Македонија
Груевски: Нема планови за масовни собири и крвави сценарија
Политичките партии и нивните работни групи се во постојана комуникација со олеснувачот, а од интерес на Македонија е да се спроведе договореното во Пржино, смета премиерот Никола Груевски.
„Работните групи се во постојана комуникација со олеснувачот. Наш интерес и интерес на државата е да има спроведување на договорот и ние сме многу посветени на тоа, колку што е можно побрзо да се случи“, рече премиерот Груевски, на прес-конференција на која го претставуваше Извештајот на Дуинг бизнис 2016.
Тој го поздрави ангажманот на амбасадорите во Македонија кои порачаа политичките партии што побрзо да ги откочат преговорите за излез од политичката криза. За неговиот твит којшто се појави неколку часа по изјавата на амбасадорите, Груевски рече дека не е во колизија со нивната изјава, туку тоа е вистината, на избори е народот тој што одлучува.
„Мојот коментар не е ништо друго туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите. На изборите одлучуваат граѓаните и воопшто не е во колизија со напорите што ги прават претставниците на меѓународната заедница, да и помогнат на македонија за побрзо да се надмине сегашната ситуација во преговорите“, рече Груевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груевски порача дека нема план за организирање на масовни собири, а дека крвави сценарија никогаш не биле дел од политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Засега немаме таква одлука, во смисла на организирање јавни собири, а за крваво сценарио, ниту некогаш сме помислиле, ниту некогаш ќе помислиме. Можеби некој друг тоа го помислува, но сигурно тоа не е и нема да биде ВМРО-ДПМНЕ, рече Груевски./крај/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

