Македонија
Ќе се модернизираат просториите за чување доказен материјал во МВР

Со донација на Министерство за правда на САД и амбасадата на САД во Македонија, ќе бидат модернизирани просториите за чување доказен материјал за потребите на форензичките капацитети на Министерството за внатрешни работи на Македонија, односно во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.
Обезбеден е нов софистициран концепт за складирање, организација и постапување со обезбедениот доказен материјал. „Обезбеден е шалтерски пристап за примопредавање на доказниот материјал, прозорците на просториите се обезбедени со решетки, извршено е надолжно поставување метални полици со височина до таванот, поради целосно искористување на просторот. Просториите се обезбедени со специјални врати кои ќе обезбедат заштита од пожари или насилно влегување во овие простории, односно електронска контрола на пристапот и зголемен видео надзор. Во зависност од типот на доказниот материјал, во просториите се инсталирани соодветни системи за климатизација и вентилација, обезбедени се посебни фрижидери кои се однесуваат на складирање доказен материјал на кој му претстои хемиска или биолошка анализа, поставување алармни противпожарни уреди“, наброи министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.Поставен е и нов концепт на единствено означување и баркодирање на доказниот материјал, со што во иднина ќе се обезбеди негово следење во реално време, од моментот на неговото обезбедување, проследувањето за анализа и приемот во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, текот и резултатите на извршените анализи, како и негово натамошно проследување, односно враќање кон надлежните институции .„На овој начин, Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења и Министерството за внатрешни работи воопшто дополнително ќе гарантираат за интегритетот на доказниот материјал како и квалитетот на извршените анализи и вештачења кои се однесуваат на истиот“, рече Чавков.Американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли рече дека со ова ќе се обезбеди поправично судење и ќе им се олесни работата на правосудните органи. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.
Македонија
Инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени најави Мицкоски

Нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што изјави, стартот на инвестиција се очекува за една до две недели.
Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски повтори дека една од примарните цели на Владата е номиналниот БДП да биде над 20 милијарди долари или 10.500 долари по глава на жител, како и намалување на јавниот и државниот долг под 50, односно 40 проценти.
-Минатата година ја завршивме со историски рекорд кога станува збор за странските инвестиции, една милијарда и 255 милиони евра. Само во последниот квартал е повеќе од 400 милиони евра. Како ќе биде годинава, ги чекаме податоците од првиот квартал. Се надевам дека ќе биде подеднакво успешна. Можам да најавам дека за недела – две од денеска почнуваме со нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и повеќе од 200 вработени, која ќе учествува значително во БДП, рече премиерот.
Македонија
Царина се пофали дека наплатиле 190,4 милиони евра, велат ќе се трошат за училишта, градинки, болници…

Царинската управа во текот на изминатиот месец наплати приходи во износ од 11,7 милијарди денари или 190,4 милиони евра, што е за 7,3 проценти односно 12,88 милиони евра повеќе од истиот месец минатата година. Притоа приходите од данок на моторни возила се зголемени за 20,5 проценти, од царина за 14,1 процент, а од акцизи за 16,3 проценти.
Како што информира денеска Царинската управа, вкупно од почетокот на годинава, за четири месеци се наплатени 41,2 милијарди денари или 670,27 милиони евра, што е за 26,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.
Директорот Бобан Николовски вели дека овие средства значат повеќе инвестиции за капитални проекти, за училишта, градинки, болници, патишта, повисоки плати и пензии, за поконкурентна економија. Ваквите резултати, како што потенцира, се должат на зголемени контроли и зголемена тимска работа и делување на ниво на институција, а не на поединци.
– Царинската управа ќе продолжи да делува во насока на зачувување на финансиските интереси и стабилност на финансискиот систем преку поголема ефикасност на институционалните капацитети во наплатата на приходи, подобрување на услугите и сузбивање на криминалот и корупцијата, се наведува во соопштението.