Култура
Декоративната пластика на османлиските споменици во Македонија
Изложбата „Декоративна пластика од исламските сакрални споменици“ од синоќа е поставена во Музејот на Македонија
Станува збор за изложба на фотографии на кои се презентирани триесетина скулптурални елементи од повеќе сакрални исламски објекти во Скопје, Битола, Куманово, Тетово и Прилеп. Објектите се изградени во 15 и 16 век. „Изложбата опфаќа дел од богатото и разновидно културно богатство во Македонија со акцент на градителското наследство врзано со исламската религија. Заради посебното примање на Бог и светот, без ликовни претстави и персонификација на видливиот свет, апстракцијата доминира како визуелно средство и придонесува за едно специфично творештво кое, зависно од материјалот што се употребува, најчесто е во релјефна форма“, рече во воведот на отворањето на изложбата Мери Аницин Пејоска, директорка на Музеј на Македонија.Османлиските освојувања на балканските земји се одвивале во време кога Османлиското царство го достигнало својот подем, а неговата уметност ја доживувала својата најголема зрелост и процут. Најзначајните објекти од исламската архитектура изградени во Република Македонија содржат и влијанија од Византиската и Ориенталната архитектура, како и уметнички и градителски традиции на локалното население, кои доаѓаат до израз преку учеството на домашните мајстори.На отворањето на изложбата м-р Зоран Павлов, раководител на сектор во Управата за заштита на културното наследство, го објасни значењето на поставката.„Изложбата е значајна бидејќи на едноставен начин доближува еден елемент од нашето културно наследство којшто досега не бил доволно третиран. Декоративната пластика, која ја обработуваат авторите, е елемент којшто беше запоставуван и при обработката на архитектурата во целина, меѓутоа со оваа изложба преку каменот и мермерот авторите успеваат да ни го доловат богатството на орнаменти, на арабеската, на флоралните и геометриските мотиви“ – нагласи Зоран Павлов.Автори на концептот за изложбата се Борче Топуковски и Татјана Канчевска Смичковска, кустоси-историчари на уметност во Одделот за уметност при Музеј на Македонија. Подготовката на изложбата „Декоративна пластика од исламските сакрални споменици“ траела шест месеци. Проектот е финансиран од Министерство за култура со Програмата за 2010 г.Како гостин на отворањето на изложбата, со изведба на една нумера на инструментот неј, настапи Абази Ахија, претставник од Исламската верска заедница, која помогна во реализацијата на проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

