Култура
„Без зборови“ – нова концертна сезона на Македонската филхармонија
Со концертот на виолинистката Никола Бенедити, од Велика Британија под диригентската палка на маестро Јануш Пшибилски, од утревечер Македонската филхармонија ја почнува новата концертна сезона
„Спектакуларната Николo Бенедети која е една од најбараните млади виолинистки во Европа, со настапи насекаде низ светот со најреномираните оркестри ќе го изведе прекрасниот романтичен концерт за виолина и оркестар во e-moll од Феликс Менделсон. За Бенедети светската музичка критика ќе напише дека освојува со нејзината музикалност и рамнотежа во интерпретацијата. Бенедети свири на инструмент од Страдивари изработен во 1712 година.“ изјавуваат од Македонска филхармонија.На програмата на концертот е и ретко изведуваната Симфонија бр. 3 од францускиот композитор Албер Русел.Во сезоната 2010/11 на концертниот подиум ќе настапат повеќе реномирани солистички и диригентски имиња од сите светски меридијани, придружувани од Македонската филхармонија.Во новата сезона, Македонска филхармонија најави ексклузивни концерти, со солисти од Белгија, Франција, Норвешка, Германија и Јапонија.И во 2010/11 Македонската филхармонија продолжува со циклусот „Слушајте филм“ и со циклусите „Симфониски концерти за деца“. На крајот на 2010 г. ќе заврши чествувањето на Фредерик Шопен, а во април на програмата е целовечерен концерт со дела од П. И. Чајковски кои не се често на концертниот репертоар, како што е „Концертот за пијано и оркестар број 2“ и „Симфонијата број 3“.Во сезоната „Без зборови“ првпат ќе бидат изведени повеќе дела кои македонската публика досега немала можност да ги слушне. Меѓу другите, тоа се „Маварската рапсодија“ од Енгелберт Хампердинк, „Малиот концерт според Б-А-Х“ од Арво Перт, „Симфонијата бр. 2“ од Арам Хачатуријан, како и циклусот песни „Седум популарни шпански песни“ од Мануел де Фаља.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.