балетски вечери и подготовките околу овој настан што ќе се одржува за првпат се речиси завршени. Досегашниот уметнички директор на Балетот Киро Павлов им врачи благодарници на Тања Вујисиќ-Тодоровска и Горан Божинов за нивните придонеси како репетитори и педагози, а тој добри благодарница од директорот на МОБ, Дејан Прошев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

