Македонија
Иванов: Договорот мора да се исполни
Со внимание ги следам сите настани околу исполнувањата на политичкиот договор кој беше договорен од лидерите на најголемите политички партии и се надевам дека се ќе оди како што е предвидено и дека утрешната посета на Хан е само потврда дека стоиме до она што е договорено, за да можат сите политички актери да бидат одговорни за сето она што го презеле и да го реализираат. Затоа што роковите течат и договорот мора да се исполнува.
Ова го порача претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во Кавадарци, запрашан да ја оцени политичката состојба во земјава и спроведувањето на договорот од Пржино во пресрет на утрешната посета на Хан во Македонија.
На прашањето како го оценува наредниот период, имајќи ја во предвид бегалската криза и она што се случуваше во Куманово, дали е оптимист за стабилизирање на состојбите, Иванов потсети на една своја изјава дека „Македонија е безбедна исто толку колку што се безбедни сите држави кои не опкружуваат”.
„Бегалската криза не е нешто што само нас не засега. Од Северна Африка и Блискиот Исток многу луѓе се во потрага по среќа. Тие луѓе бегаат затоа што немаат каде да се засолнат, немаат домови. Затоа и целиот континент, цела Европа е ангажирана, сите институции, да се излезе во пресрет на тие луѓе. Затоа што, да појдеме од нас, нема во нашите семејства некој што не бил бегалец или не дошол од друг простор да живее на овој простор. И ако кон нашите предци така се однесуваме, зошто кон бегалците да го немаме истото чувство, дека тие луѓе сакаат едноставно да се спасат од сите оние конфликти што постојат во местата од кои што доаѓаат“, рече тој.
Иванов нагласи дека кризата веќе има судска завршница, случајот во Куманово обвинителите го истражија и во најскоро време тој ќе биде процесуиран во судот и ќе се знаат виновниците.
„Но, најважно е да се дознаат и мотивите. Да се дознае кој е оној кој го посакал тоа да ни се случи на сите нас кои живееме во Македонија. Но, таков е светот, гледате. Секоја вечер нешто се случува во светот. Останува ние да сме си посветени на државата, да си ја чуваме и секој од нас да придонесува кон стабилноста на државата“, додаде Иванов./крај/мф
Извор: МИА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави фотографии од почетокот на акцијата за чистење, поддршка му даде и Мицкоски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат десетици камиони и други возила кои ќе го чистат Скопје.
Ѓорѓиевски во неговата изборна кампања вети дека кога ќе стане градоначалник, откако ќе му биде врачен мандатот за 72 часа ќе го исчисти Скопје.
„Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!“, напиша Ѓорѓиевски.
Македонија
Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2025 се одржа денеска во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Македонија во 2024 година. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
Жири-комисијата која одлучуваше за нградите ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
Победниците на кои сертификатите им ги доделија амбасадорот Рокас и претседателот на жири-комисијата Нешовски беа прогласени во следниот редослед:
3. место:
Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ од емисијата КОД, ТВ Телма која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
2. место:
Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски (Истражувачка репортерска лабораторија) за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
1. место:
Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за сторијата „По трагите на Јулија“, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:
„Владеењето на правото е израз кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, дека оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз…“, рече Александар Димитриевски од 360 степени.
„Сакам да се заблагодарам на жирито, второ на сите колеги кои работеа, а не се тука на сцената и трето за овој случај има 43 обвинети, сега случајот е во истрага, но за жал сите измамени граѓани се уште се должници во кредитно биро оти судството се уште не си ја завршило работата. Се надевам дека работат побрзо за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, рече Александра Денковска од ИРЛ по примањето на втората награда.
„2024 беше прилично добра година од аспект на истражувачко новинарство, може да ми текне барем на 7-8 стории кои беа одлични. Навистина сум почестен што сме во тоа друштво. Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Срѓан Стојанчов од тимот на КОД.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.

