Култура
Традиционален Василичарски концерт и нова програма на МОБ

На примопредавањето на функцијата директор на Македонската опера и балет, поранешниот директор Оливер Арсовски информираше за сработеното во овие четири години, а новиот директор Дејан Прошев ја претстави програмата на Операта за годинава
Освен реконструкицијата на надворешниот и внатрешниот дел на објектот, за овие години имало и 170 нови вработувања, голем број премиерни изведби, гостување на нашите уметници надвор како и носење на познати имиња од светот кај нас.„Три години имавме плодна соработка со Прошев кој беше уметнички директор на операта и како плод на таа соработка се родија голем број премиери. За овие четири години успеавме да отидеме чекор понапред во однос на програмата и реконструктивните зафати на објектот,“ изјави Оливер Арсовски„Ќе се стремам да го продолжам развојот со повеќе квалитетни претстави и гостувања. Се надевам ќе се случи и она што сакам да го вметнам како нов жанр, а тоа е мјузиклот со кој сакаме да привлечеме повеќе публика, посебно младите.“ изјави Дејан Прошев директор на МОБ.Програмата за 2011 г. е одобрена од Министерство за култура и со неа е предвидено обновување на „Травијата“, изведба на „Дон Џовани“ за отворање на Мајските оперски вечери, а за вториот дел од годината ќе се подготвува премиера на оперетата „Царицата на Чардашот“.На денешната прес-конференција, Прошев информираше и за претстојниот традиционален Василичарски концерт кој ќе се случи на 12 јануари в среда. Ќе бидат изведени популарни опери и оперети, а програмата е нова и малку од ариите ќе се повторуваат од изминативе години. На концертот ќе гостуваат Благој Нацоски, Игор и Ана Дурловски, ќе настапат првенците Славица Петровска-Галиќ, Весна Гиновска-Илкова и други познати уметници како и дел од балетскиот ансамбл.Целиот концепт на концертот е замислен како вториот чин од оперетата од „Лилјакот“ од Јохан Штраус Помладиот, а во улога на водител се појавува Петар Ѓошев.Уметнички директор на МОБ се уште не е назначен, а Кире Павлов останува директор на Балетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.