Македонија
За 24 часа издадени потврди на 2.909 мигранти

Од страна на Министерството за внатрешни работи во неделата биле издадени потврди на вкупно 2.909 странски државјани, од кои 1.595 се од машки пол, 482 се од женски, 638 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 194 деца кои патуваат без родител, а според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 1.648, Авганистан – 626, Ирак – 382, додека другите се во помал број.
Во периодот од 19-ти јуни до 19-ти октомври, издадени се потврди на вкупно 155.739 странски државјани, од кои, 99.600 се од машки пол, 21.532 се од женски, 28.218 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 6.389 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 106.915, потоа Авганистан – 25.818, Ирак – 11.697, Пакистан – 3.729, Иран – 1.806, Палестина – 1.507, Сомалија – 824, Бангладеш – 828, Конго – 450, Нигерија – 244, Камерун – 218, Еритреја – 204, додека останатите се во помал број.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до 19-ти октомври годинава до Одделението за азил се поднесени само 70 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, и тоа 51 барање е од државјани на Сирија, од нив 15 за деца, потоа пет барања од државјани на Авганистан и од нив четири се за деца кои го придружуваат родителот, има три барања од државјани од Пакистан, по две барања за азил се поднесени од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 18-ти октомври, евидентирани се три баратели на азил – мажи. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита четири баратели на азил ( малолетно лице без придружба на старател, малолетно лице со придружба на старател и двајца мажи ) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Дали Обвинителството штити од кривична одговорност функционери на СДС и ДУИ и во фиока го чува предметот Рекет 2“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Во јавноста излезе нов скандал за криминалното владеење на СДС и ДУИ, а судско обвинителскиот систем го крие и заташкува. Судството со доверба на ниво на статистичка грешка од 2% продолжува да тоне, а Љупчо Коцевски на чело на ОЈО продолжува верно да им служи и да ги штити криминалците кои го изгласаа, СДС и ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Информациите говорат дека постои Рекет 2 и дека Основното јавното обвинителство отворило предистражна постапка, но тука застанал целиот процес и предметот се ставил во фиока.
Во случајот биле опфатени поранешната претседателка на СЈО Катица Јанева и други тројца активни обвинители, кои се обиделе да рекетираат познат бизнисмен.
Македонската јавност заслужува да знае, дали овој случај се држи во фиока затоа што се крие и штити некој од СДС и ДУИ, и дали со тоа им оставаат простор истите да ја дефокусираат јавноста?
Исто така, јавноста заслужува да знае дали Коцевски е на чело на ЈО за да го гони криминалот или пак да ги штити неговите наредбодавци од СДС и ДУИ, па затоа во изминатата година дена не е поведена ниедна постапка за нивни поранешни функционери.
Коцевски и ЈО да си ги оправдаат платите кои им ги даваат граѓаните и да се фатат за работа за да ги истражат сите криминални дејствија и да донесат правда, доста држат кријат во фиоки предмети за да заштитат од кривична одговорност лица блиски до СДС и ДУИ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Два активни пожари во државата, два се под контрола, а 29 се изгаснати

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои два се активни, два се под контрола, а 29 се изгаснати, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Липково – село Никуштак (гори нискостеблеста деградирана шума и дабова шума) и во општина Студеничани – село Варвара и село Драчевица (гори мешана шума и ниска вегетација).
Како што информираше ЦУК под контрола се пожарите во општина Берово – Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (дабова и букова шума и папрат) и во општина Гази Баба – Вардариште (ѓубриште).
Изгаснати се 29 пожари.
Македонија
„И СДС и Димовски признаваат дека во период на изборни циклуси бил следен и прислушкуван Мицкоски“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Скандалот со прислушкувањето на АНБ и АР на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, новинари, бизнисмени добива се поголеми размери. И СДС и поранешниот нивен директор на АНБ, Виктор Димовски признаат дека имало следење и прислушкување на неистомислениците, критички кон нив настроените новинари, јавни личности“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Во обид да се извлечи од целата ситуација откако СДС потврди дека имало прислушкување, Димовски призна дека во период на изборни циклуси во државата процениле дека било неопходно да се следи ВМРО-ДПМНЕ, на чело со претседателот Мицкоски, како тогашна опозиција.
Која безбедносна закана би биле партиските активности на партијата во пресрет на тогаш локални и парламентарни избори, освен закана СДС да си замине од власт.
Ова нивно признавање за петгодишно следење и прислушкување на претседателот Мицкоски значи дека не само тој, туку и неговото семејство биле предмет на следење на тајните служби.
Овие безбедносни служби, наместо да се грижат за безбедноста и да го штитат интегритетот на државата и граѓаните, тие биле маша за политичка борба и притисок на СДС, а главен извршител бил Виктор Димовски.
Виктор Димовски многу добро знае што правел, и какви кривично правни последици има тоа и токму затоа треба јавно да признае што и по чија наредба од врвот на политиката правел.
Ова следење и прислушкување не би било можно без директна дозвола од Зоран Заев, затоа што во целиот систем бил вклучен и Љупчо Коцевски од ЈО, кој подоцна токму СДС го избира за државен јавен обвинител, како и Врховниот суд.
Овој скандал на злоупотреба на безбедносните служби во политички цели, не смее да остане несанкциониран и одговорност мора да има, за никогаш да не се повтори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.