Култура
Македонија со автентичен штанд на саемот на книгата во Франкфурт
На најголемиот саем за издаваштво во светот, кој од денеска се одржува во Франкфурт, Германија, учествува и Македонија со свој штанд
Комесари на националниот штанд се издавачката куќа ТРИ, кои обезбедија околу 400 книги од македонските издавачки куќи, од кои 114 наслови преведени на англиски јазик, најмногу за македонското културно – историско наследство, а во помал број романи. Благодарение на долгогодишната меѓународна соработка, за македонската промоција, комесарите од издавачката куќа ТРИ го потврдија присуството на претставници од 30 издавачки куќи од Европа, пред кои ќе ги претстават двата македонски бестселери, специјално за саемот преведени на англиски, „Последниот чај“ од Винка Саздова и „Индиго Бомбај“ од Јагода Михајловска Георгиева. Штандот е лоциран во 5-та хала. Автентичен и оригинален, штандот е поставен на 32 метри квадратни, во традиционални македонски бои, со препознатливиот мозаик од Хераклеја на подот. Идејното решение го изработи маркетинг агенцијата Њу Момент од Скопје. „Задоволни сме од вниманието и интересот кој агентите, луѓето од издавачките куќи од цел свет и генерално посетителите го покажуваат кога ќе дојдат на нашиот штанд. Заинтересирани се за изданијата што ги имаме на англиски јазик, како за некој од двата романи кои в петок ќе ги промовираме и од кои бараат примерок, така и од луксузните енциклопедии за македонското културно богатсво кои дури бараат и да ги купат”, Вели Александар Саздов, менаџер во издавачката куќа ТРИ. Инаку на саемот за книга во Франкфурт, годинава учествуваат околу 7000 издавачи од 114 земји од светот. Ќе бидат промовирани 309 илјади наслови на книги од кои 103 илјади се книги за прв пат објавени во 2010 година. Куриозитет е што токму на првиот ден од саемот, македонскиот писател Гоце Смилевски, ја доби специјалната награда за литература што ја доделува Европската Унија а која официјално ќе му биде предадена во Брисел. „Содржината се среќава со технологијата“ е под мотото на овогодинешниот саем кој за прв пат ќе промовира изложбени платформи дизајнирани за промоција на технолошки и дигитални производи на компаниите. Домаќин на Саемот во Франкфурт за 2010 е Аргентина, која на светот му се претставува под мотото „Kкултура во движење“. Нејзината литературна и издавачка сфера важи за една од најживописните во Латинска Америка. Скоро 300 дела на аргентински писатели ќе бидат преведени на 31 јазик, како резултат на нивното претставување оваа година во Франкфурт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Штркот Силјан вечерва ќе слета на Менхетн
Вечерва, во легендарниот IFC Center во Њујорк, ќе се одржи американската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на Тамара Котевска. Публиката на Менхетн ќе има можност да го доживее ова ремек-дело од филм што веќе почна глобално да освојува, буди љубопитност кај критичарите, а раскажува една оригинална македонска приказна за штркот Силјан.
Веднаш по проекцијата, ќе следува разговор со публиката, на кој ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Jean Dakar (кинематографер и продуцент). Ова е можност американските гледачи одблиску да ја чујат приказната директно од авторите за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот, кој го инспирира целиот проект.
Филмот ја почна својата светска авантура во Венеција, каде што ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следувааа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.
Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на „Нешнал џеографик“ (National Geographic Documentary Films).
Овој филм е наш кандидат за „Оскар“ за категоријата најдобар странски филм, а токму „Нешнал џеографик“ го пријавува овој филм за трката за „Оскар“ во категоријата најдобар документарен филм. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка повторно имаме шанса за двојна номинација за „Оскар“ поради Тамара Котевска.
Вечерашната американска премиера во IFC Center е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори. Се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк, која го следи успешниот лет на „Силјан“.
Приказната за Силјан, човекот и штркот што создадоа нешто многу поголемо од случајна средба, вечерва го почнува својот најзначаен лет во САД.
Култура
Факултетот за музичка уметност го најави годишниот концерт „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“
Факултетот за музичка уметност – Скопје го најави годишниот концерт насловен „ОРИОН – каде што се раѓаат ѕвездите“, кој ќе се одржи во петок, 5 декември, со почеток во 20:00 часот во Големата концертна сала на Македонската филхармонија. Настанот е дел од одбележувањето на 59-годишнината од постоењето на институцијата.
ФМУ – Скопје истакнува дека како алма матер на голем број уметници од земјата и регионот, останува централниот столб на музичкото и балетското образование, создавајќи генерации изведувачи, педагози и творци кои го обликуваат уметничкиот живот во Македонија.
На концертната програма ќе настапат Симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Камерниот гудачки оркестар „ФМУ Солисти“, Оркестарот од народни инструменти со солисти, студенти од Катедрата за балетска педагогија, од Катедрата за џез и популарна музика, како и дувачкиот ансамбл на ФМУ, под водство на проф. м-р Цанев, проф. м-р Татарчевски и доц. м-р Спироски.
Публиката ќе има можност да слушне дела од Пурсел, Сен-Санс, Прокофјев, Тиле/Вајс, Коен, Сусато, Горецки, Гершвин, македонска традиционална музика, како и нови композиции од студентите А. Голчева и М. Цветановска.
Влезот на настанот е слободен.
Култура
Сè што ни е заедничко“ – во МСУ изложба што го иницира прашањето „Дали навистина го дишеме истиот воздух?“
Сè што ни е заедничко (Институција во дишење) – нова изложба во МСУ-Скопје од 27 ноември
Во Музејот на современата уметност – Скопје на 27 ноември 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Сè што ни е заедничко (Институција во дишење)“, кураторски проект на Мира Гаќина и Јованка Попова.
Во изложбата учествуваат Forensic Architecture, Денис Фереира да Силва и Арџуна Неуман, Дурмиш Ќазим, Џумана Мана, Зорица Зафировска и Палестинскиот музеј.
Проектот тргнува од прашањето дали навистина го дишеме истиот воздух. Изложбата го поставува воздухот како ресурс што формално го делиме, но не и еднакво, укажувајќи на токсичните атмосфери – буквални и политички – и на позицијата на маргинализираните заедници.
Инспирирана од концептот на Фанон за „борбено дишење“, поставката ги истражува уметничките практики што откриваат колонијални, империјални и капиталистички структури впишани во воздухот што го дишеме. Авторите визуелизираат токсични облаци, архиви на насилство и невидливи атмосфери што влијаат врз секојдневието.
Паралелно со изложбата, која ќе трае до крајот на февруари, ќе се одржат јавни програми. Во рамките на проектот „Институционални градини“ на Зорица Зафировска ќе има детски работилници за садење и изработка на семенски топчиња, активности за чистење и обновување на просторот околу МСУ, поставување компостна кутија и прикажување едукативни видеа.
Со оваа поставка МСУ-Скопје се претставува како „институција во дишење“ – отворена, инклузивна и ориентирана кон заедницата, со повик за заедничко размислување и акција. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Албана Бектеши.

