Култура
Поетот Бранко Цветковски лауреат на наградата „Летечко перо“

Македонскиот поет Бранко Цветкоски е носител на главната награда “Летечко перо“ на Петтиот меѓународен поетски фестивал на словенските земји “Славјанска прегратка“ што се одржа од 21 до 27 мај во бугарскиот град Варна, информираат од издавачка куќа „Макавеј“
Одборот за доделување на наградата на реномираниот поетски собир на 45 поети од 13 словенски земји му ја додели на Бранко Цветкоски главната фестивалска награда која се состои од импозантна бронзена фигурина на летечко перо и објавување на обемен поетски избор на неколку словенски јазици. Во образложението за овенчувањето на македонскиот поет се истакнува дека признанието на Цветкоски му се доделува за “целосен поетски опус, за неговиот придонес во зацврстувањето на словенската идеја и за долгогодишна дејност во унапредувањето на културната соработка меѓу словенските народи“.Ова е уште едно големо меѓународно признание за поетското творештво на Цветкоски во оваа година, по априлското овенчување во Москва со Орденот “Владимир Мајаковски“ што му го додели Московската организација на Сојузот на писателите на Русија.Бранко Цветкоски, како што е познато, е еден од најафирмираните македонски поети. Добитник е на македонските книжевни награди “Млад Бо-рец“, “Браќа Миладинови“, “Григор Прличев“, “Димитар Митрев“и “Свети Климен Охридски“, како и на меѓународните награди и признанија – “Христо Ботев“ (бугарска меѓународната на-гра-да за тво-реч-ки опус), “Наџи Нааман“ (либанска меѓународна книжевна награда за поетски опус од европски автор), “Орфеева лира“, Награда на истоимената Европска академија за култура од Р. Бугарија), “Шахмар Апхерзаде“ (меѓународна литературна награда на Азербејџан), и “Европскиот орден на Обединетите Нации, за заслуги во културата и уметноста“.Тој е автор на дваесетина книги поезија, литературна критика и есеистика, и на над триесетина книги со преводи од словенските јазици.Осумнаесет одделни книги или избори од неговата поезија се објавени на азерски, англиски, албански, арапски, бугарски, грчки, турки, српски, романски, руски, украински, монголски, полски и на есперанто.Цветкоски учествувал на книжевни фестивали, книжевни средби и на собири на интелектуалци во: Бугарија, Турција, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Романија, Молдoва, Русија, Полска, Кина, Црна Гора, Словачка, Чешка, Азербејџан, Украина, Египет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.