Македонија
Во средата во Македонија влегле 1.404 мигранти

Во средата издадени се потврди на вкупно 1.404 странски државјани, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Од нив 568 се од машки пол, 272 се од женски и 563 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата и еден малолетник кој патува без родител на кои издадена е потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Авганистан–545, Сирија-508 и Ирак-351 .Во средата од 15 до 18 часот била затворена македонско-грчката граница поради застој на мигрантите на северната граница.Од Министерството велат дека станува збор за верижна реакција, односно ако која било земја од север ја затвори границата и не дозволи проток на мигранти, тоа го прават и македонските власти.Во средата границата ја затвориле хрватските власти со образложение дека бил полн кампот за бегалци./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клековски: На пациент во Солун му е извршена трансплантација на кожа на рацете, во контакт сме со банка за кожни ткива за да почнат реконструктивни операции

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, на денешната прес-конференција во Владата рече дека натамошните фази за пациентите со поголем степен на изгореници се високоспецифични и бараат специфично искуство и затоа се решиле да се праќаат пациенти во странство.
„На еден пациент во Солун веќе му е извршена трансплантација на кожа на рацете. Веќе сме во контакт со фондација од Холандија, која има банка на кожни графтови, за да ги донесеме во Македонија и да почнеме да ја размислуваме реконструктивната фаза“, рече Клековски.
Директорот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски, соопшти дека неколку тимови странски лекари, кои доаѓаат од центри што се строго специјализирани за пациенти што имаат најголем процент и највисок степен на изгореници, како доктори од Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, од болницата „Шеба“ во Израел и од Чешка, веќе работат во ГОБ на санирање на повредите на оние пациенти што не се критични и кои веќе имаат потреба од дебридман и подготовка за следната фаза – реконструктивна хирургија.
„Тоа се операции што подразбираат отстранување на она изумрено ткиво, оштетено од изгорениците и давање простор тие повреди, тие рани да почнат да зацелуваат. Овие неколку дена не само што се следеше потенцијалното влошување на состојбата туку мораше паралелно да се санираат и повредите“, рече директорот на „8 Септември“.
Македонија
Погребот на починатите во пожарот во Кочани ќе биде утре во Кочани, Штип, Облешево и Скопје

Погребот на починатите во пожарот во Кочани ќе се одржи утре.
Погребните церемонии, според надлежните, ќе бидат во 11 часот во Штип, во 12 часот во Кочани и во 13 часот во Облешево. Другите погреби ќе се одржат исто така во текот на утрешниот ден во разни временски периоди.
„Погребот на настраданите во ужасниот пожар во Кочани ќе се одржи утре (четврток, 20.3.2025 година) во следниот период:
11 часот на градските гробошта во Штип,
12 часот на градските гробишта во Кочани,
13 часот на гробиштата во с. Облешево.
Другите погреби ќе се одржат во разни временски периоди во текот на утрешниот ден.
Свештениците од локалните цркви ќе им се јават на сите ужалени семејства со детали во врска со погребот“, соопшти ЦУК.
Од Центарот ги замолуваат сите граѓани за достоинствено испраќање на жртвите и разумно постапување во текот на утрешниот тажен ден.
Македонија
Митева: Од 12 контролирани објекти со активна лиценца, до сега кај три е утврдено дека не исполнуваат услови, следува забрана за вршење дејност

Последните инспекции потврдија сериозни регулаторни прекршувања. Доказите се јасни: од вчерашната направена контрола на 12 објекти со активна важечка лиценца, до овој момент е утврдено дека 3 од нив не исполнуваат услови, односно минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење дејност. За другите 9 ве информирам дека сѐ уште е во тек проверката на документацијата и во текот на денот ќе излеземе со дополнителни информации, изјави на денешната прес-конфереција портпаролката на Владата, Марија Митева.
„Во однос на ваквата состојба, веднаш до Министерството за економија ќе биде испратено барање за одземање на лиценцата, забрана за вршење дејност и сите казнени одредби што се возможни во согласност со законот ќе бидат преземени. На терен во секој момент овие денови се над 10 тима, кои вршат контрола и во текот на денешниот и ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Ќе се проверат сите, до детаљ. Сакам да ја информирам и јавноста дека е направен и план и за проверка на оние коишто немаат важечка лиценца, а работеле во минатото“, додаде Митева.
Она што се случи во Кочани не е само изолирана трагедија, посочи Митева, и истакна дека тоа е симптом на расипан систем наследен од долгогодишна корупција.
„Ниту ќе замижуваме ниту ќе заштитуваме. Сакам да истакнам дека ја разбираме фрустрацијата. Луѓето бараат правда и ќе ја добијат“, заврши Митева.