Македонија
СЈО нема добиено официјален допис за присуство на седницата во Собранието
Специјалното јавно обвинителство нема добиено официјален допис со кој повторно се поканува Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на седниците на Советот на јавни обвинители и на седницата во Собранието и со кој сме известени за неопходноста од присуството на Специјалната јавна обвинителка, ниту за околностите од кои произлегува таквата неопходност, велат од Обвинителството откако Собранието ја одложи комисиската расправа за извештајот на обвинителството.
Расправата се одложи поради неприсуство на претставници од СЈО, а претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев од владејачката ВМРО-ДПМНЕ изјави дека Јанева воопшто не ги известила дека нема да присуствува и дека со тоа се става над Уставот и законите на Македонија. Специјалното јавно обвинителство останува на ставот дека со доставувањето на шестмесечниот извештај на Собранието и Советот на Јавни обвинители целосно ги исполниле законските обврски и дека немаат законска обврска јавно да го презентираат извештајот. Тие апелираат до субјектите кои ја критикуваат нивната работа да наведат точно според кои членови во Уставот и Законите тие имаат обврска да даваат отчет пред Собранието или Советот на јавни обвинители.„По однос на обвинувањата дека СЈО се става над Уставот и Законите, апелираме до сите субјекти кои на овој начин ја критикуваат работата на ова Јавно обвинителство, да се повикаат точно на членови од Уставот и Законот од кои произлегува нашата обврска да се дава отчет пред Собранието или пред Советот на Јавни обвинители. Појаснуваме дека Извештајот е акт со кој се информираат институциите и јавноста за работата на ова Јавно обвинителство и дека во истиот е содржано образложение, па имајќи предвид дека Законот не пропишува обврска за усна презентација на извештајот, сметаме дека во целост ги имаме исполнето законските обврски“, додаваат од Обвинителството.И Собранието и Советот на јавни обвинители ја повикаа Јанева да се појави пред институциите и да го презентира извештајот./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

