Култура
„Тавитјан брадерс“ на њујоршката џез-сцена

Во реномираниот клуб „Блу ноут“ се претставија со авторски материјал, но и македонски фолк-мотиви во џез-стил
Јане Бојаџиевски, Глас на Америка на македонскиМакедонската џез-група „Тавитјан брадерс“ неделата настапи во реномираниот њујоршки клуб „Блу ноут“. Диран и Гаро Тавитјан велат дека многу научиле од својот татко Гарабет, легендарниот тапанар на „Леб и сол“, кој им помогнал да се изградат како музичари. Авторски материјал на Диран и Гаро – јуниор, неколку стандарди од светското џез-наследство, но и неколку македонски фолк-мотиви во џез стил; вака, накусо, може да се опише вечерта со „Тавитјан брадерс“ во Њујорк.Диран, Гаро и Горан Гешовски наидоа на одличен прием на публиката во „Блу ноут“ во Њујорк.Постариот Диран вели – имавме огромна чест да настапуваме во клубот во кој свирел Чарли Паркер, на пример. Признава, големо е влијанието од својот татко, како за досегашниот успех во музичкиот бизнис, така и за креативноста. „Сме настапуваме во многу места во нашата држава, но и во светот. Секогаш кога ќе чујат дел од нашиот фолклор, им е интересно – исто како што ние кога слушаме некоја музика која е нетипична за нашето подрачје. Во Европа и Америка има многу квалитетни музичари, секогаш се цени барем еден процент на – оргиналност. Ако успеете да отскокнете и да понудите нешто квалитетно, сте направиле голем успех. Македонската музика има капацитет за тоа“, вели Диран. Тој не исклучува повторно музицирање во проектот „Гаро и Парамециум“ во кој 10-тина години настапуваа заедно со брат му. 28-годишниот Гаро Тавитјан – јуниор, стипендист на Беркли во Бостон, гордо го носи името на неговиот татко, и со жар говори за карактеристиките на македонскиот етно-мелос.„Богати сме со една таква историја и мелос кој е толку многу комплициран, слушлив и певлив, од аспект на мелодии, но ритмиката е веројатно таа што го плени целиот свет. Основниот ритам во Македонија е 7/8. Потоа се движи кон 9, 11, 13, но акцентските целости се тие што ги разликуваат тие 7/8 од оние што се свират на Запад“, раскажува Гаро.По Њујорк, „Тавитјан брадерс“ продолжуваат за Лондон, каде ќе настапат на тамошниот џез-фестивал по повод 200- годишнина од раѓањето на Фредерик Шопен. Следуваат и два концерти во Португалија. Деновиве се подготвуваат и за снимање на новиот спот од проектот „Македонското срце чука во 7/8“, каде балкански ѕвезди пеат традиционални македонски песни. Патриотизам или културно освестување? И двете, велат браќата. Идејата била да се приближи македонскиот мелос до помладата публика на просторот на поранешна Југославија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Жолдак гостин на МНТ

По повод јубилејот „80 години Македонски народен театар“ наш драг гостин ќе биде големиот украински режисер, Андриј Жолдак, еден од најголемите режисери на денешницата во Европа, соопшти МНТ.
Откако се пресели во Германија во 2006 година, Жолдак соработувал со различни престижни институции, како што се Театар Оберхаузен, Берлинер Фестшпиле и Виенскиот фестивал. Во 2004 година, тој беше награден со УНЕСКО наградата за изведувачки уметности. Во 2010 година, Андриј Жолдак продолжи да дава значаен придонес во светот на театарот. Особено се истакна со режијата на „Ана Каренина“ во Градскиот театар во Турку, Финска. Оваа продукција му ја донесе наградата Талија, доделена за најдобра финска претстава во таа година. Една од најважните години за него беше 2023 година: тогаш, Жолдак ја режираше операта „Замокот на Синобрадиот“ од Бела Барток во Операта во Лион, Франција. Подоцна истата година, во јуни 2023, тој ја постави операта „Фиделио“ од Бетовен во Холандската национална опера во Амстердам.
Што се однесува до збирката на дела на Жолдак во Скопје, таа ја вклучува продукцијата на „Електра“, која премиерно беше изведена на сцената на Македонскиот народен театар на 5 септември 2014 година, а тоа и е неговата 41. професионална театарска режија. Претставата доживеа големи успеси во Македонија и надвор од границите, проследени со многу патувања на реномирани домашни и странски фестивали, како и голем број награди. Претставата „Електра“ беше избрана за најдобро уметничко остварување во целина на 50. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, ја понесе наградата за најдобра режија, актерката Дарја Ризова ја доби наградата за најдобра женска улога, актерката Звездана Ангеловска доби награда за епизодна улога, а наградата за млад актер му припадна на Александар Ѓорѓиески. Потоа претставата на 4 септември 2015 година го затвори и Меѓународниот театарски фестивал НЕТА во Букурешт. Македонскиот народен театар со претставата „Електра“ зема учество и на 30. Театарски фестивал ФИАТ во Подгорица, Р Црна Гора, каде освои три награди, „Електра“ е прогласена за најдобра претстава, Жолдак доби награда за најдобра режија, а Дарја Ризова за главна женска улога.
Македонската публика имаше можност да ја види претставата „Електра“ на 19 септември 2015 година, во рамките на Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ и таму следеше награда за најдобра актерка, повторно за Дарја Ризова. Во рамките на јубилејниот 40. Меѓународен театарски фестивал МОТ, „Електра“ се одигра на сцената на МНТ на 28 септември 2015 година.
Во 2017 година, „Електра“ учествуваше на 57. МЕСС, еден од водечките фестивали во овој дел од Европа, на истиот претставата брилираше, а актерката Ризова ја добива наградата за најдобар млад актер „Рејџан Демирџиќ“.
Жолдак, кој режира во повеќе европски центри, еднаш изјави дека е задоволен од соработката со ансамблот на МНТ и за нашиот театар рече дека станува можеби најдобар на Балканот, а за Македонија дека веќе е негов втор дом.
Андриј Жолдак во 2016 година ја продолжува соработката со МНТ и во копродукција со „Винер Фествохен“, еден од најголемите европски театарски фестивали, ја прикажа светската премиера на претставата „Соларис“ во комплексот MuseumsQuartiers (MQ) во австриската престолнина, а пред скопската публика се одигра есента.
Жолдак не признава бариери, комбинира комедија дел арте со сајберпанк и научна фантастика, се истура со енергија и имагинација. Неговиот театар е чист бес, ја слави ирационалноста и достигнува до самите ѕвезди кои ја инспирираат неговата космогониска визуелна екстраваганција. Затоа и не изненадуваат неговите најнови продукции.
Дипломирал студии по режија на московскиот Институт за филм и театар, под менторство на прочуениот руски режисер Анатолиј Васиљев. Авторската поетика на Жолдак, како и неговиот режисерски ракопис, несомнено се резултати на неговите перманентни интереси за филмот (Фелини, Бергман, Параџанов, Тарковски) и на истражувањата во областа на ликовните уметности. Повеќе години Жолдак го управувал Државниот академски драмски театар „Тарас Шевченко“ во Харков, на чија сцена режирал пет големи проекти кои, освен изведбите во Украина, биле изведени на престижни фестивали во повеќе од триесет европски земји. Во 2005 г. Жолдак ја режира Шекспировата пиеса „Ромео и Џулиета“, реализирана како копродукција помеѓу Берлинскиот фестивал (Berliner Festspiele), Европската агенција за култура (Agency Culture-Europe) и Аладемскиот драмски театар во Харков. По премиерната изведба на Берлинскиот фестивал и последователна изведба во Варшава, украинските власти го забраниле изведувањето на „Ромео и Џулиета“ во самaта Украина, принудувајќи го Жолдак да го напушти театарот во Харков. Оттогаш, тој постојано живее во Берлин, работејќи во водечките театри во Германија, Русија, Финска, Шведска и Швајцарија. Благодарение на својот долгогодишен опит на театарски практичар, како и на постојаниот ангажман во областа на театарската теорија, во текот на последниве години Жолдак е ангажиран како водител на низа теориски и оперативни театарски работилници во Велика Британија, Холандија, Шпанија, Германија, Финска, Франција, Јапонија.
Добитник е на голем број на награди.
Култура
(Фото) Пласидо Доминго пристигна во Скопје – од аеродром директно на проба

Пласидо Доминго вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија.
Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и Балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.
Со голем ентузијазам и воодушевување успшено заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност, но и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде, дефинитивно, еден од најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена.
Ова доаѓање не е обичен концерт – ова е историски момент за македонската културна сцена. Гласот што одекнувал во најпрестижните театри во светот, на 14 март ќе ја исполни сцената во арената „Борис Трајковски“, а енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.
Македонија го дочекува Доминго со восхит, а легендата почнува да ја испишува својата најнова музичка приказна.
Фото – Стефан Самандов
Култура
Љутков го посети манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј“ во Лешок

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на Лешочкиот манастир, најголемиот духовен центар во тетовско каде се сретна со митрополито тетовско-гостивараски г. Јосиф.
Во рамки на посетата министерот Љутков заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџипецова ги најавија завршните активности за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на Стариот конак како и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Сакам да најавам дека оваа година конечно ќе заврши конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на Стариот конак кој претставува интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој проект кој е од исклучително значење не само за МКТ туку и за Република Македонија обезбедивме 6 милиони денари и очекувам негово завршување до крајот на годината“, информираше Љутков.
Тој додаде дека оваа година, како капитален проект, се обезбедија и финансиски средства за реализација на конзервацијата и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
„Според информациите од конзерваторите од НКЦ откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата „Св. Богородица“ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро во манстирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати“, рече Љутков.
Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на тетовско гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф, кој информираше дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, кој заедно со спомен собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние пропратни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.