Култура
Изложба на „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т“ во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, во 20 часот ќе биде отворена изложбата со наслов „Тактика институционалис“ на уметничкиот колектив „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“
Создавањето на овој колектив е инициран од идејата „да се подигне свеста на пошироката јавност во однос на современата уметност и интеркултурниот дијалог со помош на огромната моќ на уметноста преку нејзините средства и ненасилно да ги менува нештата во нашето општество во позитивна насока“, што, всушност, може и да се нарече нивни манифест.Токму во таа смисла е креирано и името на колективот „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. (Иновативна, Научна, Студија на Трудот, Идеализмот и Трансценденталноста на Уметноста и Творештвото)“.Од досегашните нивни изложби, перформанси, инсталации, интерактивни театарчиња…, воочлива е побуната и интересот да се создаде ликовен јазик на меѓусебно поврзување во заеднички проекти, кои ја деконструираат конвенционалноста и апсолутноста на уметничкото дело.Работата во група или колектив подразбира и меѓусебно поврзување и „воспоставување врска“ и креирање на една таканаречена матрица која од „колективен индивидуализам“ преминува во „индивидуален колективизам“, сè со цел да се постигне енергија на нова, повисока и неограничена свест во уметничкиот израз.Изложбата „Тактика институционалис“ е продолжение на заедничките цели во уметноста на колективот „Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т.“, каде се практикува оплодување на нивните идеи, пристапи и уметнички пракси, се зголемува колективната интелигенција овозможена од вкрстување и комбинирање на повеќе креативни умови и дисциплини, со што се збогатува нивната (и нашата) социјална активност и перцепција преку вмрежување на капацитетите кои се вклучени.Уметничкиот колектив постои повеќе од две години. Во неговата активност учествуваат петнаесетина млади уметници, а своите досегашни настапи пред културната јавност ги реализираа во просториите на Геолошкиот институт во Скопје.Изложбата „Тактика институционалис“ е нивното прво заедничко уметничко претставување во институциите на системот
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.