Култура
Проект „Слепа точка Скопје“
Од денеска до 2-ри април во Културниот центар „КреАКТив“ ќе се реализира проектот „Слепа точка Скопје“.
Од денеска до 2-ри април во Културниот центар „КреАКТив“ ќе се реализира проектот „Слепа точка Скопје“.Проектот ќе биде отворен со изложба и проекција на филмот „Градот во мене“ во „КреАКТив“ (поранешен Културен центар ЦК) со почеток во 20 часот.Во организација на НВО „Контрапункт“ и „Камеракартел“ проектот „Слепа точка Скопје“ е конципиран од Марте Кислинг, Штефани Сара Лауке, Ванеса Ника Милер и Вибке Штадлер.„Во царството на визуелноста, концептот на „слепа точка“ го дефинира просторот на невидливото. Во обидот да се опфати градот, тој останува недофатлив како целина. На овој начин урбаното, како и нашата перцепција се појавуваат како конструкција“ – појаснуваат организаторите.Како привремена платформа во Скопје, Македонија, проектот „Слепа точка Скопје“ презентира филмски и дискурзивни позиции на своите и надворешните перцепции на урбаниот простор и неговите слепи точки во три меѓусебе поврзани дела на настанот.На изложбата секој ден ќе се менува програмата со прикажување видеофилмови на тема „Градот во мене“. Изложбата ќе биде придружена со вечерна програма со филмови, дискусии, презентации со учество на интернационални и локални уметници и културни работници.За време на престојот во Скопје, членовите на „Камеракартел“ ќе работат на сопствено филмско истражување кое ќе биде претставено на последната вечер на изложбата. Теоретските дискурси и филмскиот проект кој ги истражува урбаните простори во Скопје се кондензираат во мапа со познати и непознати координати кои се мешаат меѓусебе и се преместуваат преку различни уметнички стратегии.Проектот „Слепа точка Скопје“ е соработка меѓу „Камеракартел“ (Хамбург, Берлин, Келн) и НВО „Контрапункт“ (Скопје). „Камеракартел“ е интернационален уметнички колектив на кој му се припишува уметничка размена и дијалог на делата во областа на видеоуметноста, видеоинсталацијата и експерименталниот филм.Во вечерната програма предвидени се дискусијата „Индивидуални и колективни уметнички пракси“ (среда, 30 март, 20 часот), дискусијата и филмот „Реврамување на градот“ (четврток, 31 март, 18 ч.), разговор со уметниците Рена Редле (Германија) и Владан Јеремиќ (Србија) и прикажување на филмот „Модернистичкото локално наследство наспроти реалноста на европските кампови“ (петок, 01 април, 21 ч.), додека на затворањето на изложбата (сабота, 02 април, 20 ч.) ќе биде презентирано филмското истражување „Скопје. Слепи точки“ на Марте Кислинг, Штефани Сара Лауке, Ванеса Ника Милер и Карстен Визел (ГЕР).Во проектот учествуваат уметници, филмски автори и теоретичари, а поддржан е од Институтот за надворешни културни врски и Фондацијата „Роберт Бош“.Проектот „Слепа точка Скопје“ е четвртиот дел од серијата настани „Скопскоп“ на НВО „Контрапункт“./крај/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

