Македонија
Издадени 2.413 потврди на странски државјани

На вкупно 2.413 странски државјани и биле издадени потврди од страна на македонското МВР во периодот од 08,00 часот на 12.09.2015 до 13.09.2015 година во 08,00 часот.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-3.134, Авганистан –132, Ирак-126, Палестина-5, Пакистан-26, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19.06.2015 до 13.09.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди на вкупно 75.087 странски државјани, од кои, 50.155 се од машки пол, 10.337 се од женски, 12.415 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 2.180 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-61.029, потоа Авганистан-4.669, Ирак-3..538, Пакистан-2.032 Палестина-842, Сомалија-592, Бангладеж-506, Конго-328, Нигерија-210, Камерун-163 Еритреја-154, Етиопија-118, Судан-106, додека останатите се во помал број. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.
Македонија
Мицкоски: Работењето на Владата даваат резултати, имаме нови 10 илјади работни места

Нашата економија во вториот квартал забележа реален раст од 3,4 проценти и е меѓу петте земји во Европа по раст на БДП, мерките и работењето на Владата даваат резултати, истакна денеска претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
-Првиот е фактот што во вториот квартал нашата економија забележа реален раст од 3,4 проценти и веќе втор квартал сме во петте земји во Европа по најголема ставка на раст на Бруто домашниот производ. Ако минатиот, првиот квартал бевме на четвртото место, сега го делиме третото место со хрватска. Пред нас се Ирска и Кипар со 3,6 проценти, рече Мицкоски на пуштањето вo употреба на дел од автопатот Кичево – Охрид.
Премиерот потенцира дека мерките и работењето на Владата даваат резултати кои, како што посочи, во изминатиов период генерирале нови 10 илјади работни места.
-Мерките на Владата и активната работа која ја правиме изминатиов период генерира нови 10 илјади работни места, односно ако се спореди бројот на вработени во вториот квартал во 2024 година од нешто повеќе 691 илјада со бројот на вработени во вториот квартал во 2025 година нешто повеќе од 701 илјада, тоа значи дека за една година имаме креирано 10 илјади нови работни места. Имаме намалено нешто повеќе од 7 илјади невработени, кога ќе се споредат овие два квартали. Можеби тие бројки се само бројки на хартија, но тие бројки се дел од реалниот живот, тоа се семејства, тоа се луѓе, тоа се вистини. Оваа Влада има за цел да го направи животот на нашите граѓани подобар и да го направи поуспешен, рече тој.
Третиот параметар, како што нагласи Мицкоски, е фактот дека изминативе седум месеци од оваа година, од јануари до јули, извозот растел побргу отколку увозот. Потенцира дека тоа е редок пример.
-Ако ја гледаме наназад 15 години македонската економија кога во толку долг период имаме поголемо извозно ориентирање на државата отколку увозно ориентирање. Што значи, се намалува трговскиот дефицит. Што значи, повеќе девизи, повеќе пари остануваат во македонските компании и во рацете на македонските граѓани, што претставува и наша цел и наша задача како Влада, рче тој.
Мицкоски истакна дека и во изборната кампања лани ветиле посветена и чесна работа, а не чуда и невозможни работи.
-Знам дека инстант резултати се невозможни. Тоа го зборувавме и во кампањата. Ние не сме чудотворци. Чуда се невозможни. Но, ветувавме многу посветена чесна работа, а тоа е тоа што го правиме изминативе 15 месеци – многу посветена и чесна работа. Јас ви давам збор дека така ќе продолжиме – секој ден да се бориме за секој еден проект, за секоја нова инвестиција, за секоја една човечка судбина да им помогнеме и животот да и биде подостоинствен. Ова е нашата визија – Македонија на дела, а не на изговори. Ова е доказ дека можеме да го оставиме зад себе периодот на застој и да го отвориме патот кон развојот. Ќе продолжиме вака – да градиме, да завршуваме започнати работи и да почнуваме нови перспективи за секој регион и за секој граѓанин, нагласи премиерот Мицкоски.
Македонија
ЦУК: Побарано воздушно дејствување врз пожарот во Липковско на страната од Скопска Црна Гора

Барањето за воздушно дејствување врз пожарот помеѓу селата Никуштак и Орланци во општина Липково од градоначалникот на таа општина е процесуирано до Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и до Национални шуми, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Воедно информираат дека во моментов сите летала се ангажирани на големиот пожар во Беровско, но, попладнето може да бидат преупатени, доколку нема потреба од нив во Беровско.
– Пожарот што е активен од вчера се наоѓа на територијата на општина Липково, помеѓу селата Никуштак и Орланци. Се наоѓа во сосема непристапно подрачје, каде што нема никакви патишта и нема можност за пешадиско дејствување. Пожарот се издига по сртот кон погоренаведените села, на страната од Скопска Црна Гора. Барањето за воздушно дејствување, доставено до ЦУК од градоначалникот на Липково, е процесуирано до ДЗС и Национални шуми. Во моментов сите летала се ангажирани на големиот пожар во Беровско. Доколку во попладневните часови, леталата не бидат потребни таму, ќе бидат веднаш преупатени да дејствуваат на пожарот помеѓу селата Никуштак и Орланци, како и по сртот на Скопска Црна Гора, се потенцира во соопштението на ЦУК.
Во пожарот кој е активен на место викано Безгашево, во близина на село Русиново во општина Берово, зафатена е дабова, букова шума и папрат, соопшти порано денеска ЦУК.