Култура
Ексцентричните Mouse on Mars на третиот de:sonanz
Третото издание на de:sonanz, фестивалот за електронска музика и медиумска уметност ќе се одржи на неколку локации во Скопје од 30 септември до 8 октомври.
Третото издание на de:sonanz, фестивалот за електронска музика и медиумска уметност ќе се одржи на неколку локации во Скопје од 30 септември до 8 октомври. Фестивалот кој се реализира во организација на Гете-институт Канцеларија за врски Скопје и Здружението на граѓани Домино и оваа година на македонската публика ќе и’ ги доближи современите тенденции во електронската музика, импровизацијата и видео – уметноста преку настапите на реномирани артисти од Германија, Норвешка, Унгарија, Македонија и регионот.Оваа година на de:sonanz ќе настапат култното и ексцентрично дуо Mouse on Mars, микрохаус-артистот и продуцент Isolée (Изолее), Roman Flügel (Роман Флигел), еден од најголемите и највлијателните техно продуценти на германската електронска музичка сцена, а Schneider TM (Шнајдер ТМ) ќе ја долови урбаната берлинска атмосфера преку неговите Construction Sounds (Звуци од градилиштата), визуелно „мапирани” од познатиот медиумски уметник и предавач Lillevan (Лилеван). Не помалку значаен дел од фестивалот претставува едукативната програма, која овојпат ги надминува географските и возрасните граници. Работилницата Sample&Hold во својот фокус ги има таканаречените field recordings (теренски снимки). Артисти од Југоисточна Европа и од земјава под водство на германскиот артист Дирк Дреселхаус неколку дена ќе ги истражуваат звучните обележја на урбаните предели на Скопје, а пак деца од 9 до 12 години заедно со членовите на уметничкиот колектив Staalplaat Soundsystem ќе имаат можност да креираат и презентираат музички инструменти направени од стари апарати за домаќинство.Значаен сегмент од програмата се настапите на македонските артисти Андреас Херц и Мирко Попов, а за визуелната поддршка ќе се погрижи и светски реномираната македонска видео-артистка Слаѓана Богеска која настапува под псевдонимот xx+xy visuals./крај/со/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Заокружена серијата мурали кои го отворија 19. издание на АКТО фестивалот за современи уметности
Серијата мурали низ државата – акцијата со која и официјално се отвори најновото, 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во организација на здружението Факултет на работи што не се учат – ФРУ од Скопје, е заокружена со последните два мурали во Кичево и Скопје.
Во центарот на кичевската чаршија, на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ на надворешната и предна фасада е реализиран мурал од уметницата Ивана Самандова во соработка со уметниците Александар Џинго и Методиј Исков. Идејата зад муралот е да поттикне размислување околу потребата за соработување меѓу луѓето, особено во полето на уметничките и креативни контексти/дејности.
Во соработка со ФРУ – Скопје, идејата за овој мурал е делумно инспирирана од релјефот на Јордан Грабулоски, македонски академски вајар и уметник, кој го има изработено на спомен-костурницата во Кичево. Од истиот тој релјеф, композициски се презема инспирацијата да се преобрази во еден поинаков контекст преку кој се нагласува хармонична соработка помеѓу луѓето (во сооднос со самата порака) но и ја доловува функцијата на домот на култура – како простор каде што се негува културата и уметноста иницирана од индивидуалци и групи. Кога заедно би создавале и негувале услови кадешто сите би се чувствувале поддржани едни меѓу други, низ заедничката соработка би се развила и здрава потреба за творештво во заедница кадешто едни со други, меѓугенерациски, си помагаме и го потхрануваме нашиот заеднички и индивидуален развој.
Муралот, кој се реализираше во март во Скопје, на зградата која се наоѓа на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, побуди позитивни чувства и кај соседните згради така што резултираше со уште една иницијатива за реализација на мурал, како вид завршно заокружување на целиот проект и подарок кон станарите. Поткрепени со ентузијазмот на станарите во зградата и поддршка од ФРУ, уметницата Ивана Самандова во соработка со Ана Трајковска и Доротеј Нешовски реализираа мурал на зградата бр. 37. На овој мурал е поставен цитат од Бертхолт Брехт кој вели: „Наместо само да бидете слободни, создадете услови кои ги ослободуваат сите!“. Со овој мурал, фокусот е пренасочен на визуелни елементи со деца како симболика на реална слобода, особено во аспекти на однесување, изразување и размислување.
Преземајќи го извадокот од песната за солидарност од авторот Бертхолт Брехт, идејата е да се воспостави траен повик дека со поддршката, разбирањето и постапките на заедницата можат да се создадат иницијативи и услови кои што ја ослободуваат истата заедница од повеќето форми на опресија и рестрикција, водејќи кон поздрава и поволна состојба на живеење, критикувајќи го строгиот и наметнат индивидуализам.
Серијата мурали (во Скопје, Прилеп и Кичево) од коишто два се во соработка со две јавни културни институции и уште два со две заедници по нивно барање, се темелат на концептите за солидарност, правдина, соработка и слобода, со надеж дека долго време ќе останат визуелен потсетник за неопходноста на борбата за да дојдеме до истите – со силата на заедништвото.
Култура
Самостојна изложба на Камуран Горанци „Код 4“
Самостојната изложба на Камуран Горанци во објектот Чифте амам ќе биде отворена на 9. 5. 2024 година во 19 часот. Ќе бидат изложени 22 дела изработени во техниката акрилик на платно кои се работени во периодот од 2020 до 2024 година.
Сликите имаат техничка еволуција од неговите претходни изложби, како што се „Код 1“ во Келн, Германија, „Код 2“ во Галеријата на Тирана во Албанија и „Код 3“ во Галеријата на Скадар во Албанија, како и оваа самостојно конципирана „Код 4“, во Националната галерија на Република Северна Македонија обележан со софистицираност на изразните средства и обид за филозофирање.
Овој уметнички настан се случува во центарот на Скопје, каде ја гледаме традицијата и современата комуникација, една многу важна улога во контекст на неговата креативна индивидуалност.
Во повеќето случаи, сликата е граматичка анализа, композиција, а во исто време дезинтеграција на оние алатки кои историски му биле доверени на уметникот да се манифестира таму каде што креативното и животното искуство континуирано се негувале низ годините и страсно го чувало и сакале хроматското богатство.
Боите во овие композиции се пастуозни, камени, расфрлени овде-онде, што означуваат експресивна состојба. Така, во овие случаи се претставени некои апстрактни експресионистички слики, иако со рамнотежа на топлина и студ, светло и темно, придружени со чудни форми и голи бои. Во овие слики, од периферијата на сферата на боите се преминува на површината каде техниката на реализација изгледа важна. Тие се реализираат со максимум изразни средства, цртежот оди до границите на небитието, за да се нагласи присуството на вредноста на убавината во една средина во која владее хаос и динамизам.
Сите слики во оваа свечена пригода се разработени врз чувствителноста и хармонијата кои сега се присутни и кодирани од уметничкиот аспект, конечно фиксирајќи ја неговата реалност, слики и емоции во структурите на неговите соништа. Тој комуницира со љубов во универзална слика, која се наоѓа далеку од нашето постоење, како нешто пооддалечено од непознатото до познатото, на фигуративен, едноставен и ветувачки начин.
Да се замрзнат во нив суптилните односи меѓу боите, во специфичен израз, следејќи ја побарувачката за нови, поатрактивни слики за да се интервенира во невидливиот свет, кој секогаш е проследен со граница, а кои се појавуваат како конечни експлозии на вртоглав просторот, но не како оние на универзумот. Она што те привлекува во композициската конструкција е, несомнено, справувањето со логичките формации.
Преку него се создаваат монументални композиции каде деталите и најголемите мерки се решаваат со намалување и зголемување на колористичките траги, за да се видат понатамошни специфични третмани во нивните рекомпозиции.
Зени Балажи, куратор
Култура
„Лена и Владимир“ награден на Julien Dubuque International Film Festival
13. издание на Меѓународниот филмски фестивал Julien Dubuque (JDIFF) ги објави своите победници, a „Лена и Владимир“, во режија на Игор Алексов, ја однесе дома главната награда за најдобар долгометражен игран филм.
На фестивалот, кој се одржа од 24-28 април во Дубјук, Ајова, беа прикажани преку 150 филмови од целиот свет, вклучително и 31 долгометражен филм во конкуренција, а филмот „Лена и Владимир“ на фестивалот го промовираа актерот Тони Наумовски и режисерот Игор Алексов.
„Лена и Владимир“ е приказна за двајца бегалци од општеството кои доживеале огромна трагедија, а чии патишта случајно се вкрстуваат. Тие наоѓаат утеха и поврзаност, формирајќи врска што им носи исцелување. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и Филмскиот центар на Србија (Терирем продукција).
Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска и Тони Наумовски, а во филмот се појавуваат и Дениз Абдула, Луран Ахмети, Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Kирил Коруновски. Сценариото е на Александар Русјаков. Продуценти се Дејан Илиев (ДМФ Филм) и Илија Циривири (МИНД Продукција). Кинематографер е Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Зафирковски, а монтажер е Мартин Иванов, Музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез, костимограф е Раде Василев, дизајнер на маска е Горан Игњатовски, а кастинг директор е Катерина Грубач.