Македонија
Чавков: Постои опасност од сериозна бегалска криза
Македонија не може сама да се справи со миграцијата, постои опасност од сериозна криза со бегалци, вели министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков во интервју за Атинската новинска агенција (АНА).
Според него, Македонија има возови кои можат да превезуваат илјада луѓе дневно и компании за превоз чии автобуси можат да пренесат илјада луѓе дневно.„Тоа значи дека дневно само две илјади мигранти кожат да го продолжат својот пат. Во случај Грција за еден ден да ја напуштат пет илјади мигранти, за три илјади ќе нема место“, изјави Чавков, додавајќи дека ако таквата ситуација се повтори неколку дена по ред постои опасност од сериозна криза.Тој подвлече дека Македонија не е членка на ЕУ и нема на располагање ресурси и средства од ЕУ.Чавков информира дека голем број мигранти не успеваат да најдат средства за транспорт со што се зголемува нивниот број во Гевгелија. Во еден момент имало ситуација кога во Гевгелија, град со околу 15.000 жители, имало околу 8.000 мигранти. Дел од жителите на градот се пожалиле дека некои од мигрантите предизвикале штета на нивните имоти, а постојат и проблеми со ограничен медицински персонал кој обезбедува помош за болните и сиромашните мигранти, со што се зголемуваат потенцијалните ризици за пренесување болести.„Поради овие причини, Владата одлучи да прогласи вонредна состојба во регионот и да се создадат услови за вклучување на сите релевантни институции, вклучувајќи ја и војската, која треба да и помогне на полицијата да ја зајакне контролата на границите. Ние веруваме дека со зајакнување на контролата може да се постигне, бројот на имигранти кои влегуваат во земјата да не ги надмине нашите можности, со што подобро ќе одговориме на нивните потреби“, рече Чавков додавајќи дека е при крај и пунктот за прием кој ќе помогне за поефикасна регистрација на мигрантите и ќе обезбеди похумани услови.На новинарско прашање како Европската унија може да и помогне на Македонија да се справи со зголемениот прилив на бегалци, кој според сите проценки, ќе потрае уште некое време и ќе има уште повеќе проблеми, Чавков одговори дека ЕУ може да помогне со финансиски и технички средства и човечки ресурси.„Но, најголема помош ќе биде ако се подготви конзистентна политика и конечно да се најде решение за проблемот, хумано решение, во согласност со европските стандарди, што ја покажува европската солидарност во пракса, особено за илегалните мигранти и нивната трагична судбина, но исто така и за земјите кои се најмногу изложени на миграционите текови“, истакна македонскиот министер.Тој подвлече дека е свесен оти овој проблем нема да заврши утре и оти не е ниту локален, ниту регионален проблем.„Ова е глобален проблем и само врз таа основа може да се реши. Ние како држава сме подготвени и сакаме да бидеме дел од решението“, нагласи Чавков.Во врска со соработката со грчката полиција за конкретниот проблем, министерот изјави дека по долго време, грчката полиција почна да соработува со македонската, но истакна дека постои простор за понатамошно подобрување во соработката. Тој подвлече дека со сите други полициски сили на соседните земји Македонија има потпишано голем број договори и меморандуми, има отворени канали за комуникација и заеднички патроли, но оти, за жал, односите со грчката полиција не се на тоа ниво.„Претходните години, и од страна на претходниот министер за внатрешни работи на нашата земја и од мојата страна, имаше многу напори за подобрување на соработката. Предложивме и соработка на ниво на началници на полицијата на двете земји, но без успех. И покрај тоа што би можеле да имаме соработка во интерес на граѓаните на нашите две земји, никогаш не добивме позитивен одговор“, изјави Чавков и изрази надеж дека сега е вистинското време за да се покаже дека пријателите и соседите, може и треба заемно да се поддржуваат.Потсетувајќи на македонската иницијатива за средба со министрите за внатрешни работи на Србија, Унгарија и Австрија за решавање на проблемите со зголемената миграција низ „Балканскиот коридор“, која ќе се одржи наредните денови, новинарот го прашува Чавков зошто не е повикана и Грција, „особено со оглед на тоа што постојано се потсетува дека е потребна подобра и поефективна соработка со Грција“.„Грција е една од клучните алки во синџирот за решавање на проблемот со миграцијата. Една од најкритичните, со оглед на тоа што е првата земја во т.н. „Балкански коридор“ и прва земја од ЕУ во која влегуваат илегалните мигранти. Ова интервју го сметам за еден вид јавен повик до министерот на вашата земја да присуствува на состанокот. За доброто на нашите граѓани и за доброто на илјадници мигранти кои минуваат секојдневно низ нашите земји, ние сме подготвени да ги оставиме зад себе сите наши несогласувања“, изјави македонскиот министер за внатрешни работи Митко Чавков во интервју за грчката новинска агенција АНА МПА./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

