Македонија
Прилеп започнува со чествување на 11-ти Октомври, Денот на народното востание
Во Прилеп во сабота започнуваат чествувањата за одбележување на 74-тата годишнина од почеток на народното востание и организираниот отпор на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески нагласи дека програмата за одбележување е богата и достојна на празникот. Образложувајќи ја програмата, Ристески напомена дека учениците од прилепските училишта во сабота напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во чест на празникот ќе изведат перформанс и ќе го формираат македонското знаме, а во 18.30 часот во градската библиотека „Борка Талески“ ќе се одржи изложба на грамофонски плочи.
Вечерва пак ќе започне јубилејното 15-то издание на детскиот фестивал „Ѕвездички“ кој преставува културен и музички бренд на Прилеп и Македонија.
„Прилеп се гордее со празникот „11 октомври“ и со фактот дека оттука почнала народната револуција, а градот дал голем број жртви и херои. По повод 74 годишнината од 11 октомври, три дена има голем број настани. Денеска во 10.30 часот ќе биде означен почетокот на градежните работи на улицата „11 Октомври“. Ќе се работи од кружниот тек пред О.У. ,,Г.Делчев“ па се до мостот „Табана“. Станува збор за зафати кои ќе овозможат 4 ленти на улицата, зелен појас на средината, велосипедски патеки и модерно осветлување“, објасни Ристески.
Според него, во недела, пак на празникот ќе им биде оддадена достојна почит на дејците, борците, народните херои и жртвите што Прилеп ги дал во народноослободителната војна.
„Во четиригодишната народна револуција Прилеп дал 15 народни херои и околу 650 жртви чии мошти се на Могилата на непобедените во паркот на Револуцијата. По повод празникот свежи цвеќиња ќе бидат положени на Могилата на неподените, во Алејата на народните херои што се во комплексот „Парк на Револуцијата“, а почит ќе им биде оддадена и на идеологот на народната револуција Кузман Јосифоски-Питу и на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто пред нивните споменици во центарот на градот“, изјави прилепскиот градоначалник./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Почна вистинското чистење на Скопје од ѓубрето и старата политика
По месеци на давење на градот во лоша миризба, ѓубре, запуштеност и пропаганда, од коалицијата „Влен“ велат дека почнало вистинското чистење на главниот град и општината Чаир. Од партијата наведуваат дека акцијата не се однесува само на улиците, туку и на „целиот менталитет што го остави градот во хаос со години“.
„Мирисот што доаѓаше од контејнерите беше ист како мирисот што доаѓаше од канцелариите на довчерашната власт, власт што блокираше, крадеше и не се грижеше за никого освен за себе“, се наведува во соопштението.
Според „Влен“, граѓаните на Скопје на 19 октомври и 2 ноември ставија крај на оваа ера на политичко загадување.
Во партиското соопштение се додава дека е соборена неуспешната ко-влада меѓу Арсовска, Блерим Беџети и Левица, трио што оставило зад себе кал, долгови и град што се дави во хаос. Од ВЛЕН оценуваат дека оние што сакаа да им наштетат на Ссопјани, особено на Чаир, сега гледаат дека градот можеше да се исчисти и навистина се чисти, без нив.
Во завршниот дел на соопштението се наведува дека денес, Чаир со Изет Меџити на чело дише слободно.
„Улиците се чистат, но пред сè, се отстрануваат последиците од долгогодишните блокади и занемарувањето на чаирчани од страна на градската власт. Ова е чистењето што го чекаше Скопје – чистењето на совеста, одговорноста и старата политика“, порачаа од „Влен“.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, особено во северозападните и северните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа повремено врнежите ќе бидат поројни и пообилни со услови за појава на грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²). Од вторник ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Ѓорѓиевски објави фотографии од почетокот на акцијата за чистење, поддршка му даде и Мицкоски
Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат десетици камиони и други возила кои ќе го чистат Скопје.
Ѓорѓиевски во неговата изборна кампања вети дека кога ќе стане градоначалник, откако ќе му биде врачен мандатот за 72 часа ќе го исчисти Скопје.
„Започна големата акција за чистење на Скопје! За 72 часа, нашата метропола ќе ја добие свежината и сјајот кој го заслужува. Секој агол, секоја улица, плоштад со заеднички сили ќе бидат чисти. Скопје ќе блесне – уредено и достоинствено, токму како што доликува!“, напиша Ѓорѓиевски.

